Видео: Реката Витим го однесе најопасниот мост во Русија

Сергеј Долја/wikimapia
На границата на Забајкалието и Бурјатија сантите мраз што ги носи реката урнаа еден од столбовите на познатиот, најопасен мост во Русија. Жителите на населбата Куанда сега се отсечени од светот.

Во областа е воведен режим на вонредна состојба. Настанот го оценуваат како вистинска катастрофа. Единствената преостаната врска со светот е возот кој минува трипати на ден.

Куандинскиот или Витимски мост беше долг 570 и широк 3 метри. Населбата Куанда со околу илјада и петстотини жители се појави 1981 година и наскоро потоа го доби неофицијалниот назив „мала престолнина на БАМ“ (Бајкалско-Амурска магистрала), затоа што токму во близина на Куанда во 1984 година беа споени западниот и источниот дел на магистралата.

На снимката објавена на интернет пред неколку дена се гледа како реката за две-три минути носи еден од столбовите на мостот. Снимателот притоа вели: „Го нема повеќе Витимскиот мост! Останавме на остров....“

Весникот Ouest-France во 2016 година пишуваше за 10 најопасни патишта на светот, а два од нив се наоѓаат во Русија. Авторите го издвоија Витимскиот мост затоа што, како што напишаа тие, не е за кукавици.

Многумина доаѓаа во овој крај само за да го преминат мостот и потоа да ја објават снимката на социјалните мрежи.

„Должината на мостот е околу половина километар, а ширината тамам за тркалата на автомобил“, пишуваше познатиот руски блогер и патник Сергеј Долја. „Нема никаква ограда. На железничките шини едноставно нафрлале летви кои со ништо не се прицврстени. Над реката дува силен ветар. За да не се лула колата треба да се отворат сите прозорци, да се дозволи струење на воздухот“, пишуваше Долја.

На „Фејсбук“ дури и постои група за луѓето кои се возеле по мостот. Има околу 230 учесници и повеќето од нив се странци. Инаку,  локалните жители не паметат некој воопшто да падал од мостот.

А ние ви нудиме да погледнете 10 импресивни руски мостови

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња