Путин раскажа за својот дедо кој бил готвач кај Ленин и Сталин

Алексеј Дружинин/Sputnik
Шефот на руската држава зборуваше во документарниот филм „Путин“ и за тоа како неговиот дедо по мајка војувал во Првата светска војна на руско-австрискиот фронт.

Претседателот на Русија Владимир Путин раскажа во филмот на новинарот Андреј Кондрашов како неговиот дедо по татко Спиридон Путин работел како готвач кај Владимир Ленин и Јосиф Сталин, а дедо му по мајка на фронтот во Првата светска војна покажал сочувство спрема непријателот.

„Да, дедо ми беше готвач првин кај Ленин, а потоа кај Сталин, во една од подмосковските викендички во Горки“, рече Путин во филмот објавен на социјалните мрежи „ВКонтакте“ и „Одноклассники“.

Како што рече рускиот претседател, тој лично никогаш не бил во тие резиденции, но татко му му зборувал дека одел кај дедото во посета уште додека работел кај Сталин, дека го пуштале и дека видел како се живеело таму. Путин рече дека дедо му Спиридон по смртта на Сталин со сопругата живеел и работел во Илинск, каде се наоѓало одморалиштето на московскиот градски комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз. „Чудно е што тие не беа репресирани, напротив, очигледно е дека ги ценеле, сфаќајќи дека тоа се луѓе кои никогаш нема да ја изневерат довербата“, нагласи Путин. 

Сеќавајќи се на дедо си по мајка Иван Шеломов, Путин раскажа дека тој во Првата светска војна учествувал во борбите на руско-австрискиот фронт. Кога во еден момент забележал како еден војник од непријателскиот ров нишани во него, дедото успеал прв да запука. Режисерот Никита Михалков, кој во филмот ја продолжи оваа приказна, рече дека Иван Шеломов, откако ги слушнал офкањата од непријателскиот ров не го докрајчил ранетиот војник, туку доползел до него и му ја превил раната, а овој во знак на благодарност му ја бакнал раката.

Путин на крајот рече дека токму тоа сочувство е она што е својствено за рускиот човек и неговиот менталитет.

Прочитајте повеќе: Путин напиша колумна за своите родители и за војната

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња