Вистинските пријатели на Владимир Путин - кои се тие?

AP
Путин има многу пријатели и познаници. Со некои од нив тој оди на риболов и вози ретроавтомобили, со други оди на театар и на гости кај заеднички пријатели. Во неговата листа влегуваат неговите спаринг-партнери во џудо, бизнисмени и колеги со кои работел во општината во Санкт Петербург. Има и такви кои се особено блиски на рускиот претседател.

Сергеј Ролдугин 

Солист и диригент во Мариинскиот театар, музички менаџер, филантроп, светски познат виртуоз по чело од Санкт Петербург, Сергеј Ролдугин има многу јавни „дефиниции“. Во текот на многу години „најдобриот пријател на Путин“ не беше најважното меѓу нив. Ролдугин никогаш не се обидел да го крие долгогодишното пријателство со рускиот претседател: едноставно не го истакнува. Во април 2016 година Ролдугин за прв пат привлече внимание како „најдобар пријател на Путин“, кога Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинари (ICIJ) се обиде да го поврзе со офшор-компании во Панама. 

Сергеј Ролдугин

Во биографијата на Путин „Првиот човек“ (2000 година), Ролдугин раскажува како се запознал со идниот претседател во 1977 година и како „оттогаш се заедно“. Тогаш двајцата имале нешто над 25 години. Путин веќе ја имал завршено Вишата школа за право и работел во одделот за контраразузнавање на КГБ. Ролдугин се сеќава: „Володја учеше со брат ми. Јас живеев во друг град, а кога дојдов во Ленинград (оригиналното име Санкт Петербург, обновено во 1991 година) брат ми ми раскажа за Вовка. Тој ми е како брат. Кога немав каде да одам, одев кај него, спиев и јадев таму“. Ролдугин е единствениот од пријателите на претседателот, кој го нарекува јавно не само по име, но со користење и неформални имиња, како што се наведува во весникот „Ведомости“. 

Заедно оделе на двојни состаноци, учествувале во улични борби, возеле автомобил низ ноќниот град и заедно ја однеле ќерката на Путин Маша дома откако се родила (Ролдугин е нејзин кум). Во споредба со Путин во тоа време челистот се справувал многу подобро. Само што го завршил Конзерваториумот во Ленинград, тој оди на турнеја во Јапонија: „Имав повеќе пари од Вовка. Му носев сувенири од моите патувања, маици и други работи“. 

Тихон Шевкунов 

Повеќе од 15 години медиумите и некои политичари зборуваат за овој влијателен епископ како за исповедник на Путин, иако самиот отец Тихон никогаш не го изјавувал тоа јавно (или не го негираше, ниту пак од Кремљ го направиле тоа). Се смета дека тој е многу близок со претседателот: се зборува дека, со исклучок на него, никој не го познава Путин толку блиску. „Всушност го познавам Владимир Владимирович Путин само малку“, вели отецот, додавајќи: „Оние кои се подготвени да изјават дека го познаваат нашиот претседател во целост, нека го фрлат првиот камен врз мене“. 

Свештеникот Тихон Шевкунов

Се смета дека нивното пријателство започнува откако тогашната жена на Путин Људмила речиси не загинува во сообраќајна несреќа во 1993 година и идниот претседател прави биланс на својот живот. „Еден ден тој дојде во нашата црква, бидејќи манастирот се наоѓа во близина на местото каде што работеше“, вели отец Тихон. Пред да се сретне со Путин, тој веќе е познат како „свештеникот Лубјанка“: на крајот на краиштата Путин не е единствениот руски православен верник меѓу вработените на КГБ, кој оди да зборува со свештеник.

Исто така се зборува дека Тихон Шевкунов има големо влијание врз Путин. Тој во неколку наврати го негираше ова тврдење, велејќи дека човек, способен да влијае на одлуките на Путин, „не постои“. „Зашто претседателот, како што е добро познато, не толерира никакви директни или индиректни обиди да му се влијае“, инсистира тој. Шевкунов, откако го завршува ВГИК (една од најпрестижните филмски школи во земјата), снима хроника за својот манастир, која е со негово учество. Тој, исто така пишува книги, вклучувајќи мемоари, но никогаш не се споменува во нив претседателот.

Виктор Медведчук

На почетокот на веков, тој изгледа „како човек од вселената“. Во книгата на Михаил Зигар „Владимир Путин. Неизбежна војна“ познатите московски аналитичари го опишуваат Виктор Медведчук вака: „Европски посредник, сосема различен од сите други, напреден, образован и многу ефикасен“. Според истата книга овој „европски посредник“ е целосно интровертен: за да разговарате со него, ќе треба да дојдете преку десетина помошници и советници. 

Виктор Медведчук

Неговото пријателство со Путин е широко познато: започнува кога Медведчук е началник на администрацијата на украинскиот претседател Леонид Кучма (2002-2005 година). Путин е кум на ќерката на Медведчук, за време на посети на Крим тој престојува во дачата на Медведчук во тесен семеен круг и коментира за него во телевизиско интервју. Според Путин, Медведчук е украински националист, иако на самиот Медведчук не му се допаѓа оваа дефиниција, наместо тоа претпочита просветен патриот. „Не е тајна дека неговиот татко бил активен член на организацијата на украинските националисти, осуден од советскиот суд е фрлен во затвор и бил прогонет во Краснојарск, каде што е роден Медведчук“, вели Путин.

Цело ова време Медведчук е активен посредник меѓу Москва и Киев, официјално потврден од Кремљ. Според книгата на Зигар за време на Портокаловата револуција од 2004-2005 година Владимир Путин верува само на еден човек во Киев - неговиот пријател Виктор Медведчук.

Лазар Матвеев и Сергеј Чемезов 

Сергеј Чемезов

Постои теорија дека вистинска доверба Путин има само во „Дрезденската група“, колегите од разузнавачкиот одред во Дрезден, каде идниот претседател работел меѓу 1985 и 1990 година. Еден од оние „пријатели за цел живот“ е Сергеј Чемезов. Во моментов раководи со огромната државна корпорација „Ростех“, другиот е „учителот“ на Путин, неговиот шеф во Дрезден Лазар Матвеев. Речиси 30 години продолжуваат да остануваат во контакт. Матвеев наполни 90 години и заедно со Чемезов Путин отиде во неговиот стан - во обичен блок во московскиот кварт „Жулебино“ да му го честита роденденот.

„Каква е поентата да се негира нешто што се случило? Ние навистина работевме заедно во ГДР ... Живеевме во ист станбен блок, бевме блиски како колеги и соседи“, потсетува Чемезов. Во тоа време и двајцата биле во брак и нивните сопруги исто така биле пријателки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња