Како изгледаат?
Ретко можат да се видат во други делови на земјата. Затоа понекогаш изгледа како да живеат на крајот од светот. Жителите на централните и на европските делови на Русија, доколку некогаш отидат на Далечниот Исток, обично тоа го прават поради подобра плата, зашто заработката таму е поголема за 50-60% поради тешките временски услови. Луѓето од Владивосток (9.000 километри од Москва) прават шеги на нивна сметка: поголемиот дел од оние што со кола ќе тргнат за Владивосток на половина пат паѓаат во депресија и се враќаат назад.
Јуриј Смитјук / TASS
Всушност, типичниот жител на Далечниот Исток не се грижи многу поради тоа што „копното“ (како што ја нарекуваат централна Русија) е толку далеку. Тие својот „островски синдром“ го напуштаат само кога станува збор за една работа: цената на патувањето од регионот и назад. Вака изгледа типичен коментар од Интернет-форум: „Знаете во што е работата? Доколку решите утре да отпатувате во Чешка или на некое друго место, вие тоа само го правите. Додека мене, штом ги видам цените на Аерофлот, целиот ентузијазам моментално ми се губи“. Со други зборови, тоа не ги засега.
Доколку некој жител од Далечниот Исток сепак дојде во Москва или во Санкт Петербург, тој често се разочарува: жителите на овие градови му изгледаат како една сива маса и мошне се разликуваат од него. Ова особено се однесува на жените од Владивосток. „Не беше важно дали одите на планина или на друго место: во осумдесеттите години од минатиот век сите жени носеа штикли и кожни капути кои тогаш беа во мода. Секако, понекогаш и претеруваа. На пример, знаеја да стават дијаманти кога одат во бодибилдинг-клуб. И денес жените во Владивосток убаво се облекуваат“; вели Елена Белоус, жителка на овој град.
Уште една работа: луѓето на Далечниот Исток зборуваат многу побргу од оние кои живеат во другите делови на Русија.
Каде излегуваат?
Во селските населби на Далечниот Исток, особено во оддалечените места, нема толку многу места за забава. Но, локалното население затоа може да вози сноуборд по околните планини или да ја гледа поларната светлина од локалниот ресторан покрај патот со многу вкусна вечера.
Јуриј Смитјук / TASS
Жителите на рускиот Далечен Исток налето одат во најпопуларниот регион за одмор: Приморскиот крај на брегот на Јапонското море. Од јуни до октомври брегот е прекриен со шатори. Локалното население на Приморскиот крај, секако, не е воодушевено од инвазијата на „Варјагите“ кои го заземаат најдоброто место под сонцето, но, од друга страна, знаат дека тие всушност немаат каде да одат на друго место.
Што возат?
Прво и прво, ниту еден руски регион нема толку автомобили колку што има на Далечниот Исток. Како второ, таму руско возило се среќава исто толку ретко колку што се среќава тигар.
Виталиј Анков / Sputnik
На пример, на Камчатка на 1.000 луѓе има 472 автомобили, додека рускиот просек е 285 возила на илјада лица (според аналитичката агенција „Автостат“). Освен тоа најмалку три четвртини од автомобилите имаат волан од десната страна и се произведени во Азија, најчесто во Јапонија, Кина или Кореја.
Автомобилите со волан на десната страна претставуваат извор на инспирација за жителите на рускиот Далечен Исток, ним дури им се посветени и песни со стихови како што е „воланот е од десната, а срцето од левата страна“. Постои дури и локална марка пиво со назив „Праворуљное“ („Десноволанско“).
Што прават?
Речиси сите жители на рускиот Далечен Исток барем еднаш во животот биле во Азија. Добро се сложуваат со луѓето од соседните земји и често ги опишуваат како пријателски расположени и симпатични. Жителите на рускиот Далечен Исток купуваат преку Интернет-платформи како што е Алиекспрес (а, така често и заработуваат).
Сергеј Бобиљев / TASS
Луѓето од Далечниот Исток на Русија имаат специфичен однос кон парите, зашто речиси сите имаат заштеда. Тоа не значи дека локалните жители без исклучок се штедливи луѓе. Тоа само значи дека типичен жител на Далечниот Исток вечно сонува за тоа еден ден да се пресели на некое друго, потопло место.
Но, кога ќе се отселат, многу бргу почнува да им недостасува она што го напуштиле. „Кога се преселивме во Москва, доаѓав крај езерото, го покривав лицето со рацете за пред очите да ми остане само површината на водата и замислував дека тоа е морето“, вели Ана Шиц-Булавина.
Но, луѓето обично не се селат, ами одат на долг одмор (според законот, жителите на Далечниот Исток имаат право на подолг годишен одмор), по што извесно време се мирни. Тие знаат дека Далечниот Исток е место од кое на човека му е потребен одмор.
Кога станува збор за мечките, сè што се зборува за нив е вистина. Локалното население и понатаму се шегува дека за навистина да се одомаќините во нивниот крај, треба да видите мечка на оддалеченост од 15 метри и да ја преживеете таа средба.