Жилав и отпорен на студ: Како изгледа еден типичен жител на Сибир?

Getty Images
Обично се мисли дека во Сибир по градските улици шетаат мечки и дека на сите страни тече вотка. Исто така се смета дека „сибирскиот мужик“, односно просечниот жител на Сибир, е човек со челичен карактер кој може да опстане во сите услови. Дали е навистина така?

Сибир е толку голем што многумина Руси не знаат ниту каде започнува, ниту каде завршува. Неговата територија е поголема од Канада, а Канада според големината е втората држава во светот. Сибир секогаш се поврзува со непроодните тајги и со екстремниот студ.

Сето тоа е точно, но само делумно. Во Сибир има 19 градови со над 100.000 жители и три града со над милион жители. Административен центар е Новосибирск (3.360 километри источно од Москва). Жителите на Сибир е „носители“ на најстереотипните претстави за Русија.

Како изгледа типичен сибирец?

Сибирците во извесна смисла се Азијати. Сибир е територија во Северна Азија, се граничи со Монголија и во него има доста азиска крв. Навистина, и европските црти на лицето се мошне присутни зашто Сибир во советско и во царско време бил територија на која во голем број се населувале жители од европскиот дел на Русија.

Човек со „типично сибирско лице“ (а, секој Сибирец има сопствена претстава за тоа што е типично) барем еднаш во животот можете да го сретнете облечен во „крзнен комплет“, односно од глава до пети „натронтан“ со крзно од дабар, што не е воопшто чудно зашто назима температурите на Сибир се движат меѓу -20 и -40 степени според Целзиус.

„Се сеќавам како на училиште заминував како на арктичка експедиција: чизми со превртено крзно, бунда до колена, ракавици исплетени од кучешко влакно, капа од крзно од куна, а преку целото лице шал од мохер. Имав и мал прорез за очите зашто надвор беше -38 степени Целзиусови“, вели жителот на Лесосибирск, град на брегот на Енисеј (256 километри од Краснојарск).

Топлото сибирско лето обично трае само еден месец. Веќе во септември многумина носат капи. Најверојатно тоа е причината зашто луѓето од Сибир повеќе страдаат од депресија одошто жителите од останатите делови од земјата. За волја на вистината, Сибирецот веројатно самиот нема да ви признае дека му е тешко. Сибирскиот карактер подразбира жилавост, така што Сибирецот својата мака ќе ја скрие длабоко во душата, а однадвор ќе делува мошне бодро и решително. Сибирците не се ситни души, тие не сакаат празни зборови.

„Нашето семејство е големо и сите сме различни. Но, еден од моите браќа е типичен Сибирец. Во случај на несогласување тој многу-многу не зборува, ами веднаш удира по муцката“, пишува Интернет-коментаторот Bronik. Се смета дека Сибирците се искрени и непосредни, но сите прашања ги решаваат „по кратка постапка“, така што не е препорачливо да се влегува во конфликт со нив.

Што прави типичен жител на Сибир во слободното време?

Дури и на -40 степени животот во Сибир тече со вообичаен тек. Во слободно време Сибирците одат на риболов на мраз, или си одат на гости и заедно гледаат телевизија, или мајсторски (како што се научени од детство) крцкаат кедрови оревчиња.

Селото Егоровка. Омската област, Русија

„Тука два часа леташ со авион над некои области, а на друго место за тоа време може да се прелетаат неколку земји“, велат жителите на Иркутск. Растојанието од 240 до 600 километри помеѓу населените места за Сибир е вообичаена појава, сите се навикнати на тоа. Да се минат 300 километри за да отидеш на гости за нив е ништо.

Многумина жители на Сибир никогаш не биле во Москва. До главниот град на Русија со авион во просек се патува од 4 до 6 часа. Исто толку се патува до Кина или до Тајланд. Годишниот одмор Сибирците го минуваат во Азија, додека патувањето во Европа за типичен жител на Сибир е сон кој ретко кому се остварува.

Патем, стереотипната претстава за мечките кои шетаат по улица најчесто се потврдува тука, во Сибир. Не е толку ретка ситуацијата Сибирец да тргне во продавница и по пат да се сретне со мечка.

За што размислува типичен жител на Сибир?

Сите на Сибир го чекаат летото, но цел живот се подготвуваат за зима. „Дури и додека лежи на плажа на Енисеј, Сибирецот размислува каква ќе биде следната зима. До која длабочина ќе замрзне земјата? Дали да купи четири тони јаглен или, пак, пет за секој случај?“, вели Алексеј, жител на Краснојарск (4.144 километри од Москва), каде многумина сè уште се греат на јаглен.

Секоја година Сибирците задоволно се смешкаат кога ќе слушнат дека Москва ја зафатиле мразови и температурата се спуштила на -10 степени Целзиусови, поради што градот е парализиран, а децата не одат на училиште. Жителите на Сибир не сакаат мраз, но со гордост раскажуваат за него. Тие можат бескрајно да раскажуваат за суровата клима, но никогаш нема да го напуштат своето родно место, и по тоа се разликуваат од останатите жители на Русија.

Напротив, типичен жител на Сибир секогаш се прашува зошто престолнината не се премести на Сибир. Ним им е тоа логично зашто тогаш од сите краишта на Русија би се патувало еднакво долго до центарот. Покрај тоа, Сибир е ризница на природните богатства на Русија, односно на нафта и на гас.

Типичниот Сибирец смета дека сибирските супервоини ја однеле победата во Втората светска војна. Митот за непобедливиот Сибирец тука е сè уште доста распространет. „Како што подоцна се сеќаваа ветераните, во тие полкови вистински Сибирци имало најмногу 10%, но тие на сите им зборувале: Дојден си во сибирска дивизија, тука сите се навикнати да војуваат до крај“, велат проучувачите на сибирскиот карактер.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња