Министерот за одбрана на РФ генерал на армија Сергеј Шојгу го одликуваше со звањето Херој на Руската Федерација постхумно мајорот Роман Филипов, заменик-командир на ескадрила на јуришниот авиополк на Источниот воен округ кој загина во Сириската Арапска Република на 3 февруари 2018 во борба против терористите.
Авионот Су-25, со кој управуваше Филипов обиколувајќи ја зоната за намалување на затегнатоста „Идлиб“ поради контрола на режимот на прекин на огнот, терористите го соборија со ракетен систем за противвоздушна одбрана, соопшти рускиот воен ресор.
Пилотот до последен час се обидуваше да го задржи авионот во воздух и успеа да ја извести командата дека е погоден со ракета. Откако се катапултираше на подрачјето на населеното место Тел Дебес кое се наоѓа под контрола на терористите, мајорот Роман Филипов водеше до последен здив нерамноправна борба од регуларно оружје не отстапувајќи пред терористите ниту еден момент. Меѓутоа, кога тие се доближија на неколку десетици метри, рускиот офицер со бомба се крена во воздух, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на РФ.
Како што се нагласува, на родителите и на семејството на загинатиот мајор ќе им биде дадена сета неопходна поддршка и помош.
Мајорот Филипов беше искусен пилот за кого ова не беше првата задача во Сирија. Зад него имаше десетици блескаво изведени борбени задачи во кои се ликвидирани терористи и придружувани хуманитарни конвои на рускиот Центар за помирување на завојуваните страни. Ја има завршено Краснодарската висока воена пилотска школа и е сметан за перспективен пилот кој веќе уживаше голем углед во војската.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче