Во руските филмови сигурно сте виделе дека Русите пијат пиво во парк, на улица, но сега сето тоа е забрането со закон. Алкохол можете да консумирате само дома или во барови и ресторани. Пијалаците со помал процент алкохол се дозволени во некои кина и ресторани за брза храна, секако ако ги купите таму. Казната за консумирање алкохол на јавно место може да изнесуваат од 500 до 1.500 рубли (9-26 американски долари).
До неодамна можеше да се пуши на кое било место: на аеродром, во кафуле, во воз. Сега може да се пуши само надвор (стојте барем 15 метри подалеку од влезот на метро или на железничка станица), во сопствениот автомобил, и на специјални места за пушење кои на руски се нарекуваат „курилка“. Казната за пушење на јавно место се движи од 500 до 15.000 рубли.
Дали може да се пуши на балкон? Добро прашање. Во ноември 2017 година рускиот суд ги обврза некои пушачи да им платат отштета на своите соседи поради пушење на балкон.
Чуварите на редот во Русија имаат право да запрат човек на улица и да побараат да му ја видат легитимацијата. Полицијата исто така има право да задржи лице (и не само странец) три часа, додека не се утврди неговиот идентитет. Бидете љубезни со чуварите на редот: ако не сте направиле ништо лошо, нема за што да се грижите.
Замислете дека ве поканиле на гости и сте седнале на маса полна со храна и пијалаци. Според руската традиција по првата чашка вотка не се јаде, и нема пауза помеѓу втората и третата чашка. Доколку сте задоцниле, Русите ќе побараат да испиете „казнена“. Руските седенки обично траат повеќе часови и многу се пие. Немојте да се натпреварувате со домаќините во пиење алкохол. Но, ако веќе сте решиле да бидете „во чекор со нив“, би било добро да не седнувате на маса гладни. Традиционалните салати со мајонез се добра подготовка за пијанките.
Во Русија не постојат посебни зборови за обраќање на маж или на жена како што се „господин“ и „госпоѓа/госпоѓица“. Затоа на младите најчесто им се вели „момче“ и „девојко“(молодој человек - девушка). Но, што ако станува збор за постари луѓе? Ако според ваше мислење станува збор за луѓе кои ѝ припаѓаат на категоријата „баба-дедо“, не значи дека треба да им кажете „бабушка“ или „дедушка“. Би било попристојно да им кажете „женшчина“ или „мужчина“. Но, ако се тоа луѓе во средна возраст, ништо не одговара. Непозната жена од 30 до 60 години може да се навреди ако се обидете да ја подмладите до зборот „девојко“ (продавачките се исклучок зашто се навикнати да ги викаат така стотина пати во текот на денот), и да се навреди исто како да сте ѝ кажале „женшчина“! Затоа е наједноставно и најдобро да се обратите со зборовите „Извинете, ве молам...“ („Извините, пажалујста...“)
Возраста и платата во Русија се мошне лични нешта. Можеби една жена може да праша друга колку години има години, но не и маж. Истото се однесува и на платата. Можете слободно да му кажете колку заработувате, но не очекувајте дека соговорникот ќе ви врати со иста мера.
Ова е непишано правило во целиот свет, а Русија воопшто не се разликува од другите држави. Вообичаено и нормално е да се ослободи место на постар човек или на трудница. Некои Руси воопшто нема да седнат додека некоја жена стои.
Ако некој на улица ви пријде и ви понуди нов Ајфон, бидете сигурни дека станува збор за украдена стока. Ако сакате да купите смартфон, купете го во специјализирана продавница.
Истото се однесува и на парите. Менувачниците се ризични зашто можат да ви дадат фалсификувани пари. Доколку не сакате да ви се случи тоа, одете во банка или сменете ги парите во хотел. Навистина, курсот нема да биде како во банка.
Можеби ова ви изгледа чудно, но Русите се навикнати да им се насмевнуваат само на блиски луѓе и можат да се почувствуваат незгодно доколку некој странец туку-така и без посебна причина им се насмевнува.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче