Што работи Владимир Путин „кога не работи ништо“?

Путин во московски ресторан, 1 мај 2012

Путин во московски ресторан, 1 мај 2012

Reuters
Функцијата претседател на државата подразбира јавност во сѐ. Театрите, кината, галериите, општествениот живот на највисокиот функционер често стануваат „работа“ во рангот на политичкиот. На некои настани се решаваат одредени прашања, а на други присуството е обврзано од функцијата. Постојат, меѓутоа, места на кои Владимир Путин не оди само по службена должност.

Однос кон театарот

Рускиот претседател во никој случај не е љубител на гостувањата во забавните телевизиски емисии како главен гостин, така што во текот на 18 години колку што е на власт, тој никогаш нема гостувано во таква програма. Наместо тоа, општествениот живот на претседателот главно е фокусиран на театарот, па доколку мора најчесто ќе го избере театарот за излегување.

Путин во театарот Бољшој

Високите странски гости тој ги носи во театрите познати во целиот свет. Така во 2000 година, на премиерата на операта „Војна и мир“ на Сергеј Прокофјев во Мариинскиот театар, тој го покани британскиот премиер Тони Блер со неговата сопруга. Во театарот Бољшој на заеднички концерт со Израелската опера тој беше во друштво со премиерот Бенјамин Нетанјаху. Тогаш, меѓу другото, во Бољшој беше поставен Антон Чехов и Путин ја одгледа во целост таа претстава. Тој, исто така, го гледаше Чехов и во други театри во земјата кои не им се толку познати на странците, како што се на пример „Современик“, Et Cetera или МХТ Чехов. На некои претстави сакаше да дојде повторно, но околностите не му дозволија.

На пример претставата „Од главата си патиме“ (класичната драма на Александар Грибоедов) Путин ја гледаше во „Современик“ и планираше да ја гледа и во Малиот театар. Меѓутоа, ложата остана празна, затоа што таа вечер, на 19 декември 2016 година беше убиен амбасадорот на РФ во Анкара Андреј Карлов. Малиот театар беше посетен од претседателот четири месеци подоцна, кога ја гледаше „Последнаа жртва“ според драмата на Островски, исто така голем руски класик.

Музика за претседателот

„Отсекогаш со огромно задоволство сум слушал, а и сега слушам популарна класична музика, како од европски, така и од наши автори. Бах, Бетовен, Моцарт, се разбира... Потоа од нашите композитори Рахманинов, па Шуберт во преработка на Лист, изјави на времето Путин. Тоа е официјално вкусот на претседателот. Но, новинарите пишуваат и за неговите неофицијални музички афинитети.

Така весникот „Собеседник“ открива дека претседателот всушност повеќе ги сака шансоните, групата „Љубе“ (руски рок), Григориј Лепс, советска филмска музика, како и диско музика од времето на неговата младост (60-те и почетокот на 70-те години на минатиот век), но и циганска музика.

На пример, ансамблот „Цигански двор“ во неколку наврати настапуваше пред Путин, но и пред Џорџ Буш помладиот, кога тој беше во посета на Русија. Така меѓу почитувачите на овој музички состав на неговата официјална веб-страница се наведени „највисоки функционери“ и „шеф на држава“.

Сепак, се чини дека Путин вистински ја сака и класиката. Провладиното гласило „Комсомолскаја правда“ тврди дека омилена пејачка на Путин е оперската дива Ана Нетребко.

Кои изложби ги посетува Путин

Во галерии и музеи рускиот претседател ретко се гледа, сепак, тој не ги пропушта главните годишни настани на ликовната сцена. Така, во февруари оваа година тој ја посети Третјаковската галерија, каде што ги погледна експонатите од колекциите на Ватикан „Roma. Aeterna. Ремек-дела на Ватиканската пинакотека” и “Ремек-дела на Византија“. Тогаш изложбата во рок од два часа посакаа да ја видат и купија билети 30 илјади посетители. Некои од изложените ремек-дела никогаш порано не биле изнесени од Ватикан, а во Русија пристигнаа благодарение на разговорите на Путин со папата Франциск пред две години.

Путин на изложбата на Валентин Серов

Во јануари 2016 година Путин исто така посети во Третјаковската галерија уште една голема изложба, ретроспективата на Валентин Серов, со чија организација, сепак, немаше никаква врска. Потоа се формираа редици од посетители кои до доцна навечер чекаа да влезат во музејот. Во еден момент граѓаните дури ја изнесоа и влезната врата, а раководството на галеријата мораше да ја запре продажбата на билети за да се избегнат потенцијални жртви.

Кина и ресторани

Морам да признам дека ретко одам на кино, но сакам добри филмови, изјави Путин. За претседателот обично се прикажуваат руски патриотски блокбастери на затворени проекции, а најсвежиот пример е филмот „Саљут 7“, посветен на операцијата за спасување на советската орбиталната станица во која половина од сцените се снимени во бестежинска состојба, што се случи првпат во историјата на кинематографијата.

А кога станува збор за ресторани, Путин има омилен локал во речиси секој руски град, иако повеќето од нив се во Москва и Санкт Петербург. Во северната престолнина на Русија тоа е бродот-ресторан со руска кујна New Island чиј гостин беше со поранешниот германски канцелар, како и ресторанот „Стараја таможња“ кој исто така ѝ се допадна на Бернадет Ширак.

Во Москва за најомилени гостилници на Путин важат „Царскаја охота“ на автопатот Рубљово-Успенски, популарно место меѓу руската политичка елита, или ресторанот со украинска кујна „Шинок“. Тука е и ресторанот со германска кујна и пиво „Пивнушка“, угостителски објект кој на својот сајт постави слика на претседателот за да привлече гости.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња