Како козаците ги донесоа во САД своите каскадерски вештини

Почесна коњичка свита на Претседателскиот полк во Кремљовската школа за јавање настапува на Црвениот плоштад во 2016 година за време на Воениот музички фестивал „Спаска кула“.

Почесна коњичка свита на Претседателскиот полк во Кремљовската школа за јавање настапува на Црвениот плоштад во 2016 година за време на Воениот музички фестивал „Спаска кула“.

Виталиј Белоусов/RIA Novosti
Козаците со векови ги чувале пограничните области на Руската империја. Тие биле совршени воини и одлични коњаници, и мајсторски се снаоѓале со сабја. Денес нивните вештини не се потребни за борба, но сепак ја чуваат својата воена традиција. Делови од тоа станале популарни и во САД.

Џигитовка 

Козаците се познати по мајсторското јавање кое се зове „џигитовка“ (од туранскиот збор „jigit“, кој значи „искусен и храбар коњаник“). Козаците оваа вештина ја презеле пред неколку векови од народите на Кавказот и денес се познати по неа. 

Џигитовка се всушност бравури на коњ во полна брзина. Јавачот стои на коњ, виси бочно, скока од еден на друг коњ итн.

Овие вештини не настанале од забава, ами за користење во борба. Козаците можеле во полна брзина да подигнат од земја некој предмет или ранет другар, да се наведнат на страна и така да се заштитат од непријателскиот оган, и во галоп да се свртат назад кон оние што ги бркаат и да пукаат во нив. 

Учесници на Коњичкиот козачки марш во Волгоград во Севастопољ ги покажуваат своите вештини на Денот на Русија. Севастопољ.

Благодарение на овие бравури, козачкиот коњаник претставувал моќна сила. За него коњот не бил „превозно средство“, ами сигурен пријател. На бојното поле било многу тешко да се спротивставиш на ваква коњаница. 

Наполеон Бонапарта еднаш ги пофалил козачките вештини и рекол: „Само козаците можат да ја освојат Европа“. 

Според правилата на козачката служба од 1899 година, џигитовката била задолжителна за секој козак, а потоа била прифатена и во коњицата на Црвената армија во дваесеттите години на минатиот век. 

По Граѓанската војна многу козаци кои војувале против комунистите биле принудени да избегаат од земјата и да се населат во Европа и во САД. Таму ги покажувале своите вештини на претстави за да заработат пари, а на тој начин џигитовката станала популарна и на Запад. 

Во Северна Америка овие бравури брзо станале популарни и биле задолжителен дел на програмите на родео. За волја на вистината, Американците џигитовката за првпат ја виделе во деведесеттите години од 19 век од Грузијци, кога тие гостувале во САД со своите јавачки програми и често овие Грузијци биле претставувани како козачки коњаници. Но, вистинските козаци се населиле во САД во дваесеттите години од минатиот век и тогаш вештината на јавањето била прифатена во Америка. 

Во Русија џигитовката исчезнала во педесеттите години од минатиот век кога била укината коњицата. Таа сè уште постои на спортските натпревари, на претставите и во традициите на разни козачки полкови во Русија. 

Шашка 

Шашка е вид сабја со една острица која козаците ја презеле од народите на Кавказ. Таа, покрај копјето, била главно козачко оружје. 

Згора на тоа, за козаците шашката била повеќе од оружје. Таа има многу подлабока смила која ги симболизира козачките права и слободата. Во една песна се вели дека „шашката за козакот е како жена во степата“. 

Кримски козаци на натпревар за Купот на атаманот.

Козаците од својата седма година учеле да работат со шашка и затоа и биле прави мајстори на ова оружје. Капата и шашката козакот можел да ги изгуби само заедно со главата. Одземањето оружје на козакот по одлука на старешината било голем срам.

Шашката не се користела за мечување, ами за масовни коњички напади во момент кога непријателот бега и треба да му се зададе последниот смртоносен удар.

Сечилото е лесно и малку заоблено, а нема дршка, така што со шашката можат да се изведуваат разни бравури. Затоа таа станала задолжителен дел од козачките настапи.

Козаците играат со шашка во рацете и изведуваат неверојатни бравури. Ваквите претстави денес немаат практична функција и главно се одраз на старите козачки обичаи.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња