Скриншот
YouTube.comНа почетокот се чинеше дека оваа видео-снимка може на „Јутјуб“ и на социјалните мрежи да стане попопуларна од тестирањето на моделите „Жигули“ и „УАЗ“, со оглед дека „Нива“ (Lada 4x4) е најпознатиот руски автомобил на Запад кој се користи веќе четириесетина години. Меѓутоа, видеото со овој тест за една недела имаше 230000 прегледи, што не е толку многу како претходните снимки. Можеби причината за тоа е што рускиот теренец не е толку егзотична појава на Запад.
„Изгледа фантастично!“ – со тие зборови го почна тестирањето на „Нивата“ Американецот Џеј Ти. Треба да се каже дека автомобилот што тој го тестираше изгледа навистина убаво. Колата е бела боја, стаклата се затемнети, рачките на вратите се црни, а тркалата масивни. Впрочем, тоа не е веќе старата советска „Нива“, туку Lada 4x4 со задни фарови во облик на квадрат.
Новиот модел ги асоцираше американските момци на автомобили за рели, на пример, на стариот „Мини Купер Рели“. „Дали е малку подигната?“, се прашуваше Пол погледнувајќи под тркалата и малку се зачуди кога слушна дека тоа е фабричката варијанта. „Јас не би ја спуштал! Делува мошне дрско за толку мала кола“, истакна тој.
Внатрешноста не предизвика толкаво воодушевување. Џеј Ти беше разочаран кога виде дека некои детали не се добро прицврстени. Како и секогаш, се пожали што нема држачи за чаши. „Ако нема држачи за чаши, тогаш нема ни воздушно перниче. Тоа е секогаш така!“, рече тој сосем сериозно.
На Пол му се причини дека менувачот е премногу климав и дека на задното седиште нема доволно место за патниците. Меѓутоа, се покажа дека предните седишта биле премногу повлечени наназад.
Кога момците тргнаа да се возат, првото што им западна во очи е дека воланот тешко се врти и дека има премногу луфт, и дека сопирачките се мошне меки. „Треба на време да се кочи!“, си рече Џеј Ти самиот на себе кога за малку не излета на улица од преминот. Се пожали и на вишокот вибрација од работата на моторот. „Ја чувствувам и во нозете и во педалите“. А тогаш се сети дека овој автомобил има погон на сите четири тркала па малку ја ублажи својата критика. Кога се паркираше сепак не издржа и рече: „Да, со овој автомобил не може да се ужива во возењето...“
Па сепак, Lada 4x4 има уште шанси да се покаже, затоа што Павел Суслов им вети на Американците дека ќе го повози автомобилот на тешко прооден терен.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче