Балкански водич низ Русија: На што „паѓаат“ Русинките?

Legion Media
Се подготвувате да го привлечете вниманието на некоја Русинка која ви лежи на срце? Сакате да ја восхитите и да го освоите нејзиното срце? Покрај карактерот, интелигенцијата и привлечноста, женските срца се освојуваат и до други мали, но и „малку“ поголеми нешта. Russia Beyond ви ги преставува нештата на кои, според стереотипите, „паѓаат“ Русинките.

Постојат многу стереотипи за различни народи и за различни поводи. Нашата редакција ги издвојува најинтересните стереотипи поврзани за Русинките, а кои можат да се видат во различни руски хумористични серии, како што се „6 кадри“ („6 кадров“), „Една за сите“ („Одна за всех“), „Напред млади“ („Даешь молодежь“), „Кујна“ („Кухня“), „Маратон за три грации“ („Марафон для трех граций“) и други. 

Не на кафе – во ресторан 

На Балканот е сосема природно кога сакате да запознаете некоја девојка да ја повикате на кафе. Веројатно тоа е поради фактот што на Балканот кафето се консумира во големи количества и дека тоа секогаш било повод за дружење. Доколку сакате да импресионирате и подобро да се запознаете со некоја Русинка бидете подготвени дека треба да ја поканите во ресторан. Не паѓајте на финтите за „економична“ варијанта, сепак треба да покажете малку галантност кога станува збор за Русинките. 

„Местото на средбата не се менува“

Доколку на Балканот постои обичај девојката да се „собере“ од дома со своја кола уште на првиот состанок, тоа не е случај и со Русинките. Во една голема држава како што е Русија, а особено во големите градови, недовербата кон непознати лица е многу голема. Ова се должи како на советското минато каде никој никому не верувал и каде секој сметал дека неговиот сосед е можеби „доушник“, но и на големиот процент на криминал особено во мегаполисите. Договорете средба на некое пристапно и прометно место во близина на ресторанот што сте го избрале, а потоа можете со својата партнерка да продолжите и пеш, но гледајте да не биде многу далеку, зашто Русинките во ниту еден момент нема да се откажат од своите омилени високи штикли.

Букет цвеќе и насмевка

Кога тргнувате на состанок пред сè внимавајте на својот изглед. Изберете убава облека која ја опишува вашата личност и вашиот начин на живот. Сепак, тоа не значи дека ако сте спортски тип да се појавите во тренерки, но добро би дошла некоја полежерна варијанта. Во ниту еден момент не помислувајте да се напиете „чашка“ без разлика на тремата што ја имате, зашто дури и најмалата миризба на алкохол претставува голем минус. Гледајте да стасате најмалку пет до десет минути пред договореното време, но во добро расположени и со насмевка на лицето. Едно непишано правило: Русинките сакаат цвеќе, така што букет рози е нешто без кое не се може. 

Вино и фини манири 

И Русинките имаат слабост за силни мажи. Но, не претерувајте со балканскиот контекст. Русинките се самостојни, независни и силни жени и не сакаат многу наметнување на мислење и покажување „кој е кој“. Бидете вистински џентлмен и не заборавајте на фините манири. Виното е секогаш вистински погодок за прв состанок, не штедете пари да изберете добро шише вино за обајцата. Обидете се постојано да се грижите за својата партнерка на вечерта: придржете ѝ го палтото, повлечете го столчето за да седне, подајте ѝ го менито, налејте ѝ вино... Не обидувајте се да сугерирате за изборот на храната, Русинките добро знаат што сакаат да јадат, имаат префинет вкус, а не заборавајте дека тие и внимаваат на линијата. По завршувањето на вечерата секогаш е потребен десерт, но не заборавајте дека со него задолжително оди и чај. Секако, не заборавајте дека вие сте ја поканиле на вечера, така што сметката треба да си ја платите. Но, доколку вашата партнерка инсистира да ја платите сметката по половина, не спротивставувајте се, сепак станува збор за високоемпанципирани жени.

Прошетка или кафе за крај 

Откако ќе завршите со вечерата не оставајте ги фините манири зад себе: придржете ѝ го палтото на вашата партнерка. Доколку разговорот ви е „сладок“ можете да понудите две варијанти. Ако времето е убаво, поканете ја вашата партнерка на куса прошетка, најубаво по некоја осветлена улица или пешачка зона. Доколку, пак, времето не ве послужи, секогаш можете да ја поканите на филџан кафе или на уште една шолја чај во некое блиско кафуле. Не брзајте да ја поканите девојката кај себе на гости, сепак балканскиот менталитет е далеку од рускиот. Оставете време таа да ги среди впечатоците од вечерата. Побарајте од неа дозвола повторно да ѝ се јавите и оставете простор за повторна средба. Доколку сте се покажале добро ќе добиете „зелено светло“.

Ви посакуваме среќа на вашиот прв состанок, со надеж дека нашите совети ќе ви бидат од корист.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња