Зошто странците се женат со Русинки?

ЕПА/Спрингер
Минатата година над 2.000 московјанки се омажиле за странец.

Младоженците од странство ги ценат руските жени зашто се убави, флексибилни и приврзани, а, исто така, и добро готват.

Способност за приспособување

Во Москва во текот на 2014 година за странец се омажиле над 2.000 Русинки, велат податоците од матичната служба на престолнината. И покрај културната разлика, историјата, па дури и религијата, Русинките се во состојба да изградат квалитетни односи со мажите без оглед на националноста. За ова придонесува „уникатниот генетски код, кој се пренесува од колено на колено“, смета познатата руска стројница, телевизиската водителка Роза Сјабитова. „Кај нас да се сака значи исто што и да се жали, што ни овозможува да му се приспособиме на секој маж. Токму поради оваа особина нè ценат сите мажи од светот“, објаснува таа.

Во Русија постои поговорка што вели: „Руската жена ќе запре коњ во галоп и ќе влезе во куќа што гори“. Вака народот пред многу години го опишал силниот карактер на селските жени. Но, психолозите истакнуваат дека и денешните руски девојки се подготвени да работат машка работа. „На Русинките им е непријатно да бараат помош или да му ги предадат овластувањата на некој друг. За нас тоа често е знак на слабост и на глупост“, објаснува психологот Ирина Корчагина, директор на центарот „Среќно семејство“. „На пример, на многу жени им е срам да замолат некој маж да им го смени тркалото на колата. Затоа застануваат на патот и самите го менуваат. Ова во голема мера е последица на тоа што родителите ги учат ќерките да бидат самостојни“.

Според анкетата на Фондот за јавно мислење од август 2012 година, 46% од руските граѓани иднината на своите женски деца ја поврзуваат со добра работа, а само 37% со добра мажачка.

Патот до срцето води преку стомакот

Руското гостопримство е познато во целиот свет. Одењето на гости не може да мине без комплетен оброк: супа, салата, предјадење, главно јадење и десерт. Храната за гостите домаќините ја подготвуваат сами, па затоа одбивањето јадење е навреда за домаќинката. Во Русија фасцинирањето со кулинарските способности е вообичаен метод за освојување на мажите. Постои и поговорка што вели: „Патот до машкото срце води преку стомакот“.

„Култот на храната отсекогаш постоел на нашите простори. Ова е, пред сè, условено од ладната клима, кога човекот е постојано гладен“, објаснува Корчагина. „За нас не е толку важно како е средена куќата и дали е сè чисто, туку најважно е да се има што да се касне. Храната е манифестација на мајчинството, кое често е поразвиено од женственоста. Затоа кај нас е мошне важно да се нахрани мажот“.

Уште една особеност на Русинките е приврзаноста. Олицетворение на оваа особеност се жените на декабристите. Во 19 век, по востанието во Санкт Петербург, императорот на жените на осудените офицери им понудил можност да се разведат од своите мажи и да ги задржат привилегиите на својот сталеж. Многу од нив не сакале да го направат тоа, ги оставиле своите деца кај роднините и тргнале со сопрузите во Сибир во прогонство. Поради тоа ги изгубиле титулите, имотите и до крајот на животот им биле одземени правата што ги имале претходно. Современите Русинки исто така често несебично заминуваат да живеат кај родителите на својот сопруг. Иако многумина сметаат дека причина за тоа е финансиската ситуација, психолозите гледаат и други причини.

„Родителите често не ги пуштаат своите деца да заминат, постојано им велат дека децата им должат нешто, особено синовите“, вели Корчагина. „Тука до израз доаѓаат принципите на патријархалното воспитување. Освен тоа, претходно беше вообичаено сите да живеат во една куќа. Затоа многу Русинки се согласуваат да живеат со семејството на мажот“.

Убавината на прво место

Русинките се убави од мали нозе и остануваат убави и во зрела доба. Деветгодишното девојче Кристина Пименова спаѓа меѓу најпопуларните фотомодели во светот и ретки се детските списанија во кои нема нејзина фотографија, а Ирина Соловјова, мајка на две деца, ја има освоено титулата „Најубава мајка на светот 2015“. Руските девојки редовно се меѓу десетте најубави на натпреварот „Мис на светот“. Убавината е главен адут во освојувањето на мажите.

„Русинките се природно убави, но ние умееме и вешто да ја истакнеме таа убавина“, истакнува Роза Сјабитова. „Без оглед колку години има, Русинката користи различни трикови за да ги истакне личните потенцијали со цел да биде посакувана и да му потребна на својот маж“.

Кога станува збор за руските мажи, нивни главни доблести се добрината, сочувството и отвореноста (анкета на Фондот за јавно мислење од јуни 2013 година).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња