10 гастрономски брендови на Русија (според нашите читатели)

Legion Media
Ова не се само традиционални јадења, туку специјалитети по кои се препознатливи различни руски региони.

Ги замоливме читателите на нашата страница на руски јазик да ни кажат која е најпрепознатливата храна во различни региони на земјата. Добивме долг список, од кој избравме десет вистински гастрономски бисери.

1. Адигејско сирење

Меко и младо (околу 10 дена ферментација), адигејското сирење од кравјо млеко стана славно во светот благодарение на Олимпијадата во 1980 година. Токму тогаш беше претставено на странските гости и пуштено во индустриско производство. Во неговиот роден крај, Адигеја, се нарекува „матекјуае“, што значи „сирење од корпа“. Се користи на најразлични начини: се пуши, се пржи, се пече, а секое семејство има своја тајна за подготовка на највкусно сирење.

2. Башкирски мед

Башкирија од дамнина е позната по шумското пчеларство. И ден-денес ова е најдобриот мед во Русија. Вештината на производство на мед во шуплина на дрво се пренесува од колено на колено, а современите пчелари кои ги поседуваат тајните на својот занает со задоволство ги споделуваат со другите и организираат фестивали на овој традиционален начин на производство. И сето тоа благодарение на главниот јунак - специјалната дива башкирска пчела.

3. Бурјатски бузи

Јадењето од тесто со фил од мелено месо и кромид се нарекува во Бурјатија бузи или пози. Ова традиционално сибирско јадење е присутно на локалната трпеза со векови. Бузи симболизира јурта (куќа-шатор), бидејќи Бурјатите со векови биле номади. Се подготвуваат во специјален сад на пареа наречен „позница“.

4. Вологодски путер

Северна Вологда е престолнина на чипката и путерот. Првата фабрика за производство на путер била отворена во Вологодската губернија во 1871 година. Рафинираниот путер со сладок вкус се подготвува според специјална технологија. Слатката павлака се мати на висока температура, поради што се добива едвај забележлива арома на лешник. А зошто токму Вологда? Оваа област отсекогаш била позната по поплавуваните ливади и разновидните треви кои растат таму, а поради умерено топлото лето, кравите секогаш имаат максимална свежа трева, што се одразува на вкусот на млекото, павлаката и путерот.

5. Карелиска пита

Пити од ‘ржано брашно, познати како „калитки“, селаните од Карелија ги јаделе со векови. Првично се правеле со полнење од ориз, компири и печурки, но подоцна се здобиле со популарност по слаткиот фил. Во Карелија ги нарекуваат и „пити за зетот“, бидејќи мајката на невестата ги подготвува за идниот сопруг на нејзината ќерка. Денес тие се симбол на љубовта и семејството, а воедно и главниот карелиски деликатес што мора да го пробаат сите туристи.

6. Коломенска пастила

Во советската ера сите беа навикнати на пастили во форма на бели стапчиња од белки од јајца и шеќер (слично на лижавчиња). Но, на почетокот на XXI век во Коломна беше оживеан традиционален занает, заборавен по револуцијата: пастилата од јаболка од киселата сорта Антоновка се прави со мед или шеќер. И денес тоа е вистински гастрономски бренд (и одличен сувенир).

7. Осетинска пита

Во Осетија, пирогот, еден вид пита, е свето јадење. Традиционално, на трпезата треба да има три пироги. Но, за туристите може да се направи исклучок, па тие можат да нарачаат и само еден. Најпопуларните филови се: месо, зелка, листови од цвекло, младо осетинско сирење. Во Москва лесно можете да нарачате осетински пироги, но во нивната татковина тврдат дека тоа е само тажна пародија на ненадминатиот оригинал.

8. Татарски чак-чак

Ова е сигурно најпознатиот деликатес од Татарстан. За волја на вистината, популарен е и во Башкирија и Јужен Сибир. И низ цела Русија! Рецептот е едноставен: ситни парчиња тесто се пржат во фритеза, а кога ќе се изладат, се мешаат со сируп од мед. Се добива сладок рид после кој буквално мора да си ги излижете прстите.

9. Тулско медено колаче

Медените колачиња се традиционална руска слатка. Многу региони имаат свои варијанти. Но, се случи токму тулското медено колаче да се здобие со најголема популарност. Познато е уште од XVII век, а светот слушна за него кога го освои Гран-прито на Светската изложба во Париз во 1889 година. Во советската ера производството на медени колачиња по стариот рецепт се префрли на индустриски колосек.

За оние кои не знаат, потсетуваме дека се работи за слатка направена од специјално тесто на база на мед и зачини. Меденото колаче е правоаголно, со сплескан облик, покриено со глазура и исполнето со џем од сливи или фил од кондензирано млеко. 

10. Јалтински кромид

Благиот црвен кромид е познат низ цела Русија. Рамните виолетови главици најчесто може да се видат нанижани во венци. Токму така се обезбедува проветреност на секоја главица, за да може да се чуваат долго време. Овој кромид се користи свеж. Најчесто од него се подготвува салатата „Кримска роза“: кромидот се сечка со слатки домати и се зачинува со нерафинирано масло.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња