Како да подготвите вкусна осетинска пита со млади листови цвекло и сирење (РЕЦЕПТ)

Викторија Дреј
Можеби мислите дека младите листови на цвеклото се егзотична состојка за правење пити? Само така изгледа, но во кујната на Северен Кавказ тоа се додава во салати, чорби и пити. Оваа состојка е многу вкусна за во фил за пити.

Осетинските пити се веројатно едно од најпознатите јадења во кујната на Севернокавкаскиот регион. Уште од стари времиња се подготвуваат во вид на погача со малку тесто и многу фил во средината. За филување се користат многу различни филови кои се подготвуваат од вегетаријански состојки како тиква, грав, компир и разни видови лиснат зелен зеленчук, па сè до вкусни варијанти со месо. Осетинската пита со фил од ситно ровко сирење и млади листови на цвекло се нарекува „цахараџин“.

Иако цвеклото е многу популарен зеленчук во Русија, неговите млади листови многу тешко се набавуваат. Јас го добивам од моите родители од нивната градина, а во текот на сезоната може да се купи и на пазар.

Листовите на цвеклото имаат карактеристичен горко-кисел вкус кој одлично се вклопува со филот со сирење. Оние кои сакаат да прават пити со млади листови цвекло обично во текот на летото ги ставаат во замрзнувач, како што прават и со другите видови зелени листови, а потоа ги користат во текот на целата година.

За среќа, постои и опција зелените врвови на цвеклото да се заменат со блитва, речиси идентичен зелен лист кој полесно се наоѓа. Значи, ако видите блитва во самопослуга, задолжително ставете ја во вашата корпа!

Друга важна состојка во овој рецепт е сирењето. Ако немате можност да купите вистинско осетиско или адигејско сирење, наместо тоа земете тврдо фета сирење. Всушност, секој вид благо сирење што може да се изрони и не се топи при печењето исто така одговара. Друга опција е комбинација од блага урда, односно ровко младо сирење, со малку фета сирење, бидејќи со додавање на блага урда филот станува посочен и добива побогат вкус.

Состојки за 3 мали пити:

За тестото:

  • Брашно – 400 г
  • Млеко – 150 мл
  • Вода – 150 мл
  • Растително масло – 2 лажици
  • Сув квасец – 1 лажичка
  • Шеќер – 1 лажица
  • Сол – прстофат

За филот:

  • Младо лисје на цвекло/ блитва – еден врзоп (отприлика лисје од три цвекла)
  • Адигејско сирење / Фета сирење – 400 г
  • Блага урда / свежо младо сирење – 200 г
  • Путер за премачкување
  • Сол по вкус

Подготовка:

1. Соединете ги со топло (не жешко!) млеко водата, шеќерот и сувиот квасец, па измешајте да се растворат.

2. Течната смеса истурете ја во поголем сад со просеано брашно и сол и почнете да мешате со виљушка или шпатула.

3. Потоа додајте растително масло и сè повторно измешајте со миксер или со рака. Би требало да добиете прилично мазно и малку лепливо тесто.

4. Покријте го со фолија и оставете го на топло место да нарасне. Треба да се удвои во волумен. Ќе му бидат потребни 45-90 минути.

5. Во меѓувреме подгответе го филот: ситно исечкајте ги младите листови цвекло. Можете да додадете кој било друг зелен лиснат зеленчук по ваш вкус. Можете да додадете и малку сечкан спанаќ, преца на млад кромид и мирудија.

6. Сирењето се ренда или само се рони со раце, па се меша со сечканите листови и благата урда (тоа ќе биде најдобрата комбинација). Додајте прстофат сол ако вашето сирење не е веќе солено.

7. Филот поделете го на 3 еднакви дела. Со раце обликувајте го секој дел во топка.

8. Потоа нараснатото тесто благо притиснете го со рака, па поделете го на 3 дела. Од секој формирајте топче.

9. Потоа земете едно топче тесто, полека расукајте го со сукало и на средина ставете топка со фил. 

10. И сега доаѓа клучниот чекор на овој рецепт, т.е. формирањето на осетинската пита. Внимателно превиткајте ги рабовите на тестото преку топката од филот и цврсто затворете ги на врвот.

11. Потоа добиената топка фил превртете ја во тестото така што споените врвови на тестото да бидат на дното. Нежно притискајте со рацете за да добиете форма на погача.

12. Притискањето почнете го со раце, а завршете го со сукало. На врвот, во средината на тестото, направете мал отвор низ кој ќе излегува пареата при печењето. 

13. Питата се пече на 240°C помеѓу 7 и 10 минути. Потоа повторете го истото и со преостанатите две топчиња тесто.

14. Врелата пита обилно премачкајте ја со путер веднаш штом ќе ја извадите од рерна. Питата е вкусна топла, дури и кога ќе се излади. Уживајте!

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња