4 необични сорти мед кои можете да ги пробате само во Русија

ValentynVolkov/Getty Images
Благодарение на разновидноста на климатските зони, флората и фауната, во Русија се произведуваат голем број различни сорти мед. Овие се најспецифичните меѓу нив.

1. Мед од калопанакс

Ова е редок вид мед што се собира во Приморскиот крај. Калопанакс е реликтно дрво кое ретко се среќава во природата и спаѓа во заштитените растенија. Но, неговата главна специфичност е во тоа што цвета еднаш на секои три-четири години. Затоа медот од оваа билка е многу скап.

Медот има заситена темна боја и силна арома со лесна дрвенесто-овошна нота. Содржи адаптогени кои го подигнуваат тонусот на организмот, а експертите го споредуваат со благотворното дејство на женшенот. Во него има многу аминокиселини, ензими и витамини. Се препорачува за големи физички напори и долготраен стрес.

2. Башкирски шумски мед

Францускиот светски патник и етнограф Пол Лабе забележал пред сто години во својата книга „По патиштата на Русија. Од Волга до Урал“: „Понекогаш наидувавме на широки и груби скалила исечени во стеблата на дрвјата. По нив Башкирите се искачуваат на висина од 10-12 метри, каде што се наоѓа нивната кошница. Џиновското дрво, на прв поглед сосема здраво, всушност е шупливо: уралските пчели живеат во дупките на смреката, липата и чинарот (авторот го нарекува чинар дрвото млеч, кое е вид јавор – заб. RB), при што липовиот мед се смета за најдобар и најмиризлив“.

Навистина, башкирскиот мед се добива од пчелни кошници сместени во дупките на дрвјата, иако во регионот е широко распространет и традиционалниот метод на производство на мед во саќе.

Научниците го издвојуваат и посебниот вид башкирски пчели кои се карактеризираат со отпорност на студ, на многу паразити и продуктивност во кратките периоди на собирање мед. Врз карактеристиките на медот се одразува и разновидноста на локалната флора. Имено, во Башкортостан растат околу 300 видови медоносни растенија.

Во однос на количината на ензими по единица волумен, башкирскиот мед значително ги надминува конкурентите од другите региони. Неговиот број на дијастаза се движи од 22 до 50 (кај медот од југот на Русија е од 5 до 8, а од Алтај околу 18). Поради неговите корисни својства, башкирскиот мед го употребуваат руските космонаути.

3. Алтајски мед со еленски рогови

На Алтај во ливадскиот мед се додаваат парчиња еленски рог за да се добие производ кој го зголемува тонусот на организмот и има антимикробно дејство. Младите рогови на елен се шупливи и полни со крв. Тие се покриени на површината со тенка кожичка со фини влакненца. Содржат комплекс активни материи: масти, калциум, магнезиум, железо, фосфор, силициум, натриум, калиум, како и аминокиселини и фосфолипиди.

Се смета дека еленските рогови поволно влијаат на црниот дроб, ја стимулираат неговата регенерација во случај на токсични и трауматски оштетувања. Медот со еленски рогови има малку трплив вкус со освежителен и окрепувачки послевкус.

4. Алтајски планински мед

На Алтај се произведуваат голем број различни видови мед, но најценетиот, еколошки најчист кој најтешко се добива е планинскиот мед. Тоа е полифлорален мед, т.е. се прави од нектарот на голем број билки кои растат на падините на Алтај.

Благодарение на разновидноста на билките од кои се добива (детелина, чемпрес, жолт багрем, анамска рака, трнинка, диво оригано, дива малина), овој мед има заситена арома, а неговиот вкус е повеќеслоен: слатко-киселкасто-горчлив. Најчесто алтајскиот планински мед има светложолта боја, но може да биде и црвенкасо-кафен. Го зајакнува имунитетот и помага против настинки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња