Вкусна и здрава чорба од Кавказот: „Хеш“ со грав и тимјан (РЕЦЕПТ)

Јулија Мулино
Што може да ве загрее побрзо и подобро во зима од густ чорбест грав? Само ингушка чорба со грав, говедско месо, млеко, зеленчук и локални ароматични билки. Пробајте!

Хеш во Ингушетија се подготвува откако гравот пристигнал во овој регион некаде во XVII век. Денес оваа густа чорба со грав, компири и говедско месо е важен дел од традиционалната кујна во Ингушетија, една од републиките на Северен Кавказ. Ова јадење се карактеризира со едноставна подготовка и употреба на локални состојки.

Со додавање на грав, оваа чорба не само што ќе ве засити и загрее, туку и ќе го подобри вашето варење благодарение на високата содржина на влакна. Гравот, освен тоа, содржи и бројни минерали и витамини, особено Б комплекс. Заедно со говедското месо, гравот на оваа чорба ѝ дава структура и форма.

Изворната кујна во Ингушетија не користи зачини во изобилство, наместо тоа претпочита да го зачува оригиналниот вкус и мирис на главните состојки. Меѓутоа, локалните билки се додаваат штедро и тоа е она што навистина го комплетира вкусот на јадењето. Овие билки имаат поблаг вкус од обичните зачини и му даваат на јадењето само блага арома.

Ингушетија е сместена во планински предел. Ридовите и планините се покриени со тепих од миризливи билки кои се користат во готвењето. Ниту една гозба не е можна без миризлив чај од тимјан, кој исто така често се користи како додаток на јадењата со месо, вклучувајќи го и хешот. Притоа оваа тревка е многу здрава, помага во лекувањето на настинки благодарение на своите антибактериски и антиоксидантни својства.

Освен тимјанот, карактеристичниот вкус на чорбата ѝ го дава млекото. Можеби е необична комбинацијата со грав, но всушност, благодарение на млекото, чорбата станува поблага, побогата и добива поинтересна нијанса на боја.

Веднаш може да се замисли како некогаш одамна ингушките домаќинки готвеле густ хеш на отворено огниште, ставајќи го тенџерето на врела жар. Јадењето е полно со арома на планински билки и чад. Во современиот свет, сепак, обично се подготвува на шпорет.

Класичната верзија на хешот содржи и зеленчук и животински протеини. Но, постои и вегетаријанска верзија без производи од животинско потекло, иако во овој случај јадењето го губи карактеристичниот вкус. Друга варијанта на хеш предвидува да се додадат домати. Во овој случај, јадењето станува киселесто и добива портокалова боја.

Го подготвував хешот во рерна во тенџере од леано железо, обидувајќи се да се доближам што е можно повеќе до автентичниот рецепт со говедско месо и млеко. Подготвував сè одеднаш, размислувајќи за тоа како пред колку векови на една домаќинка ѝ било полесно да го постигне ова. Месото, кромидот и морковот ги испржив, па додадов грав потопен преку ноќ и компири. Општо се смета дека добриот хеш треба да биде богат со состојки и густ. Затоа му е потребно долго варење. По 4 часа крчкање во рерната, и говедското и гравот омекнаа. Меѓутоа, морав да ја користам мојата омилена техника за да ја добијам потребната густина. Во последниот чекор, процедив дел од чорбата без месо и ја изблендирав со рачен миксер. Со враќање на оваа количина во тенџерето се постигнува соодветната густина.

Јадењето беше успешно и целото семејство уживаше. Полно е со вкус, заситено е и со кремаста текстура со месо кое се топи во устата.

Состојки:

  • Говедско месо – 600 g
  • Грав - 400-500 g (претходно потопен во вода 10 часа)
  • Компир - 3-4 пар.
  • Морков – 2 пар.
  • Кромид – 2 пар.
  • Пиперка – 1 пар.
  • Путер – 30 30 g
  • Масло - 10-20 ml
  • Млеко - 200 ml
  • Бибер или мелена лута пиперка – по вкус
  • Сол – 1,5 лажичка (по вкус)
  • Тимјан – по вкус

Начинна подготовка:

1. За ова јадење користев грав што го потопив во многу вода преку ноќ.

2. Говедското месо се сече на ситни парчиња и се пржи во мешавина од путер и масло додека не порумени.

3. Се додава кромидот.

4. Се сечка и додава морковот.

5. Се става го гравот и се сипува врела вода.

6. Се додаваат компирот и пиперките.

7. Се посолува, се додава бибер или лута мелена пиперка.

8. Се вари четири часа поклопено во сад од леано железо во рерна загреана на 180℃.

9. Со помош на рачен миксер се мати дел од чорбата без месо.

10. Изматениот дел се враќа во тенџерето и се додава млеко и по можност свеж тимјан. Се остава 20 минути поклопено.

11. Се сервира со свеж тимјан, лути пиперчиња и лепињи. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња