Осетинските пити со кружна или триаголна форма со дијаметар од 30-40 сантиметри со различни филови се подготвуваат во Северна Осетија за верски и државни празници. Домаќинките во свечени пригоди на трпезата изнесуваат три пити кои ги симболизираат Бога, Сонцето и земјата. За парастос се подготвуваат само две пити, бидејќи покојникот повеќе нема да го види сонцето.
Најпознатите осетиски пити се: фиџин (со сечкано месо), цахараџин (со млади листови цвекло), уалибах (со сирење) и картофџин (со компир).
Овие тенки лепчиња со фил, запечени во сува тава, се вообичаени во Дагестан, Ингушетија, Чеченија и Кабардино-Балкарија. Чуду е со тркалезна или полукружна форма. Се подготвува и од бесквасно и од кисело тесто. Понекогаш се меша со ајран (ферментиран млечен напиток).
Чуду се прави со месо, најчесто со јагнешко или говедско („ет чуду“), со блага урда („бишлак чуду“), дулек („кабак чуду“), кисело млеко („чиј чуду“), а исто така и со зелен лиснат зеленчук: со млад кромид, коприва, лобода или киселец (штавел).
Сочните лепчиња во форма на сонце се задолжително јадење на трпезата во Карачаево-Черкесија и Кабардино-Балкарија. Кај Балкарците хичините се тенки и рамни, а кај Карачајците многу меки и со многу фил. Порано се печеле на верски празници, а сега се прават за семејни гозби.
Класичните хичини со сирење се нарекуваат „хумужу хичини“, но подеднакво се вкусни и со месо, зелка или компир.
Национално јадење во Чеченија и Ингушетија се тенките лепчиња направени од пченкарно или пченично брашно замешани со кефир или ајран. Порано било обичај да се пече хингалш голем како ракара до лактот на едногодишно дете и со таквите лепчиња да се честат роднините и соседите кога ќе прооди малото.
Хингалш се подготвува со фил од тиква и кромид. И покрај горчливиот вкус на кромидот, филот е доволно сладок и ароматичен бидејќи му се додава мајчина душичка.
Во Ингушетија за филување на чебурек се избира свежо јагнешко месо, му се додаваат многу зелени листови (магдонос или целер) и варен ориз. Постои и вообичаен рецепт за чебуреки со фил во кои наместо ориз се додаваат зрели домати.
Вистинските кавкаски чебуреци се пржат во казан на стопен овчи лој. Овој специјалитет е одличен во комбинација со ладни млечни производи како кефир, ајран или обично млеко.
Кумиците, најголемиот турански народ на Северен Кавказ, подготвуваат мичари, традиционално јадење од пченкарно брашно и пржен кромид што наликува на нашата проја. Обично е тркалезен, со дијаметар од 25 см. Се прави така што во пченкарно брашно се додаваат сода и пржен кромид и сето тоа се замесува со многу кефир. Резултатот е висока, воздушеста и хранлива пита.
Кумиците имаат изрека посветена на големото количество кромид во питата: „На маж му треба половина мичари и цела главица кромид“.
Оваа свечена пита со месо ја подготвуваат Лезгините кои живеат на југот на Дагестан. Филот се состои од јагнешко месо, компири, кромид, ореви и зачини. Тенките слоеви тесто се премачкуваат со фил и се ставаат еден врз друг. Последниот слој е тесто. Питата е многу хранлива и најчесто се подготвува во печка во текот на студените месеци.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче