Како да направите ингушки земички „бета-мажарг“ со сирење и цимет (РЕЦЕПТ)

Јулија Мулино
Кујната во кавкаскиот регион е разновидна и позната по големите, богати пити со сирење, месо, компири и зачински билки. „Бета-мажарг“ е уште еден вид популарно локално печиво. Овие земички по вкус не заостануваат зад другите специјалитети на ингушката кујна.

„Бета-мажарг“ е традиционално јадење кое уште од дамнина се наоѓало трпезата на ингушкиот народ на Северен Кавказ, а особено често се подготвува за празници и во текот на зимата.

Што се крие зад ова необично име? Бидејќи „бета“ на ингушки значи „месечев“, „бета-мажарг“ може да се преведе како „месечево парче“. Навистина, ова печиво изгледа како полна месечина со нерамна површина.

Бета-мажарг е тркалезно печиво со отворен светол фил во средината. По изглед наликува на руските земички со сирење наречени „ватрушки“. Меѓутоа, филот на бета-мажарг е сосема необичен и карактеристичен за целиот регион: се работи за мешавина од тврдо сирење и цимет. Постојат два начина на земичката да се став фил. Тестото може да се попрска со цимет и потоа да се покрие со сирење или обратно. Понекогаш наместо цимет се користи мелено семе од афион.

Бета-мажарг се прави од кисело тесто. Со оглед на тоа дека тестото е погусто од обичното тесто за леб, тоа е многу еластично и лесно може да се расука со сукало и да се исече на парчиња од кои се прават тркалезни земички.

Комбинацијата од солено сирење и зачини, која е карактеристична за слатките јадења, му даваат специфичен вкус на печивото. Може да се јаде со слатки јадења, со разни видови сирење или самостојно како предјадење.

Во Ингушетија, бета-мажаргот често се служи со чај од мајчина душишка и кантарион, билки кои растат во овој регион. Но, одлично оди и со обичен црн чај и кафе.

Овие земички се подготвуваат брзо и лесно. Додека да зоврие чајот и да отстои, ќе бидат речиси готови.

Состојки за 9-10 парчиња:

Тесто:

  • Брашно - 200 g
  • Млеко - 100 ml
  • Стопен путер - 20 g
  • Сув квасец - 1 лажичка (3,5 g)
  • Шеќер – 1 лажица
  • Сол – 1/2 лажичка

Фил:

  • Тврдо сирење - 100-150 g
  • Цимет - 1 лажичка
  • Жолчка за премачкување - 1 пар.

Начин на подготовка:  

1. Во топло млеко се раствораат квасецот и шеќерот.

2. Додајте го стопениот путер.

3. Додајте ги брашното и солта.

4. Замесете цврсто тесто.

5. Оставете еден час на топло место за да се надигне.

6. Расукајте го тестото со сукало и извадете кругови.

7. Покријте ги парчињата тесто со крпа и оставете да нараснат 10-15 мунути.

8. Жолчката измешајте ја со ренданото сирење што ќе ви овозможи подобро да го распоредите филот.

9. Со дното на мала чаша направете вдлабнатина во секое парче тесто во која полесно ќе го сместите филот.

10. Во средината на вдлабнатината ставете малку цимет.

11. Преку циметот ставете сирење и рабовите на филот премачкајте ги со жолчката.

12. Печете околу 15 минути на 180℃ во претходно загреана рерна

Послужете ги топли со чај. Пријатно! 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња