Драчона од компири - мусака во староруски стил (РЕЦЕПТ)

Олга Бровкина
Во срцето на Русија се наоѓа древниот град Муром, познат како родно место на богатирот Иљја Муромец, како и по солениот муромски „леб со рачка“ наречен „калач“. А само малку помалку позната е муромската драчона, едноставен специјалитет од компири.

Драчона е јадење што го знаат сите жители на Русија, Белорусија и Украина. Се прави од секогаш достапни состојки - компири, јајца, кромид и сланина, но нејзиниот посебен вкус се создава кога ќе се измешаат на вистински начин.

Некогаш одамна драчоната била популарно јадење, но како што одминувало времето, по малку се губела во метежот на модерното време. Денес драчоната ни овозможува да вкусиме парче од кулинарското минато.

Драчоната ја споменува Сергеј Есенин во неговите песни како еден од симболите на рускиот селски живот. Во тоа време, дури и порано, драчоната се подготвувала во традиционални фурни во садови со дебели ѕидови, во кои се служела на трпезата.

Семејствата го подготвувале ова јадење за задушници, посебни денови посветени на споменот на починатите роднини. Луѓето го носеле дури и на гробишта. Некои семејства и денес го прават тоа.

Драчоната денес се служи обично како прилог со месо на разни прослави. Често ја подготвувам кога моето семејство ќе се засити од пржени компири и пире.

Состојки за 4 порции:

  • Компир – 4 пар.
  • Кромид – 1 главица
  • Сланина – 50 g
  • Јајца – 1 пар.
  • Стопен путер – 60 g
  • Пченично брашно – 1 лажица
  • Сол – 1 лажичка (или по вкус)
  • Бибер – четвртина лажичка (или по вкус)
  • Ким – 1 лажичка (по избор)

Начин на подготовка:

1. Најпрвин се сече сланината на ситни парчиња. Ставете ги во тавче и загрејте ја ринглата за полека да се топи сланината.

2. Кога сланината ќе пушти малку маснотии, во тавата додајте го ситно исечканиот кромид. Пржете го додека не добие златножолта боја.

3. Изрендајте сиров компир. Посипете го со брашно, сол и бибер. Добро измешајте.

4. На компирот додадете кромид, сланина и маснотии од тавата.

5. Убаво измешајте, па додајте го јајцето. Повторно измешајте сè добро.

6. Загрејте ја рерната на 180°C.

7. Смесата истурете ја во подмачкан сад за печење и рамномерно распоредете ја.

8. Озгора посипете со ким.

9. Попрскајте сè со стопен путер.

10. Ставете во рерна и оставете да се пече 30-40 минути.

11. Кога драчоната е готова, извадете ја од рерна. Некои сакаат да добие кафенка кора, но јас претпочитам да ја оставам со светложолта боја.

12. Послужете ја топла со малку павлака. Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња