Печено месо од лос со компири: Пробајте го омиленото јадење на Леонид Брежнев (РЕЦЕПТ)

Олга Бровкина
Во ваша околина веројатно не живеат лосови. А можеби и ви е жал да го јадете ова благородно животно. Генерално месото од лос во Русија е редок деликатес, иако во некои краишта на земјата е дел од локалната кујна.

Кога станува збор за печено месо од лос, познато е дека советскиот лидер Леонид Брежнев сакал јадења направени од месото на овој дивеч. Според сведочењето на луѓето околу него, Брежнев во 1960-тите и 1970-тите речиси секој викенд го посетувал ловиштето Завидовски (130 километри од Москва). Во тоа време ова место беше затворен и заштитен резерват. Брежнев уживал во ловот, ги забавувал гостите и ги честел со разни егзотични јадења. Едно од нив било печено месо од лос со компири.

Денес лосот и понатаму е популарен меѓу ловците. Станува збор за прилично крупно животно, високо до два метри и тешко 400-500 килограми. 

Ако сакате да бидете здрави и во форма, месото од лос може да ги замени вообичаените безмасни пилешки гради со хелда. Лекарите го фалат за неговата корист за организмот: ниско ниво на маснотии, целосно отсуство на јаглехидрати и висока содржина на протеини. Ова месо содржи голем број на витамини (Е, ПП, Б комплекс), полинезаситени масни киселини, микро и макроелементи.

Месото на лосот има специфичен вкус и арома и не бара подготовка според комплицирани рецептури. Во исто време, месото на мажјакот лос е прилично тврдо и затоа пред подготовката мора да отстои потопено неколку часа. Можете да го накиснете во обична вода или во лесна маринада направена од благ раствор на оцет или сок од лимон. Месото на женката лос е многу помеко, па не мора да стои толку долго пред подготовката или може да се подготви дури и без претходно киснење.

За да го подобрите вкусот на месото од лос, пред да го ставите во големо тенџере треба да го пропржете до златнокафеава боја. Потоа печете го долго заедно со зеленчук и зачини.

Постои и празнична верзија на овој рецепт. Основата од месото и компирот останува непроменета, но се додаваат уште моркови, како и малку суви кајсии и јаболка исечени на крупни парчиња. Пробајте ја и оваа верзија. А денес ќе подготвиме печено месо од лос со компири, кромид и моркови.

Состојки за 8 порции:

Месо од лос (филе) - 1 kg

Компир - 1 kg

Кромид - 3-4 главици 

Морков – 1 пар.

Лук - 4-5 чешниња

Зачини за месо – по вкус      

Сол и бибер – по вкус

Начин на подготовка:

1. Внимателно исчистете го месото од лос од сите мембрани и жили; исечете го на крупни парчиња, посипете го со сол.

2. Во смеса од путер и масло се пржи месото додека не добие карактеристична кафена кора. Месото треба да го ставите во добро загреано тенџере на врело масло и да го пржите на највисока температура за да задржи што повеќе сок. Месото не треба да се пржи до крај. Ако го оставите премногу долго на оган или ја намалите температурата, сокот ќе истече и месото ќе стане тврдо. Штом добие коричка, извадете го месото од тенџерето.

3. Компирот исечете го на крупни парчиња.  

4. Потоа пржете го во истото масло во кое се пржеше месото.

5. Кромидот се сечка на коцки, лукот на листови, а морковот на прстени.

6. Кога компирите ќе поруменат, извадете ги од тенџерето и почнете да ги редите состојките во тенџерето слој по слој. Најпрво ставете една третина од кромидот, па одозгора сите компири и посипете го со малку сол. Потоа врз компирот додадете ја втората третина од кромидот, лукот, морковот, црниот пипер и зачините. На крај доаѓа месото од лос, кое потоа го прекривате со преостанатиот кромид, лук, бибер и зачини.

7. Во тенџерето сипете зовриена вода или буљонот од месото и ставете сè во рерна претходно загреана на 200°C. Треба да се пече покриено околу час и половина. Ако знаете дека месото е од постар лос или дека недоволно киснело, можете малку да го продолжите времето на печење.

8. Месото од лос ќе биде многу сочно. А компирот е најдобар прилог со ова вкусно и необично јадење. Уживајте!

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња