Во старо време чорбата од грашок била омилено јадење меѓу руските селани, а се подготвувала со различни состојки за да се подобри нејзиниот вкус. Од кисела зелка и свежа зелка до сушени печурки, овесна каша, хелда, па дури и свежи домати, секоја свежа состојка ѝ додава уникатен вкус на оваа чорба.
Една од најтрадиционалните состојки на гороховицата или горошницата е зелката. Како што веројатно веќе знаете, невозможно е да се замисли руската кујна без чорбата од зелка позната како шчи. А во гороховицата можете истовремено да уживате и во зелката и во грашокот.
Името на оваа чорба доаѓа од рускиот збор горох, што значи „грашок“. Секоја година на 9 мај селаните го одбележувале денот на христијанската православна маченичка и светица Глафира Амасиска и тој ден го нарекувале „Глафира Горошница“. На овој ден селаните саделе грашок на нивните ниви. Меѓутоа, пред сеидбата, луѓето се собирале и читале молитви за богата жетва.
Исто така, на тој ден меѓу селаните било обичај да се готват јадења од грашок кој останал од претходната берба. Како што се приближувал крајот, луѓето се собирале на празничната трпеза. Се разбира, главните јадења биле направени од грашок: варено месо со грашок, каша од грашок, пити од грашок и чорби од грашок.
Затоа, денес предлагам да ги собереме сите потребни состојки и да уживаме во секоја лажица гороховица. Ќе направам лесна чорба од зеленчук, но ако сакате, можете да додадете сушени печурки или пилешко.
Сувиот грашок добро измијте го и потопете го еден час во ладна вода. Во меѓувреме, измијте го и излупете го зеленчукот. Компирите исечете ги на коцки.
Во големо тенџере со врела вода ставете го грашокот. Отстранете ја сета пена што ќе се издигне на површината веднаш штом водата по втор пат ќе почне да врие.
По 7-10 минути додајте ги компирите исечкани на коцки.
По уште 10 минути додајте ја зелката во тенџерето.
Морковот изрендајте го, а кромидот ситно исечкајте го. Сето тоа пропржете го во тава со масло додека не омекне; потоа додајте ги во чорбата.
Зачинете ја чорбата со сол, бибер и зачини според вашиот вкус и желби.
Оставете ја чорбата полека да се крчка додека грашокот, компирот и зелката не станат меки и вкусовите целосно не се стопат. Целиот овој процес обично трае околу 20 минути.
Кога чорбата ќе ја достигне саканата конзистентност и нејзините вкусови целосно ќе се развијат, тргнете ја од огнот.
Гороховицата послужете ја топла, а по желба украсете ја со свежи зачински билки. Пријатен апетит!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче