Свекољник е ладна, свежа, здрава и освежителна чорба. Извор: Lori / Legion Media.
Животот во Москва во голема мера зависи од временските прилики. Од крајот на септември па до април годи поминувањето време во затворен простор и уживањето во топла храна. Во останатиот период (секако, доколку не врне) секому на ум му е само едно: Треба да се искористи ова убаво време!. Потоа следуваат шест до осум недели во јули и во август кога температурите се мошне високи. Тогаш е вистинско време за храна, чорби и пијалаци што се консумираат ладни.
Русите толку многу ги сакаат чорбите што ги јадат дури и кога температурата ќе го достигне 30 степен – тогаш на ред доаѓаат ладните чорби. Свекољник е една од омилените зашто се прави од цвекло, исто како и боршчот. Морам да признам дека долго време ова јадење не го сметав за важно. На мени го има мошне кратко, и тоа во најтоплиот период од летото, кога обично одев на одмор. Освен тоа, како што велат некои, свекољник претставува поскромна варијанта на боршчот! Сепак, сега имам поинакво мислење. Оваа чорба е ладна, свежа, здрава и освежителна. Таа одлично оди и со традиционалниот руски морс од брусница.
Неодамна дознав дека мојата прабаба во својата куќа во Киев секогаш чувала буре со скиселено цвекло за да може да прави свекољник. Живеела пред Револуцијата од 1917 година и куќата имала подрум каде стоеле буренциња со скиселено цвекло, зелка и краставици. Но, мојата прабаба не ја делела оваа љубов кон свекољникот, па во детството воопшто и не го јадев и го немам семејниот рецепт. Сепак, сакав да пробам да ја подготвам оваа чорба, па го отворив основниот готвач на секоја советска домаќинка „Книга на здрави и вкусни јадења“, објавен во 1953 година. Рецепти барав и на Интернет, но сите тие велеа дека цвеклото треба да се пропржи со кромид. Јас не сакам во чорбите да додавам пржен зарзават, затоа ја избрав варијантата од советскиот готвач и чорбата излезе онаква каква што треба да биде: свежа и вкусна.
Кога станува збор за морсот, пак, овој пијалак се пие во текот на целата година, а особено налето, зашто може да се подготви од свежа брусница. Русите во него особено уживаат одморајќи се на својата дача со свежа салата, ладна чорба и шашлик (азиска варијанта на раженчиња, која е широко распространета во Русија – заб. ред.)
Свекољник
Состојки 150 грама цвекло, 50 грама кисела павлака, 1 супена лажица шеќер, 1 исечена белка од тврдо варено јајце, 75 грама краставички, исечкани на коцки, 10 грама зелена салата, 3 струка сечкан млад кромид, 2 супени лажици мешан зачин и магдонос, сок од лимон по желба, сол по вкус, 1 ¼ шолја (300 грама) сок од цвекло
Подготовка
Добро измијте го цвеклото, што ќе го користиме како основа за чорба, и варете додека не омекне. Додајте сок од лимон. Јас го додавам на крајот за да не влијае врз варењето на цвеклото.
Извадете го цвеклото, оладете го и процедете го сокот. Излупете го и исечете го на парчиња.
Додајте ги шеќерот, исечканата белка (јас го ставам целото јајце), зелената салата, младиот кромид, ситно сечканата краставичка и киселата павлака.
По желба можете да додадете варен компир или свежи јаболка.
Морс од брусници и мед
Морсот е традиционален пијалак од свежи бобинки. Извор: Lori / Legion Media
Подготовка
Во тенџере изгмечете ги брусниците, додајте ладна вода и варете 5-10 минути.
Исклучете го шпоретот и оставете да се излади 1-2 часа.
Процедете ја течноста, додајте го медот и добро измешајте.
Се служи ладно.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче