Мени од 1917: Што јадел царот, а што револуционерите?

Секогаш е интересно да се ѕирне во туѓата чинија, нели? Особено кога станува збор за чинијата на последниот руски цар и на водачот на пролетерската револуција. Ајде да дознаеме што јаделе пред сто години Ленин и неговите соборци, а што јадел царот Николај со семејството.

Ресторанот „Домино“.

Револуцијата од 1917 година ја збришала поделбата на богати и сиромашни, а воедно и кулинарската традиција. Јадењата што претходно се подготвувале во семејствата на благородниците и на трговците во голема мера биле поедноставени. Во земјата владеел хаос, така што ни водачите на револуционерниот комитет не можеле да уживаат во специјалитети. На пример, членовите на револуционерниот комитет често јаделе во мензата која била отворена во зградата на поранешната Гимназија за благороднички во Смољни. Менито таму (како и на други места) било оскудно и главно било составено од јадења од леќа и од просо. Состојбата била толку тешка што луѓето во рестораните си носеле свој леб.

Плескавица од компир.

Еден болшевик за вечера можел да има плескавица од компир или „робијашка плескавица“ од 136 грама јунешко со сенф. Токму оваа варијанта ја понудил главниот готвач и историчар на руската кујна Максим Сирников во ресторанот „Домино“ во резиденцијата Пирогово, каде од средината на декември може да се проба мени од 1917 година.

„Болшевиците главно не пребирале кога станува збор за храната. Многумина од нив потекнувале од општественото дно, многумина биле навикнати на долготрајно криење, затвори, прогонства и емиграција, така што немале можност да станат гурмани. За волја на вистината, определен број партиски лидери потекнувал од привилегираните слоеви. Такви, на пример, биле Георгиј Чичерин (дипломат, народен комесар за надворешни работи на Советска Русија и на Советскиот Сојуз) и Александра Колонтај (вонредна и ополномоштена амбасадорка на СССР). Тие знаеле што е вкусна храна„ вели за Russia Beyond-Македонија главниот уредник на списанието „Историк“ Владимир Рудаков.

Рецепт за робијашката плескавица на Максим Сирников

Робијашка плескавица.

Состојки за една плескавица

Јунешко – 136 грама
Бел леб – едно мало парче
Павлака – 50 грама
Половина помала главица кромид
Сол, црни пипер, брашно за панирање, истопен путер за пржење

Подготовка:

Парчето бел леб потопете го во павлака и заедно со месото и со кромидот сомелете го во машина за мелење месо, па додајте сол и црн пипер. Обликувајте плескавица, извалајте ја во брашно и испржете ја во тавче на путер од двете страни. Допечете ја уште малку во рерна.

Што јадел Ленин?

Во детството Владимир Уљјанов (вистинското презиме на Ленин) се хранел со специјалитети од руско-германската кујна. Неговата мајка била Германка родена во протестантско семејство во Поволжје. Таа „подготвувала чорби со млеко, зеленчук и каша, а ретко руско кисело шчи, за кое сметала дека е 'тешко'“, пишува историчарот на руската кујна Вилием Похљопкин во книгата „Што јадел Ленин“. Од истиот извор дознаваме дека месо се подготвувало многу ретко, во најдобар случај варено јунешко. Често јаделе омлет, „тврдо варените јајца и омлетот во недела биле вообичаени за појадок и за ручек“. И подоцна Владимир Ленин ретко се хранел обилно и редовно.

Чорба од леќа.

„И кога пораснал, Ленин се хранел прилично лошо“, раскажува Владимир Рудаков. Често јадел сува храна, така што на 27-28 години 'заработил' проблеми со желудникот. Чудно звучи, но обилно јадел само за време на прогонството во селото Шушенское. Таму јадел здрава селска храна, одел на лов и риболов. „Ама сте се рашириле?“, викнала неговата тешта, мајката на Надежда Крупска, кога дошла да ги посети. Ленин пота често се сеќавал на тој период додека бил во емиграција, па дури и кога дошол на власт. Дури и на чело на државата не се хранел толку добро – постојано бил зафатен, така што секогаш нешто каснувал, наместо комплетен оброк.

Рудаков исто така раскажува дека сопругата на Ленин, Надежда Крупска, „била лоша готвачка и судејќи според нејзините сеќавања, научила да пржи палачинки дури по четириесеттата година, и тоа според готвач. Поради тоа тие во емиграција се хранеле во релативно евтини мензи, а и во Кремљ се хранеле во мензата на Советскиот народен комесаријат“.

Царска вечера

Царoт Николај II со семејството во  императорскиот вагон, Русија, 1916.

Царското семејство во 1917 година повеќе не можело да ужива во храната како претходно. Во Екатеринбург во Домот на Ипатиев каде семејството Романови ги поминале последните 78 дена од животот, храната им ја подготвувал царскиот готвач Иван Харитонов. Царското семејство добивало помалку месо и затоа, на пример, наместо обични пељмени и вареники Харитонов правел салата од цвекло, наместо желе од мандарина правел компот, а наместо растегај (долгнавесто полнето печиво со квасец) запечени макарони.

Максим Сирников за ресторанот „Домино“ ги реконструирал рецептите кои биле подготвувани за царското семејство во прогонство. Царската вечера од Сирников се состои од свежа крем-чорба од краставица, салата од цвекло, потпечени макарони и плескавица од ориз. Еве неколку рецепти.

Крем-чорба од краставица

Крем-чорба од краставица.

Состојки:

500 грама свежи краставици
Чаша минерална вода
Лук, сол, црн пипер, мирудии, млад кромид

Подготовка:

Ситно се рендаат краставиците и лукот, масата се разредува со минерална вода, се додава ситно сечкан млад кромид, мирудии, сол и црн пипер.

Потпечени макарони

Состојки:

100 грама макарони
1 јајце
1 чаша павлака
1 главица кромид
истопен путер
сол и црн пипер

Подготовка:

Макароните се варат во солена вода. Се ставаат во тавче и се преливаат со смеса од јајца и павлака. Одозгора се распоредува пропржен кромид (тенко исечен на полукругови) и се посипува со црн бибер. Се пече во рерна дури преливот не згусне.

Плескавица од ориз

Плескавица од ориз.

Состојки:

Ориз – 1 чаша
Вода – 2 чаши
Истопен путер – 2 лажици
1 јајце
сол
Две лажици лебни трошки

Подготовка:

Сварете го оризот во две чаши вода. Изладете го. Додајте јајце, сол, лажица растопен путер и добро измешајте. Обликувајте плескавици и извалајте ги во лебни трошки. Пржете ги на свете страни со остатокот од путерот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња