Според правилникот, војничката храна се прави од 117 производи, а дневниот износ на калори е 4.500. Се чини дека од толкаво количество храна би можело да се направи некое прилично добро мени за некој ресторан. Russia Beyond-Македонија дознава кои се главните јадења на менито на припадниците на копнената војска на РФ, што сакаат војниците најмногу и што им недостасува.
За појадок во војска обично се јаде каша со виршла или со руска плескавица. Кашата (да кажеме овесна) не е баш најомилено јадење, но војниците ја „смачкуваат“, како и сето останато што ќе им се послужи.
„Највкусниот појадок е кога лебот ќе се намачка со путер, па одозгора ќе се стават две половини варено јајце. А, може на леб да се намачка и џем“, вели Николај за своите впечатоци од војската.
Еднаш или двапати неделно војниците за појадок добиваат пељмени или вареники со несолена урда и павлака, па ваквиот појадок им го разубавува денот.
„На почетокот човек неверојатно се радува кога за појадок има пељмени, но со текот на времето и тие стануваат здодевни. Тоа не се некои врвни пељмени, ами најобични“, вели Николај.
Долго се сметало дека кашата од гершла (од цело зрно јачмен) е вистинско проклетство. Многу е евтина и затоа сите ја правеа. Според новиот воен правилник, кашата од гершла како посебно јадење не постои, но може да се искористи како компонента за други јадења, на пример за ленинградски расолник. Покрај гершлата во него се додава месо, компир, кисели краставички, морков и кромид. Најважно е готвачот на да биде „стипса“ кога додава месо во чорбата.
Оваа чорба со просо се подготвува за 20-25 минути, дури и во „полска кујна“ кога војската е на терен. Рецептот е мошне едноставен: компирот и просото се варат, кромидот се сецка на коцки, морковот се ренда и се пропржуваат на масло. Зеленчукот се додава во котелот или во лонецот заедно со месен нарезок.
Секој што бил во руска војска добро ја памети динстуваната зелка. Таа се служи како прилог со месо или со виршли.
Доколку нема свеж зеленчук секогаш може да се направи винегрет. Тоа е салата што се право од варен зеленчук – компири, цвекло, морков, кисели краставички и грашок. Најчесто се прави со масло.
„Мене винегрет сè уште ме потсетува на војска“, вели Михаил.
Кашата од хељда е универзално јадење. Таа практично не може да се расипе. А, ако во неа се додадат познатите месни нарезоци, таканаречена „тушонка“ тогаш војникот добива вкусен оброк кој може да го засити. Доколку готвачот е добро расположен, пред варењето може да ја пропржи хељдата во тава и тогаш кашата добива вкус на јаткасти плодови.
За вечера војниците најчесто добиваат риба со прилог, на пример хељда или пире.
„Тоа е најобична и најевтина риба – ослиќ или бакалар, ништо особено“, си спомнува Николај.
Војниците кои во текот на денот ќе направат некоја беља, по ручекот остануваат под казна да лупат компир за пире или за чорба за следниот ден. Но, тие не се возбудуваат многу, зашто тоа им е можност да добијат репете за вечера.
За празник војниците можат да добијат чоколадни бонбони или друго слатко. За Велигден тоа е парче руски велигденски колач кој се вика „кулич“, за Нова година мандарини, а за Масленица (неделата пред Великиот пост) палачинки со кондензирано слатко млеко (сгушчонка) и павлака.
„Кога на трпезата ќе се појави нешто слатко, знаеме дека е некој празник. Во војска човек заборава кој датум е. Дури кога за јадење ќе добие кекс, чоколадни бонбони или мандарини, тогаш ќе сфати дека е, да кажеме, 23 февруари (Денот на бранителот на татковината) или Нова година“.
Во кругот на касарната обично постои кантина каде може да се купи храна, но не секогаш се имаат пари и време. На младите војници не им е дозволено да одат во кантина. Затоа кога имаат посета за нив тоа е гурмански настан.
„Најпосакувани се посетите за време на викенд. Посетата секогаш носи нешто вкусно – колбаси, чоколада...“, се сеќава Николај.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче