Како да направите повеќеслојна татарска свадбена пита „губадија“ (РЕЦЕПТ)

Олга Бровкина
Без разлика дали сакате да ги проширите вашите кулинарски хоризонти или да пробате традиционална свадбена пита, „губадија“ е вистинското нешто за вас.

Губадија е традиционална пита во татарската и башкирската кујна во Русија. Обично се подготвува со фил од говедско или јагнешко месо, кромид и ориз кој се става во обвивка од тесто.

Точното потекло на питата е непознато, но се верува дека настанала под влијание на татарската кујна. Некои историчари сметаат дека во Русија ја донеле монголските освојувачи во XIII век.

Губадијата има посебно значење на свадбите. Обичај е семејството на невестата да го подготвува ова јадење. Обично се подготвува во големи количини и се служи на сите гости на свадбата.

Губадијата традиционално се третира како симбол на кулинарските вештини на невестата со цел идната домаќинка да покаже дека ќе може да се грижи за своето семејство. Питата има неколку слоеви и треба да биде добро печена, а сепак да остане сочна и растресита. Исто така, се смета дека на младенците им носи среќа и благосостојба.

Постојат два вида губадии. Едната е слатка и полнета со сушено овошје и црвено домашно сирење. Обично се служи како десерт со чај. Другата верзија е пикатна пита полнета со месо и служи како обилно главно јадење. Интересно е што сушено овошје се додава и во солената варијанта, бидејќи се верува дека тоа ќе ги заштити младенците од несреќа.

Денеска ви подготвуваме сочна губадија со месо и сушено овошје.

Состојки:

За филот:

Јагнешко филе - 500 g

Ориз - 1 шолја (или 250 g)

Мешавина од сушено овошје - 100 g

Топен путер - 150 g

Кромид - 2 главици  

Тврдо варени јајца - 4 пар.  

Масло - 2 лажици  

Сол, мелени бибер за месото – по вкус

За тестото:

Просеано брашно - 500 g

Млеко - 1 шолја или 250 g

Сув квасец - 10 g

Топен путер - 50 g

Јајца – 2 пар.

Шеќер – 1,5 лажица

Прстофат сол

Начин на подготовка:  

Во топлото млеко сипете ги квасецот, шеќерот и половина од просеаното брашно. Промешајте, покријте со крпа и оставете да отстои на топло место еден час.

Додајте ги путерот, жолчките од јајцата, сол и преостанатото брашно во тестото.

Замесете тесто, извадете го на набрашнета површина и месете додека не почне да ви се одлепува од рацете. Вратете го во садот, покријте и оставете да одмори уште еден час. Тестото замесете го уште 2 пати во интервал од 40-50 минути.

Подгответе го филот. Исечете го месото на парчиња и сомелете го. Излупете го кромидот, ситно исечкајте го и пропржете го на масло околу 5 минути.

После тоа, додајте го меленото месо и пржете уште 8 минути со мешање. Тргнете го од ринглата и оставете да се излади. Додајте сол и бибер по вкус.

Сварете го оризот. Варените јајца ситно исечкајте ги. Сувото овошје измијте го, исечете го на парчиња и оставете го малку во врела вода.

Две третини од тестото развлечете го во круг кој е пет сантиметри поголем во дијаметар од дијаметарот на тркалезната тава што ќе ја користите. Се става во подмачкан плех и одозгора се попрскува со масло.

Преку тестото ставете третина од оризот, а потоа врз оризот распоредете го целиот фил од месо.

Распоредете ја втората третина од оризот, па слојот од јајца.

Додајте го преостанатиот ориз, а потоа сушеното овошје. Прелијте со растопениот путер.

Преостанатото тесто расукајте го во круг, поклопете ја питата и залепете ги рабовите. Печете 35-40 минути во рерна загреана на 190°C.

Послужете топло. Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња