Пачат е посебен вид палачинки од Мордовија, регион кој се наоѓа на околу 450 километри југоисточно од Москва. Овие палачинки се густи, дебели и воздушести, а тоа се постигнува со мешање на пченично брашно со брашно од просо, грашок, хелда или гриз.
Во тестото за пачат се додава квасец, па на крајот добиваме палачинки кои изгледаат како големи тркалезни сунѓери. Нивната дебелина може да биде и до 2,5 сантиметри, но тоа зависи од дебелината на тестото при печењето. Палачинките пачат се обилно премачкани со путер, кој ова шупливо тесто го впива.
Во паганско време овие палачинки претставувале жртвен леб, а сега тие се обележје на Мордовија. Во главниот град Саранск можете да најдете мноштво објекти за брза храна кои ги имаат овие специфични дебели палачинки на менито. Според традицијата, гостите за празникот се пречекуваат со голем куп пачат палачинки, а мештаните ги подготвуваат и во обични денови за домашните.
Најчестиот вид пачат се прави со гриз од просо. И тука има две варијанти: готвачите понекогаш во тестото додаваат каша од просо, или гризот од просо се меле во фино брашно и се додава во пченичниот гриз. Јас ја користев втората варијанта.
Пачат претставува одличен начин да го воведете просото во менито на вашето семејство бидејќи е многу корисен за здравјето! Просото ги отстранува штетните токсини и антибиотици од телото и го заситува со корисни хранливи материи. Јадењата од просо се особено корисни за дијабетес и атеросклероза, а го подобруваат и функционирањето на црниот дроб, панкреасот, кардиоваскуларниот и нервниот систем. Поради високата содржина на силициум и флуор просото ги зајакнува коските, забите, косата и ноктите, а бакарот, кој е присутен во траги, им дава еластичност на коските и мускулите. Јас ја избрав оваа здрава житарка поради нејзиниот благ вкус и пријатната жолта боја.
Пачат палачинките не се многу благи бидејќи квасецот им дава киселкав вкус, но можете да ги филувате со слатки филови. А бидејќи се дебелкави и не се еластични, подобро е да не ги вртите, туку само да ги свиткате на половина и да ги сечете со нож. Се сервираат со мед, павлака или џем.
И, на крај, се разбира, овие жолти сунѓерести палачинки кои наликуваат на пролетното сонце се идеални за прославата на Масленица.
1. Исплакнете го просото и раширете го на хартиена крпа за да го впие вишокот влага.
2. Ставете го во тава и исушете го на слаб оган со постојано мешање.
3. Смелете го во брашно.
4. Квасецот разматете го со топло млеко.
5. Во длабока чинија изматете ги јајцата со шеќерот и солта.
6. Измешајте ги пченичното брашно и брашното од просо.
7. Во јајцата додајте млеко и брашно.
8. Соединете, поклопете и оставете на топло место 1,5 до 2 часа.
9. Измешајте го тестото за палачинки.
10. Печете во добро загреан тиган.
11. Секоја палачинка премачкајте ја со путер.
12. Сервирајте веднаш, со мед, павлака или џем. И, уживајте!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче