Каква конзервирана храна е правена во царска Русија?

Public domain
Kонзервираната „тушонка“ (месен нарезок во конзерва) многумина Руси ги асоцира со годините на Втората светска војна, кога во рамките на хуманитарната помош такви конзерви пристигаа во СССР од САД. Всушност, историјата на „тушонката“ и другата конзервирана храна почнува во Русија многу порано.

Авантуристи предводени од баронот Едуард Тол ​​тргнуваат во 1900 година во потрага по мистериозната Саникова земја. Таа поларна експедиција и потрагата по „проколнатиот остров“ во Арктичкиот океан не е успешна, но го означува почетокот на експериментот со конзервирана храна.

Научниците неколку месеци се заробени во ледена стапица во близина на полуостровот Тајмир, но таму продолжуваат со своите истражувања на копно и во бродските лаборатории. Треба да се обезбеди храна во случај истражувачите да не можат да се вратат на бродот, па Тол наредува да се закопаат на еден метар длабочина во земјата лимени кутии со храна. Во нив има двопек, овесна каша, чоколада, чај, шеќер и 48 лименки чорба од зелка со месо и каша од 1900 година, произведени за царските трупи од првата руска Фабрика за конзервирана храна на Франсоа Азибер.

Ова складирање храна на истражувачите не им притребува, но според дневниците на Тол, кои подоцна се пронајдени, храната била пронајдена од друга експедиција во 1973 година. Конзервираната храна, за чудо, била за јадење, па дури и вкусна. Повторно е пробана во 2004 година и стогодишното „шчи со месо и каша“ и понатаму можеше да се јаде, а лабораториските испитувања беа задоволителни.

Како „француските конзерви“ пристигнуваат во Русија?

Шише за конзервирање од времето на Апер.

Во Русија, конзервираната храна е дегустирана подоцна отколку во Европа и САД. Пионери во оваа област беа Французите. Уште кон крајот на XVIII век Наполеон Бонапарта е загрижен за проблемот со исхраната на своите војници за време на долгите воени кампањи и објавува парична награда за некакво оригинално решение. Во 1810 година, Никола Апер за своето откритие ја добива наградата и титулата „добротвор на човештвото“. Тој херметички ја затвора храната во стаклени тегли и ја вари долго во зовриена вода. По него овој метод е наречен „апертизација“.

Апер ја осмислува конзервираната храна во стаклени тегли, додека Англичанецот Питер Дуран истата 1810 година патентира сличен метод на конзервирање, само во лимени конзерви. Во 1812 година започнува производството на конзервирана храна за британската армија. Таа технологија почнуваат да ја користат и во САД и Германија. Во текот на 1820-тите, САД значително го прошируваат асортиманот на конзервирана храна. Во конзервите веќе нема само месо, или зеленчук и супи. Се појавуваат и конзервирани јастози, туна, овошје и друго.

Кујната на 8 хусарски полк, Крим, 1855.

Може да се каже дека во 1812 година, за време на Татковинската војна, Русија има можност да се запознае со француските конзерви. Легендата вели дека тоа и се случило, но таа новина не била „примена“ на руска почва. Имено, руските војници пронаоѓаат конзерви кај заробените Французи, но не ги јадат, плашејќи се дека во нив има „жабји батаци“. Најхрабар е Михаил Кутузов, командантот на руската војска. Тој смело го пробува странскиот бучкуруш од шише и изјавува дека нема опасност - не се жаби, туку обично јагнешко. Но, за секој случај, им забранува на своите војници да ги јадат.

Конзерви за богаташите

Во 1830-тите конзервите од странство почнуваат да пристигнуваат во Русија како нешто необично и скапо. Во драмата „Ревизор“ (1835) Николај Гогољ за првпат во руската литература ја споменува конзервираната храна. Неговиот главен лик, ситниот чиновник Хлестаков, се фали како луксузно живее во Санкт Петербург: „Чорбата во чинијата пристигна со брод директно од Париз. Отворете го капакот, а внатре чади пареа каква што никогаш претходно не сте виделе“.

Конзерва со чорба од месо од 1900 година.

Не може да се каже дека идејата за зачувување на храната воопшто не ги интересира руските научници. Уште далечната 1763 година, кога ја подготвува експедицијата за проверка на северниот поморски пат од Русија до Кина и Индија, познатиот научник Михаил Ломоносов прави концентрат од сува чорба со зачини. Чорбата успешно го преживува патувањето до бреговите на Камчатка, но јавноста никогаш не дознава за тоа.

Идејата за инстант чорба во кесички ја проучува научникот и основач на Харковскиот универзитет Василиј Каразин. Во 1815 година, тој му го претставува својот концепт на грофот Алексеј Аракчеев (воен министер и близок соработник на царот Александар I), но не наидува на поддршка.

Така, конзервираната храна останува во зоната на научни истражувања и угодување на благородништвото сé до Кримската војна 1853-1856 година, за време на која британските и француските војници јадат „конзерви“, а руските војници страдаат од недостиг на храна. Тогаш во Русија почнуваат да размислуваат за конзервите како долгорочен провијант за војската. Царот Александар II наредува да се купи во странство пробна партија конзервирана храна.

Првата фабрика за конзерви во Русија

 

Во 1870 година Санктпетербуршката военомедицинска академија започнува со тестирање на производи од домашни производители на конзервирана храна. Французинот Франсоа Азибер добива понуда да направи примероци од конзервирана храна за војската. Неговата фабрика за конзерви работи во Санкт Петербург од 1862 година и ги снабдува пазарите и приватните продавници со конзервиран зеленчук и печурки. Примероците за армијата успешно го поминуваат тестирањето во болниците и по некое време Азибер склучува долгорочен договор со војската.

Така, во 1887 година се дизајнирани и пуштени во производство пет видови конзерви за војската: печено говедско (или јагнешко), рагу, шчи со каша, грашок со месо и конзервиран зеленчук.

Кралски конзерви



 

Еден претприемнички настроен Французин со презиме Малон доаѓа на идеја да собира чистен грашок од производителите од Јарославската област и да го конзервира. Дотогаш жителите на околината само го сушат грашокот, за во 1875 година тука да биде отворена фабрика за конзервирање грашок, а подоцна и конзервирани краставици и друг локален зеленчук. Конзервираните производи се продавани во Русија и во странство.

Друга фабрика за производство на конзервирана храна е отворена 1892 година на југозападниот брег на Крим, во Балаклава. Тоа е здружението на Јосиф Кефели. Локалните рибари ловат ципула, скуша, бакалар и друга риба, а во фабриката таа риба е претворана во конзервирани црноморски деликатеси кои потоа успешно се продаваат.

Многу успешен е и бизнисот на Германецот Бирман, кој произведува месни конзерви во Козлов, но неговата приказна завршува трагично. Уште пред револуцијата 1917 година, Бирман изградил кланица која прима 300-400 грла говеда дневно и организира производство на месни конзерви. Поради тешките услови за работа во претпријатието работниците во 1916 година штрајкуваат и ја палат фабриката. Бирман ја напушта Русија, а во фабриката остава надзорник. Во 1919 година војниците и граѓаните целосно ги ограбуваат и рушат сите фабрички капацитети.

Обем на производство во текот на 1904-1905 година во фабриките за конзерви  кои работат за војската во Санкт Петербург, Одеса, Рига и Елгава (денес, како и Рига, град во Латвија, а тогаш дел од Руската империја) изнесува до 250 илјади конзерви дневно и до 75 милиони конзерви годишно. Според податоците на почетокот на Првата светска војна, најголемите фабрики за конзерви во земјата произведуваат 70.000-100.000 порции дневно („Воената економија во Првата светска војна“. Шигалин Г. И.)

Најнеобичната лимена конзерва „со пламенче“

Во 1897 година инженерот и пронаоѓач Евгениј Фјодоров смислува конзерва која сама ја загрева својата содржина. Тоа е лимена конзерва со двојно дно што содржи вода и жива вар. Со вртење на дното, водата и варта се мешаат и започнува хемиска реакција при што се ослободува топлина. На овој начин се загрева храната во лименката. Производството на мали серии вакви конзерви започнува во 1915 година и е наменето за руските војници на фронтот во Првата светска војна.

Без чад и откривање на позицијата војниците можат да добијат и подгреан оброк. Сепак, иновацијата не заживува во Русија и производството на самозагревачки конзерви е прекинато. Слични конзерви подоцна користат германските војници во Втората светска војна, а Јапонија и ден-денес се користи слична технологија во производството на конзервирана храна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња