Збитењот се појавил во руската кујна во XII век. Особено популарен бил во XVIII и XIX пред масовното ширење на чајот и кафето. Збитењот се подготвувал во безалкохолна и алкохолна верзија на база на вино. Се продавал на панаѓури, во кафеани, на улица. Продавачите го носеле во огромни бронзени самовари прицврстени на грб, завиткани во топла ткаенина и оттаму го сипувале во чашите на купувачите.
Првично збитењот се правел во два сада. Во едниот растворале мед, а во другиот ги држеле потопените зачини. Потоа ќе ја измешале содржината од двата сада и ќе ја измателе, што на руски се нарекува „збивали“. Оттука и името на напитокот.
Тоа е густ пијалак со богат вкус на бобинки. Порано се варел и до два часа, но во денешно време е доволно да се вари и половина час. Со него обично се јаде руски ѓеврек со различна големина (баранки, сушки, бублики), ѓевреци или калачи (тркалезен бел леб со отвор во средината). Сладокусците претпочитаат медени колачиња. Збитењот може да се пие топол во зима или ладен во лето. Поради киселата нота на вкусот, добро ја гаси жедта.
Состојки (за 3-4 порции):
Вода – 1 литар
Мед – 100 грама
Шеќер – 3 лажици (по избор)
Брусница - 250 грама
Каранфилче, цимет, кардамон, ловор, пимент - по вкус
Кантарион или други зачински билки – 20 грама (по избор)
Сируп од смрека – 250 милилитри (по избор)
Начин на подготовка:
1. Од брусницата се цеди сокот. Во преостанатата маса од згмечена брусница се додаваат зачинските билки, водата се доведува до вриење и се вари на тивок оган 30 минути. Добиената течност се процедува.
2. Зачините (освен ловоровиот лист) се прелеваат со врела вода и се варат 10 минути. Се додава ловоровиот лист и се вари уште 5 минути.
3. Се процедува течноста во која се вареле зачините, се додава масата од брусница и свежиот сок од брусница, шеќер и мед. Можете да додадете повеќе мед и да го изоставите шеќерот, како што се правело во минатото. Се меша и доведува до вриење. За да добиете дополнителна арома на тајга, на сето тоа можете да додадете сируп од смрека.
Взвар е напиток што се добива со варење на овошје и ароматични билки во вода. Најчесто се прави од кљуква (мочуришна брусница), обична боровинка и јаболко, при што може да се користат и свежи, сушени или кисели јаболка. Од билки се додаваат нане, лист од капина, мајчина душица и други.
Името доаѓа од глаголот „варит“ што значи „вари“. Во него не се додава шеќер, само мед.
Состојки (за 4-5 порции):
Вода - 1,5 литар
Сушени јаболка - 100 грама
Круша - 1 пар.
Сува слива - 250 - 300 грама
Мед – 1 лажица
Каранфилче - 3 пар.
Начин на подготовка:
1. Сушените јаболка и сливи се мијат и потопуваат во топла вода еден час.
2. Водата се истура и се прелеваат со ладна вода, па се загрева додека не зоврие.
3. Се додаваат парчиња свежа круша, се вари 3-4 минути. Се додава една лажица мед, внимателно се меша. Пијалакот се остава да отстои околу еден час и се налева во чаши.
Овој стар руски пијалак со малку алкохол базиран на бобинки и мед потекнува од Јарославската област. Душепарката се пие додека е жешка. Во името можат да се препознаат зборовите „душа“ и „пари“, што се однесува на ефектот на загревањето што го предизвикува.
Душепарката има киселкасто-трплив вкус поради киселите бобинки, а во неа се чувствува и „лутоста“ на зачините и благата горчина на пивото.
Состојки (за 3 порции):
Темно пиво – половина литар
Течен мед – 150 милилитри
Кљуква (мочуришна брусница), брусница или црна рибизла – 250 грама
Црвено полуслатко вино - 200 милилитри
Зачини (ѓумбир, цимет, кардамон, пимент, кантарион) – по вкус
Шеќер – 3 лажици или по вкус
Доколку сакате да добиете поблаг вкус, наместо темно пиво можете да користите светло и да ја удвоите количината на мед.
Начин на подготовка:
1. Се мешаат медот, бобинките, пивото и зачините во шерпа. Смесата се доведува до вриење и се вари на тивок оган 15 минути.
2. По варењето се меша и цеди течноста. Исцедениот талог може да се фрли.
3. Течноста се сипува во шерпа, се додаваат виното и шеќерот и се меша сé.
4. Душепарката се загрева, но не да зоврие. Штом почнат да се креваат ситни меурчиња, се трга од огнот и се налева во чаши. Ќе добиете слаб алкохолен пијалак со 6-7% алкохол.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче