Како пунчот стана „жонка“, омилениот пијалак на руските хусари и писатели

„Хусарска балада“, 1962, режисер Елдар Рјазанов.

„Хусарска балада“, 1962, режисер Елдар Рјазанов.

Мосфильм
Овој алкохолен пијалак е задолжителен атрибут на сите бучни забави. Пунчот стана познат благодарение на руската книжевност: за него пишуваа Лермонтов и Гогољ, а Пушкин за малку ќе плател со глава поради вртоглавиот ефект на овој коктел.

Рецептот го донеле во Русија офицери на руската армија по војните против Наполеон. Според составот и технологијата на подготовка, пијалакот е сличен на обичниот пунч, но под влијание на хусарите се променил и добил ново име, иако ја задржал јачината и „ефектот на добро расположение“.

Руски пунч

Подофицери на царската гарда на Хусарскиот полк, 1838.

„Жонка“ е своевиден пунч. Францускиот историчар Гримо де ла Рениер во 1803 година во својата книга „Гурмански алманах“ на овој начин го опишува неговото дејство: „Пунчот раѓа веселост, ја загрева фантазијата и речиси никогаш не опива“. Последното тврдење може да се побие, што во Русија е и сторено.

Кадар од филмот „Хусарска балада“, режисер Елдар Рјазанов,1962.

Во рацете на руските офицери рецептот бил променет, така што фразата „речиси никогаш не опива“ повеќе не важи. Хусарите се потрудиле и самата подготовка на пијалакот да биде многу ефектна: полнеле огромно ведро со вино и преку него ставале две вкрстени сабји, а врз нив „шеќерна глава“ (т.е. шеќер во форма на конусна векна) и ја полевале со рум. Потоа „главата“ ја потпалувале и загорениот шеќер се прелевал во виното, по што го гаснеле со шампањ. Поради тој „пожар“ пијалакот го добил името „жонка“ (руски: „жжёнка“ од глаголот „жечь“ - пали).

Меѓутоа, рецептот можел да се менува. Понекогаш румот се заменувал со коњак, се користеле и црно и бело вино, се додавало и овошје. Во теренски услови „жонката“ се подготвувала од она што било при рака, главно за да ги загрее борците зиме и да им даде дополнително охрабрување пред битката. Но, затоа во мирнодопски услови подготовката на пијалакот се претворила во вистински ритуал.

Кадар од филмот „Хусарска балада“, режисер Елдар Рјазанов,1962.

Поранешниот хусар, грофот Остен-Сакен, се сеќава на офицерските обичаи: „Забавата течеше во војничка атмосфера: на подот тепих, а во средината на просторијата стои некаков сад и во него гори шеќер во рум, како логорски оган во бивак“. Сите седат во круг во неколку реда со пиштолите во рацете, со тоа што запалките им се залепени со печатарски восок. Кога шеќерот ќе се стопи, во садот се налева шампањ, пиштолите се полнат со готова „жонка“ и започнува пијанката“.

Кадар од филмот „Хусарска балада“, режисер Елдар Рјазанов,1962.

За „жонката“ се велело дека е „хусарска“ затоа што во хусарските полкови служеле наследниците на богатите и угледни семејства, еден вид „златната младина“ на XIX век. Ретко кој можел да си дозволи толку скапа разонода, а хусарите можеле, бидејќи офицерската плата била околу 395 рубли годишно, а со тие пари можеле да си плаќаат стан, да си го одржуваат коњот, да купуваат скапа униформа и храна. Најевтиниот шампањ чинел 2 рубли, а најевтиното француско вино 50 копејки. Еден пуд (околу 16 кг) шеќер чинел околу 40 рубли. Кога сето тоа ќе се собере, излегува дека пиењето било многу скапо, а ако се земе предвид начинот на живот на хусарите и фактот дека во општеството биле третирани како опасни момци и заводници, можете само да си замислите колку трошеле годишно на такви забави.

Пијалак на младите книжевници

Иван Петрович Липранди

Скапиот жесток пијалак се проширил од хусарските полкови и на литературните и студентските кругови. Пушкин бил голем обожавател на „жонката“. Пријателот на писателот Иван Липранди во своите мемоари го забележал следниот случај: во друштво на пријатели, Пушкин и полковниците Орлов и Алексеев отишле во собата за билјард да испијат малку „жонка“ таму. Испиле три чинии, што, како што и можело да се очекува, дејствувало врз писателот. „Пушкин се расположи и почна да приоѓа до масата за билјард и да ја попречува играта. Орлов му рече дека е како ученик, а Алексеев додаде дека учениците треба да се научат на памет... Пушкин се оттргна од мене и им ги измеша топките, а не им остана должен ни на зборови. Се заврши со тоа што тој ги предизвика и двајцата на дуел а мене ме повика како негов секундант“. Благодарение на посредништвото на Липранди, случајот бил заташкан: Орлов и Алексеев му се извиниле на Пушкин, така што дуелот бил откажан.

Михаил Лермонтов научил да го прави овој пијалак уште како кадет во воена школа и со љубов пишувал за „жонката“, а Николај Гогољ лично подготвувал „жонка“ за своите гости. „Жонката“ останала популарна во текот на XIX век. Во книгата „Минато и мисли“, објавена во 1870 година, Александар Херцен се сеќава како на роденденот на свој пријател испил „некоја повеќе“: „Утредента се разбудив со главоболка и мачнина. И сфатив дека тоа е од жонката, од тој бучкуруш! Цврсто решив дека во иднина никогаш повеќе нема да пијам „жонка“. Тоа е отров“.

Група офицери на Хусарскиот полк, 1900-ти.

Кон крајот на XIX век популарноста на „жонката“ почнала да опаѓа: модата ѝ поминала, а и составот на офицерските полкови многу се променил - ретко кој можел да си дозволи толку скапо задоволство. Во ХХ век „жонката“ се користела само на церемонијата на примање новодојденци во хусарските редови, а по Првата светска војна овој пијалак бил целосно заборавен.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња