Потемкинова чорба: Бисерот на руското кулинарство посветен на миленикот на Екатерина Велика (РЕЦЕПТ)

Legion Media
Оваа рибја чорба е зачинета и збогатена верзија на обичната руска рибја чорба, односно „уха“, и била дел од царската трпеза. Пробајте го ова возбудливо ремек-дело на аристократската руска кујна.

Потемкиновата чорба е предјадење именувано во чест на генерал-фелдмаршалот кнезот Григориј Потемкин-Таврически. Целиот свој живот бил посветен на служење на својата татковина како исклучителен генерал и талентиран државник. Неговата служба и способности биле високо ценети од царицата Екатерина Велика и тој долги години бил нејзин главен советник. Потоа нивната професионална врска прераснала во интимна. Накратко, тој го освоил срцето на најмоќната руска царица.

Што сè уште живее денес во сеќавањето на Русите за кнезот Потемкин? Неколку не сосема точни легенди, фактот дека ја освоил земјата кај Црно Море, метафората „Потемкиновото село“ (кога нешто е направено да измами и да изгледа подобро отколку што всушност е) и... конечно: чорба која го носи неговото име.

Кнезот бил пребирлив гурман и сакал да приредува гозби и разни видови на забава. Јадењата што ќе се нашле на менито на неговите вечерни гозби ја разгорувале фантазијата со своите имиња: „Татарски телешки опашки“, „Говедски очи во сос“, „Откако се разбудив наутро“, „Тројанска свиња“ итн.

Не можеме со сигурност да кажеме дека Потемкин ја јадел оваа чорба, но рецептот секако е во негов стил: префинет и со богат вкус. Опфаќа подготовка на тројна рибна чорба зготвена во таканаречен „троен буљон“, со кој јадењето станува уште похранливо. Покрај тоа, оригиналниот рецепт користи вино за да додавање на посебен вкус и арома, и жолчка како врзувачки елемент. Интересно е и додавањето рибји кнедли покрај ролничките од рибино филе.

Состојки за осум порции:

Тројна рибја чорба – 2 литри

Десертно вино - 100 ml

Риба парга или некоја друга - 6-8 парчиња или 1 kg

Солен путер - 50 g

Жолчки – 2 пар.

Павлака – 2 лажици

Кнедли од мелена штука и пасиран речен рак со путер - 400 g

Морков - 100 g

Целер - 100 g

Млад грашок - 150 g

Кромид – 1 главица

Каранфилче - 2 пар.

Крап – 1 пар. (700 g)

Гргеч  -  1 пар. (500 gr)

Оцет - 1 лажица

Пасиран речен рак со путер - 1 лажица

Кромид – 2 пар.

Сол по вкус

Лисје на млад кромид по вкус

Бибер по вкус

Ловор - 2-3 листа

Начин на подготовка:

1. Ќе почнеме од тројната рибја чорба. За неа земете крап и гргеч (или видовите риби што обично ги користите за рибја чорба). Добро исчистете ја рибата, отстранете ги сите жабри. Потоа поделете ја на три дела. Секој дел завиткајте го во газа во вид на вреќичка.

2. Ставете ја првата вреќичка во длабоко тенџере со вода и варете околу 30-40 минути.

3. Извадете ја вреќичката со рибата од тенџерето и добро исцедете ја, па во истата вода ставете го свежиот дел од рибата (втората вреќичка). Гответе 30-40 минути, а потоа повторете го истото со третата кесичка. Додадете еден цел кромид, сол и бибер. Кога ќе се свари кромидот, извадете сè од чорбата.

4. Сега да преминеме на паргата или другата риба што ќе ја користите за ролничките. Внимателно земете го рибиното филе и отстранете ги коските, главата и перките.

5. Секое филе се премачкува со омекнат посолен путер и се прават мали ролнички, се врзуваат со тенки ленти од лисјето на младиот кромид, претходно отстојан во врела солена вода со оцет.

6. Во чорбата се ставаат коските, главите и перките од паргата и се вари со кромид и каранфилче. Потоа процедете го буљонот низ густа газа. Додадете ја тројната чорба во буљонот од парга; посолете по потреба, оставете да зоврие и варете ги рибјите ролнички десетина минути, па извадете ги.

7. Сега правиме кнедли од риба. Најпрво извадете ги коските од филето на штуката и ситно исечкајте го.

8. Во посебен сад сипете го млекото преку неколку парчиња леб; штом ќе омекне додајте го на штуката. Потоа додадете една лажица пире од речен рак и путер ако имате (или изоставете) и малку сол.

9. Изблендирајте да добиете хомогена маса. Потоа со лажица обликувајте ги кнедлите.

10. Варете ги кнедлите во буљонот околу 10 минути. Извадите ги.

11. Додајте вино во буљонот.

12. Исечкајте ги морковот и целерот, додајте ги заедно со грашокот во чорбата и сварете.

13. Жолчките се матат со павлака и се додаваат во топлата, но не врела чорба, брзо мешајќи со жица за матење. Потоа загрејте ја чорбата, но да не зоврие.

14. Рибните ролнички и рибјите кнедли се редат во чинии и се прелеваат со чорбата. Пред сервирање додадете сецкани ароматични билки. Уживајте во оваа чудесна рибја чорба од руската историја!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња