Десет факти за човекот што го припои Крим

Јоханн Баптист Лампи Старији; Public domain
Се зборувало дека тој владее со Русија од сенка. Тој човек засекогаш го има освоено срцето на Екатерина Велика, најмоќната и најавторитативната руска императорка. Дури и таа со својот сјај и со својата слава не можела да го засени Григориј Потемкин.

1. Станал успешен благодарение на својот ум, а не на богатството

Григориј Потемкин бил син на пензиониран мајор од Смоленската губернија. Идниот кнез имал седум години кога починал неговиот татко. Потемкин бил воспитуван од мајка си. Таа го запишала во гимназијата при Московскиот универзитет. По една година студирање добил медал за успех во науките, а по две години се нашол меѓу најдобрите студенти. За волја на вистината не завршил факултет, но го привлекол вниманието на дворецот и почнал да служи во коњичката гарда.

2. Неговиот изглед и карактерот придонеле да стане славен

Григориј Потемкин

„Беше висок, складно граден, со силни мускули и високи гради. Имаше орелски нос, високо чело, убаво заоблени веѓи, пријатни сини очи, многу убава боја на лицето со малку нежно руменило, мека и кадрава светла коса, рамни и заслепувачко бели заби“, вака го опишува Потемкин во најубавите години неговиот биограф, историчарот Василиј Огарков. Покрај хармоничниот изглед Потемкин бил и мошне силен. И никогаш не се плашел од тешкотии. „Знам што се тоа тешкотии, но сакам да работам со луѓе кои ги совладуваат тешкотиите“, велел тој подоцна.

„Мошне е храбар – под непријателскиот оган тој застанува и мирно издава наредби“, напишал за Потемкин австрискиот дипломат, грофот Карло Лињ. „Мошне е прибран кога очекува опасност, но среде опасноста се радува, а среде разонодата му е здодевно... Со генералите не разговара за богословието, а со архиереите за војна“.

Потемкин, секако, бил мошне популарен меѓу жените, а бил вљубен во Екатерина Велика, најмоќната жена од тоа време.

3. Можеби склопил брак со императорката Екатерина Велика

Императорката Екатерина Велика.

Григориј Потемкин бил првиот меѓу луѓето што ги фаворизирала Екатерина Втора. Него царицата го почитувала најмногу и со него била најблиска. Секогаш се зборувало дека тие склопиле таен брак. Според рускиот обичај, императорката не можела да се омажи за човек кој припаѓал на толку различен социјален слој. Имено, таа била царица, а тој благородник кој не припаѓал на значаен род. Потемкин кон средината на седумдесеттите години од 18 век веќе бил генерал-аѓутант и поседувал голем имот, но сето тоа го стекнал во текот на животот, а не благодарение на благородничкото потекло. Впрочем, дури и да припаѓал на угледен благороднички род, сепак немал царска крв, што значи дека императорката не можела официјално да се омажи за него. Без оглед на сето тоа, тие долго живееле во Зимскиот дворец токму како маж и жена. Собата на Потемкин била веднаш над спалната соба на царицата. Само тој можел да влезе во нејзината соба во секое време без никаков повик. Императорката во писмата му се обраќала со зборовите: „Драг мој мажу...“, а себеси се нарекувала жена, сопруга.

4. Ги зачувал „простачките“ манири и покрај високата функција

„Првата грицкалка за нокти во империјата“, малку зајадливо за него зборувала Екатерина Велика. Тој навистина ги грицкал ноктите кога ќе се замислел. Не можел да се одвикне од тоа дури и кога станал втор човек на Руската империја. Сакал народна храна – пирошки, каша и суров зеленчук. Оваа храна секогаш ја имал во своите одаи. Во приватните писма и во разговорите со потчинетите употребувал пцости. Од друга страна, кога станувало збор за кариерата, Потемкин бил беспрекорно облечен и отмено учтив.

5. Дури и кога повеќе не бил најблизок соработник на Екатерина, Потемкин и понатаму бил нејзин пријател и советник

Во 1774 година Потемкин бил именуван за губернатор на новоформираната Новоросијска губернија. Со самото тоа повеќе не бил толку близок со Екатерина и тешко ја поднел таа одвоеност. Но, токму тој во 1775 година ѝ го претставил на Екатерина својот службеник Пјотр Заводовски кој станал секретар на царицата и нејзин најблизок соработник. Потемкин и понатаму се допишувал со Екатерина во врска со работи од државна важност и бил нејзин главен советник. „Тебе никој не ти е рамен“, му напишала таа. Потемкин имал мошне важни работи: управувал со Новоросијск и раководел со припојувањето на Крим, а во 1775 година започна реформа на армијата.

6. Ги укинал периките и плетенките во армијата

Реформа на армијата (пред и по реформата).

Потемкин бил вистински воин. Тој знаел колку е важно војникот да биде растоварен. Војниците пред реформата морале да носат перики и плетенки завиени околу челична жица. Потемкин пишувал: „Правите кадрици, ставате пудра, ја плетете косата – зарем е тоа војничка работа? Војниците немаат лични слуги!“ Тој им ја укинал на војниците ваквата обврска. Потоа перики и плетенки носеле само офицери.

Потемкин исто така наредил да се промени униформата. Наместо дворедните волнени мундири и ремените кои се стегале на половината (ваквата униформа изгледала многу убаво, но била мошне неудобна), вовел шалвари, мундири и чизми. Наместо убаво обликуваните шешири војниците почнале да носат практични шлемови. Најважно, меѓутоа, било почитувањето на војниците. Потемкин забранил војниците да се користат за приватни работи и повеќе пати потсетувал дека офицерите мораат да бидат човечни кон војниците. Се грижел за здравјето на војниците, знаејќи дека во војна повеќе луѓе умираат од валкано и од болести, одошто од куршуми или од ѓулиња.

7. Тој го припоил Крим со Руската империја

Карта на Крим на помладиот научен соработник Фјодор Чорни, 1790 година.

Како губернатор на Новорусија Потемкин направил план за припојување на Крим кој се граничел со неа. По победата над Османлиското царство во 1774 година, во која непосредно учествувал и Потемкин, Кримскиот ханат добил слобода во согласност со мировниот договор. Турците, меѓутоа, не брзале да ги повлечат своите единици од Крим. Русите под раководство на Потемкин во текот на повеќегодишен период успеале без пролевање крв да се договорат со Турците и со жителите на Крим за припојување на полуостровот кон Русија. Григориј Потемкин во 1873 година лично го претставувал Руското царство кога кримските големци и обичните луѓе на рамниот врв на планината Ак Каја (Бела карпа) се заколнале на верност на руската круна. За припојувањето на Крим Потемкин добил чин фелдмаршал.

8. Организирал патување на Екатерина Велика на Крим

Затворена санка со коњска запрега на императорката Екатерина Велика.

Потемкин во 1787 година организирал патување на 57-годишната императорка на Крим. Тоа бил настан од неверојатни размери. Заедно со Екатерина патувал целиот дворец, односно околу 3.000 луѓе! Во царскиот конвој имало 14 кочии, 124 санки со приколки и уште 40 резервни санки. Екатерина патувала во кочија за 12 лица со запрега од 40 коњи. Ја следеле дворјани, слуги и претставници на дипломатските мисии.

Огномет во чест на Екатерина Велика.

Патот на царицата речиси по целата должина на патот бил осветлен со бакли или со запалени буриња (а, патувањето започнало назима). На сите поголеми станици ја дочекувале генерал-губернаторите, а на Крим на Екатерина ѝ се придружил царот на Светото римско царство Јосиф Втори. Царицата минала 12 дена на Крим. По ова патување на Потемкин му ја доделила титулата кнез од Таврида.

9. Тој за императорката формирал „чета амазонки“

Императорката Екатерина и „четата амазонки“

Во 1787 година Потемкин ѝ раскажал на Екатерина како Грците на Крим заедно со своите жени храбро се бореле против Турците. Екатерина не можела лесно да поверува во оваа приказна, па Потемкин ѝ ветил дека ќе ѝ даде доказ за храброста на овие жени. Затоа наредил да се формира чета од 100 воини од женски пол. Оваа наредба ја добил началникот на Балаклавскиот грчки баталјон, воена единица која била составена од Грци кои пребегнале од Османлиското царство. „Амазонската чета“ била формирана од жените и од ќерките на овие воини. Капетан на четата била 19-годишната Елена Сарандова, првата жена-офицер во руската армија.

Припадничките на новофорираната единица минале интензивна обука во јавање, во мечување и во гаѓање, за на 24 мај 1787 година „амазонската чета“ да ја пречека Екатерина во селото Кадикеј. „Амазонките“ биле на коњи, облечени во убава униформа – сукњи од кадифе со боја на малина и женски блузи со зелена боја. И сукњите и војничките блузи биле опшиени со лента со златен вез. На главата носеле бели турбани со позлатени тркалца и перо од ној. Царицата била мошне задоволна. „Амазонската чета“ ја следела Екатерина на патувањето кон Крим, а по завршувањето на патот е расформирана. „Амазонките“ немаат учествувано во нити една битка.

10. Починал далеку во полето како вистински воин

Смртта на кнезот Потемкин од Таврида, гравура.

Потемкин имал 52 години кога во 1791 година во Јашија водел мировни преговори со Турците, завршувајќи на овој начин уште една војна на Русија со Османлиското царство. На патот од Јашија во Николаев одеднаш му се слошило. Наредил да го извадат од кочијата. Починал фактички на полето.

Екатерина била длабоко потресена од смртта на Потемкин. „Почина мојот ученик, мојот пријател, може да се каже идол, кнезот Потемкин од Таврида!“, напишала таа. Посмртните останки на Потемкин се погребани во Храмот Света Екатерина во Херсонес.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња