Вкусна татарска супа со ситни полнети парчиња тесто (РЕЦЕПТ)

Александар Кузмин/Getty Images
Татарите велат дека кулинарските способности на домаќинката најдобро може да се проценат врз основа на нејзината умешност во правењето неколку стотици ситни парчиња тесто полнети со месо.

Пељмените или полнетите парчиња тесто отсекогаш биле популарно јадење во руските региони. Понекогаш се користат и во супа, како на пример, кај Татарите, втората по големина етничка група во Руската Федерација.

Кримските Татари ја нарекуваат супата со ситни домашни пељмени кјашик-аш или „лажица-супа“. Всушност, вештината на домаќинката се проценува со лажица: колку повеќе парчиња полнето тесто може да собере во лажица, толку повеќе младата домаќинка е подготвена за мажење.

Имено, оваа супа ја подготвувале девојките пред мажење со цел да ги импресионираат потенцијалната свекрва и остатокот од семејството на младоженецот. Во регионот околу реката Волга меѓу Татарите супата со ситни пељмени се смета дека е јадење за младоженецот, која исто така ја покажува и вештината на невестата.

Всушност, јадењето традиционално се состои од многу ситни парчиња полнето тесто (големината се одредува со помош на напрсток или прстен) направени од тенко тесто во претходно зготвен булјон од месо со коски и зеленчук. На крајот во супата се додаваат многу зачински билки и павлака.

Совршената верзија на оваа супа треба да има од 5 до 12 пељмени по лажица. Како што можете да претпоставите, процесот на правење пељмени е прилично заморен и може да се смета за особено изискувачки предизвик. Ајде да се обидеме заедно да го направиме ова автентично јадење!

Состојки за 8 порции:  

Тесто:

Вода - 300 ml

Брашно - 700 g

Сол – 1 лажичка

Масло – 3 лажици

Фил:

Мелено месо - 800 g

Кромид – 2 гла.

Сол по вкус

Мелен црн бибер по вкус

Јајце – 1 пар.

Супа:

Морков – 1 пар.

Кромид – 1 гла.

Насечкани ароматични билки – 3 лажици

Лук – 2 чешниња

Сол по вкус

Мелен црн бибер по вкус

Масло - ½ лажица

Путер - 20 g

Ловоров лист – 2 пар.

Сервирање:

Зачинско билје по вкус

Павлака со 15% масленост по вкус

Свеж мелен црн бибер по вкус

Начин на подготовка:

1. Се замесува тесто од просеано брашно, топла вода, сол и масло. Тестото треба да биде еластично и доволно цврсто за да не мора да се користи дополнителна количина брашно при размесувањето и обликувањето. Воопшто не смее да се лепи за рацете, но и многу брзо да се суши.

2. Тестото завиткајте го во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер 60 минути.

3. За филот ситно се сечка кромидот, па се меша во чинија со мелено месо и зачини, сол и јајце. Немојте да додавате вода.

4. Тенко растегнатото тесто се сече на квадратчиња од 1,5-2 см. На секое ставете малку мелено месо. Земете еден, превиткајте го дијагонално и штипнете го врвот за добро да се залепи. Преклопете од секој крај. Потоа притиснете ги рабовите за целосно да се залепат. Ако сте навикнати на некоја друга техника на виткање, можете да ја користете која било сакате и да направите ваши специфични форми.

5. Готовите пељмени се ставаат на даска посипана со брашно. Јас добив вкупно околу 200 парчиња, од кои 100 беа ситни. Покрупните ги ставив во замрзнувач за друг пат.

6. Сега е време да ги излупите морковот, кромидот и лукот. Морковот изрендајте го крупно и исечкајте го кромидот.

7. Загрејте ги маслото и путерот во тенџерето во кое ќе ја варите супата. Додадете го зеленчукот и варете додека морковот не омекне, околу 5 минути. Мешајте повремено.

8. Додајте вода и оставете да зоврие на средна температура.

9. Потоа додајте ги пељмените и варете уште 5 минути или помалку. Додајте го ловоровиот лист. Додадете зачински билки, сол и бибер.

10. Супата се служи врела. Со неа можете да послужите павлака или кисело млеко. Секој нека си додаде зачински билки по свој избор. Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња