Пет руски јадења што Европејците си ги „присвоиле“ и ги претставуваат како свои

Иако несомнено имаат руски називи, овие јадења толку се имаат етаблирано на манијата во европските земји што денес се сметаат за локални специјалитети.

Дали сте знаеле дека светскиот рекорд во подготвување руска сољанка е поставен во... Германија? Во ноември 2019 година готвачот Андре Домке во ресторанот на брегот на Балтичко море има подготвено цели 168 литри рибина сољанка од бакалар. Зарем Германците имаат слушнато за сољанка? Не само што имаат слушнато, ами ја сметаат и за дел од својата кујна!

1. Сољанка – „советското наследство“ на Источна Германија

Познатата руска чорба се смета за кулинарски специјалитет во краиштата на некогашната Источна Германија. На менијата во рестораните се има појавено во повоениот период. Зошто е толку добро прифатена? Најверојатно затоа што традиционалната германска кујна содржи голем број јадења од чадено месо и сољанката одлично се има вклопено во овие вкусови. Дури и Ангела Меркел во една пригода има признаено дека сољанката, сатарашот и раженчињата се нејзини омилени јадења.

Сепак, германската сољанка се разликува од руската. Во чорбата тие често додаваат сенф, капари, сатараш од конзерва и сок од лимон. Постои и „баварска“ варијанта со говедски бубрези.

2. Руски леб – ни лепиња, ни векна

Ако во германска продавница видите пакување со натпис RussischBrot (руски леб), ќе ве изненади неговата содржина. Имено, Германците така го нарекуваат традиционалниот кекс во облик на буква. Многумина Руси во детството имаат грицкано таква „азбука“. Се смета дека овој кекс во Германија уште во 19 век го донел кондиторот Фердинанд Фридрих Вилхелм Ханке (Ferdinand Friedrich Wilhelm Hanke). Тој се школувал во Санкт Петербург каде за првпат видел колаче во облик на буква, а потоа во Дрезден отворил своја пекарница. Секако, германскиот кекс се прави во облик на латински букви.

3. Строганов од колбас на шведски начин

Едно од најпопуларните руски јадења на светот во малку изменет облик влегло во националната кујна на Шведска под називот Korv Stroganoff. Наместо говедско во него се ставаат свински колбаси Falukorv, како и доматно пире, павлака, лук и сенф. Додека во Русија со говедското Строганов се служи хељда или пире од компири, во Шведска прилози се ориз или макарони.

4. Кулебјака – елегантно француско печиво

Руското празнично печиво во француската кујна го носи називот Coulibiac. Јадењето таму се појавило благодарение на шефот на кујната Огист Ескофјер (Auguste Escoffier) кој во седумдесеттите години од 19 век работел како готвач во Ница (тој во Франција го вовел и „рускиот“ редослед на сервирање, односно обичајот јадењата да се изнесуваат едно по друго, како и поимот „висока кујна“). Во една пригода францускиот готвач ги нагостил руските морепловци на кои многу им недостасувала татковината. Тој им подготвил Кулебјака. Јадењето им се допаднало на сите, не само на руските гости, па со текот на времето се проширило низ земјата. Дури и Џулија Чајлд во својот готвач за Американци го опишува рецептот за подготвување кулебјака со лосос како француско јадење.

Во Русија во кулбјаката по правило се ставаат неколку различни видови зајре кои се одвојуваат со тенок лист тесто. Во Франција овој метод не е популарен и колачот главно се прави со лосос Coulibiacdesaumon). Освен риба, во зајрето се додава ориз, варени јајца и зеленило, па сето тоа се мота во ролат од типот „Велингтон“.

5. Телешко на орловски начин и свинско на француски

Ова јадење во Русија е познато како „месо на француски начин“, а во Франција како Veau Orloff (телешко на орловски начин). Кон средината на 19 век за првпат го има подготвено францускиот готвач на Алексеј Орлов Урбен Дибуа. Рецептот кој содржи телешко под капа од компири, печурки и кашкавал, запечено со бешамел сос, потоа се проширил низ целиот свет. Додека во Русија се има одомаќено поедноставена варијанта од свинско, кромид, домати, кашкавал и, секако, мајонез.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња