Дури и во времето на големата немаштија во Советскиот Сојуз децата речиси никогаш не остануваа без слатките кои родителите често и со задоволство им ги купуваа зашто беа евтини, сметаа дека се корисни и се продаваа во аптека. Тоа е хематогенот.
Грицки на рецепт
На прв поглед во таа штангличка нема ништо особено, изгледа како обична чоколада во „златна“ обвивка. Мирисот и вкусот на ванила им се допаѓа како на возрасните, така и на децата. Самиот назив на чоколатцето значи дека е крвотворен, дека „создава крв“, а негова главна состојка е албуминот, односно протеин на крвна плазма на крупна рогата стока.
Многумина странци се чудат дека од крв може да се направи нешто слатко.
Се залажувате ако мислите дека децата во Русија не знаат од што се прават овие чоколади. Сите тие знаат дека се од крв.
Измислени се во Швајцарија во 1890 година. Се правеле од крв на бикови и жолчка и се нарекувале Гомелов хематоген. Во Советскиот Сојуз рецептот е користен за превенција на анемија кај децата и како додаток во исхраната на борците на Црвената армија, меѓу другото и за закрепување по ранување. Домашното производство започнало во дваесеттите години од минатиот век. Во втората светска војна била вклучена и во војничкиот оброк и тоа во облик на чоколатце.
Често се произведува во месната индустрија, во која крвта е отпад. Но, можеше да се купи само во аптека, со што добиваше на значење.
Валентина од Санкт Петербург се сеќава дека во детството лекарот ѝ препишувал хематоген зашто имала ниско ниво на хемоглобин. „А, јас послушно земав сè што ми даваа“, вели таа. „Инаку, ја јадам и денес, еднаш во неколку месеци“. Истото го вели и московјанката Марија. „И на децата им ја давам“. Инаку, хематогенот претходно им се препорачуваше на трудниците и на доилките поради превенција на недостаток од железо.
Што има освен крв?
Како што беше пропишано во Советскиот Сојуз, во составот на хематогенот освен албумин морало да има и кондензирано млеко, шеќер, гликозен сируп и ванила. Денес во продажба има чоколатца со најразлични вкусови, збогатени со витамините Б и Ц, со додаток на јаткасти плодови, суво овошје и чоколада. Можат да се најдат на просторот на речиси сите поранешни советски републики, од Украина до Литванија, па дури и во Европа и Америка. Во Русија хематоген произведуваат петнаесетина фабрики, а од аптеките се пресели во обичните супермаркети. Според еден производител од Новосибирск, по распадот на Советскиот Сојуз многу месни комбинати престанале да произведуваат албумин, па сега мора да го набавуваат од странство.
Процесот на производство трае околу 24 часа, сите слатки состојки се мешаат на висока температура, а албуминот се додава кога масата ќе се излади за крвта да не се згрутчи. Чоколатцата се обликуваат следниот ден.
Дали е хематогенот навистина толку корисен?
Денес многу Руси се скептични кога станува збор за користа од хематоген чоколадите, зашто лековит албумин во нив има само околу пет отсто. Останатите слатки состојки не му се неопходни на организмот. Всушност, третина од состојките е кондензирано млеко, а половина е шеќер. Како што на брановите на радиото „Говорит Москва“ рече гастроентерологот Татјана Бандурина, слатката храна доведува до дисфункција на гастроинтестиналниот тракт и алергии како последица.
Освен тоа, треба да се има предвид дека железото тешко се апсорбира во комбинација со кафе, чај и млечни производи, па замената на слатките со хематоген е бесмислена. Лекарите на возрасните лица им советуваат да не земаат повеќе од две чоколатца хематоген дневно и тоа да го сфатат како десерт. А, железо е многу подобро да се внесува со месо.