Четири јадења што мораат да бидат на велигденската трпеза кај православните Руси

Кујна
МАРИЈА БУНИНА
Дури и во времето на атеизмот во Советскиот Сојуз ниту една руска куќа на Велигден не можела да се замисли без овие јадења.

Централно место на велигденската трпеза заземаат вапсаните јајца осветени во црква, пасхата од урда и кулич. Денес малкумина знаат дека во стара Русија богатите верници на масата изнесувале 48 јадења според бројот на денови од велигденските пости. Историчарот на руската кујна Вилијам Похлебкин во својата книга „Кујна на векот“ меѓу традиционалните јадења на свечената трпеза наведува полнето јагне, прасе со каша, мисирка со компири, шунка и месо печено на парчиња, кисели краставици и зелка, како и маринирани печурки. Како додатоци се наведуваат неизбежниот џем од брусница, рен, сенф, а за јајцата била служена посебно подготвена црна сол. Се пиело црно суво вино и слатко кагор, а децата особено се радувале на желето од кљуква. Значи, да преминеме на главните велигденски јадења.

Пасха

Пасхата од несолена урда е традиционален велигденски десерт во облик на пирамида која го симболизира Гробот Исусов. На врвот на слаткото се испишува „ХВ“, според буквите од синтагмата „Христос воскресе“ со која православните верници на тој ден си честитаат.

Основните состојки за овој десерт се несолена урда, путер, кисела или слатка павлака и суво грозје. Во овој десерт се додаваат и јаткасти плодови и кандирано овошје. Смесата за десертот може да се вари или да се послужи сурова. 

Кулич

Во црквите на верниците на Светла сабота по молитвата им се дели велигденски квасен леб артос, кој седум дена стоел во храмот и кој го симболизира Христовото тело, а дома се прави кулич.

Современите куличи се прават од квасено тесто во облик на цилиндер, се украсува со глазура, со јаткасти плодови и со фигури од тесто.

Тврдо варени јајца

Обичајот на боење јајца за Велигден е поврзан со доживувањето на јајцето како повторно раѓање и како извор на нов живот што Христос го донел. Денес во продажба можат да се најдат голем број бои за јајца, но многу поубаво изгледаат кога ќе се обојат како порано, да кажеме со кора од кромид или со цвекло, а да се украсат со листови магдонос или да се обвијат со конци.

Пита со афион

Празничната трпеза отсекогаш ја красела питата со афион. Ништо не е поинаку и денес. Се верува дека таа на семејството му носи благосостојба и богатство. Може да се направи како обична пита, со рамномерно распореден афион во целото тесто или да се завие во ролна со афион, при што краевите се засекуваат, се спојуваат во круг и потоа се формира пита во облик на цвет.

Доколку по Велигден ви останат многу неизедени јајца, направете од нив тесто со варени јајца – кокурки.

Прочитајте уште: Како Русите и Македонците го одбележуваат Велигден