Верници на Велигден во храмот на Христос Спасителот во Москва. Извор: Максим Шеметов / Ројтерс
Малку лингвистика
Христовото воскресение во македонскиот јазик се нарекува Велигден, а неговото потекло е словенско и е добиено со слевање на зборовите велик (голем) и ден, со оглед на тоа дека овој ден е навистина голем за христијаните. Во рускиот јазик овој празник се нарекува Пасха, а зборот е директно преземен од грчкиот јазик, кој, пак, го презел од хебрејскиот. Во старохебрејскиот јазик со овој збор се означувал пролетниот празник на номадите, а потоа се однесувал на излегувањето на Израел од Египет. Интересно е и тоа што во рускиот јазик зборот недела (денот меѓу сабота и понеделник) се нарекува „воскресенье“, а е наречен во чест на воскресението на Исус на третиот ден од неговото распетие.
Велигденски јајца
Главното велигденско јадење кај православните христијани се бојадисаните јајца. Тие, по традиција, се вапсуваат на Велики четврток, а се осветуваат за време на црковната служба. Едно осветено јајце треба да се чува до следниот Велигден. Се смета дека осветеното јајце не се расипува во текот на годината. Според древните руски обичаи постојат два начина за бојадисување, а со тоа и два различни вида јајца. Првиот начин, исто како и во Македонија, бил со користење на природните начини на боење (со кромид, со цвекло и сл.) и тие се нарекуваат „крашенки“. Вториот начин е со сликање разни орнаменти на јајцата, и тие се нарекувале писанки. Писанките се сликаат сурови и не се употребуваат во исхраната. По Педесетница (Духовден) на овие јајца им се лепат пердуви и тие стануваат птици. Иако денес постојат полесни начини за вапсување и украсување на јајцата, и во Русија и во Македонија постојат верници што сѐ уште се придржуваат до традиционалните начини.
Покрај кршењето со јајца, во Русија, особено во помалите места, е задржан еден стар словенски обичај. Станува збор за детска игра, која се нарекува „тркалање јајца“. За оваа игра се прави посебен реквизит – мала патека од шкрилци. На децата им се поставуваат разни подароци, а тоа обично се играчки или некакви други интересни дреболии. Потоа се поставува патеката од шкрилци. По неа децата ги пуштаат велигденските јајца и она јајце што ќе го допре предметот него и го добива. Доколку не постои специјална патека, децата едноставно ги тркалаат јајцата по тревата и се обидуваат да погодат некој подарок.
Велигденски ритуали
И во Русија и во Македонија е прифатена традицијата на одење на гробишта на првиот ден од Велигден. Според македонските обичаи, постои верување дека јајца можат да се вапсуваат сѐ до Духовден, а на овој голем празник тие и се раздаваат на гробиштата. Традицијата да се оди на Велигден на гробишта и таму да се оставаат велигденски јајца е пагански обичај. Во врска со ова руските свештеници дури и го повикуваат народот да оди во црква, а не на гробишта. Сепак, некои обичаи продолжуваат да живеат, без разлика на негодувањето од страна на црквата.
Мошне интересен ритуал во Русија е палењето огнови. Оваа традиција е останата уште од времето на Руската империја, кога огновите се палеле во црквите, на гробиштата и на патиштата. Се смета дека со овој оган се брка нечистата сила, а воедно и се повикува Христос и се „загреваат“ апостолите што бдееле покрај убиениот Исус, чекајќи во светлината од огнот да го видат Господ и да побараат од него помош. Во современа Русија велигденскиот оган (кој се нарекува Благодатен оган) се носи во големите градови од Ерусалим, од Црквата на Воскресението. Кога тој ќе пристигне од Ерусалим, свештениците свечено го разнесуваат по храмовите, а верниците го чекаат за да запалат свеќи од него. По службата многумина се обидуваат запалената свеќа да ја однесат дома, со цел да го зачуваат огнот во текот на целата година.
Велигденска трпеза
За време на овој најголем христијански празник верниците се обидуваат нивната трпеза да биде колку што е можно побогата. Со оглед на тоа дека се завршени и 40-дневните пости, трпезата обично е преполна со производите од кои верниците се воздржувале во изминатиот период. Во Македонија традиционално е велигденското печено јагне, а, со оглед на тоа дека е и потопло, се прават и разни свежи салати од ран зеленчук. Во Русија, пак, за време на празнувањето на Велигден сѐ уште е ладно, па затоа се приготвуваат јадења од зимницата. На трпезата секогаш има место за таканаречената велигденска салата и за курникот (вид пита полнета со месо и со варени јајца), а тука се и главните десерти – пасхата и куличот. И во Русија и во Македонија традицијата наложува велигденската трпеза да биде поставена цел ден и да се чекаат гости, но, исто така, дел од храната им се раздава и на сиромасите.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче