Ден потоа: Излечете го мамурлакот на руски начин!

Getty Images
Помина и новогодишната ноќ. Некои од вас на синоќешната забава претерале со алкохолот. Ве боли главата? Собата се врти како рингишпил? Чувствувате мачнина во стомакот? Време е да преземете нешто. Како и во Македонија, така и во Русија постојат многу начини како да се ослободите од мамурлакот. Russia Beyond-Македонија ви ги претставува руските народни средства за да се чувствувате подобро.

Во Македонија постои мислење дека Русите многу пијат. Добро, во тоа има и малку вистина, иако тие не се на првото место според консумирањето алкохол во светот. Сепак, од дамнина луѓето во Русија сакале да се напијат алкохол, особено кога станува збор за празници. Она што треба да го знаете е дека мамурлакот не е само главоболка и мачнина, ами е знак за затруеност на организмот со токсините од алкохолот. Затоа следете ги нашите брзи и корисни совети.

Хидратација 

Обидете се да пиете колку што можете повеќе течности, зашто поради алкохолот вашиот организам е дехидриран. Освен тоа течностите, особено водата, ја забрзуваат размената на материите, а исто така и помагаат за побрзо исфрлање на токсините од организмот. 

Витамини 

За обновување на рамнотежата на материите во организмот позитивно дејство имаат напивките кои содржат витамин Ц. Најдобро е да направите чај од шипка. Можете да го сварите во обична или во минерална вода, а исто така и да додадете сок од лимон. Во Русија најпопуларно средство за мамурлак е течноста од кисели краставички. Ова му доаѓа како пандан на македонската расолница која обично се консумира за отстранување на несаканите дејствија од труењето со алкохол. Употребата на ова средство е сосема оправдано зашто тоа го нормализира балансот на вода и сол во организмот. 

Млечни производи

Позитивно влијание врз вашиот организам имаат и ферментираните млечни производи. Постепеното навлегување на течностите во организмот ќе го подобрат крвотокот, а тоа од своја страна придонесува до поактивно исфрлање на токсините од организмот. Исто така овие производи се полезни и за воспоставување баланс во желудникот. Во Русија најчесто се консумираат кефирот и рјаженката. Кефирот во Македонија можете да го најдете во речиси секоја подобро снабдена продавница, а како замена можете да користите и јогурт.

Овошни сокови 

Вашата тешка состојба може да ја олеснат и овошните сокови од јаболко, портокал или од калинка. Овие пијалаци содржат големи количества фруктоза која помага побргу да се неутрализира алкохолот во организмот. Исто така добро е во сокот да ставите и една до две кафени лажички мед, кој исто така помага при мамурлакот. 

Чај со лимон 

Во Македонија како средство за отстранување на симптомите на мамурлакот се пие шолја турско кафе со лимон. Истото дејство ќе го постигнете и со шолја црн или зелен чај во кој ќе додадете малку лимонов сок. Притоа имајте на ум дека чајот во овој случај задолжително треба да биде сладок, па затоа додајте шеќер или, уште подобро, една до две лажички мед. 

Сурово јајце 

Русите имаат уште еден добар рецепт кој помага при мамурлак. Во шолја за чај скршете едно јајце, додајте неколку капки оцет, малку сол и малку црн пипер. Сето ова убаво изматете го и испијте го одеднаш. Наместо црн пипер можете да додадете и доматен сок.

Заборавете на алкохолот 

Многумина сметаат дека мамурлакот може да се излекува доколку утрото се консумира алкохол. Притоа некои се задоволуваат само со една кригла пиво, додека други почнуваат веднаш со посилни алкохолни пијалаци. Секако, доколку го сторите ова ќе почувствувате моментално подобрување. Ова се случува од причина што алкохолот има одлично аналгетско дејство. Но, не заборавајте на токсините. Труењето со алкохол треба да се лекува со целосно исфрлање на токсините од телото, а на овој начин вие само дополнително ги таложите во него. 

Запомнете, мамурлакот не е само последица на веселата вечер. Во прв ред тоа е сигнал на вашиот организам дека количеството алкохол што сте го испиле не може да биде прифатено од него. Затоа следниот пат обидете се да се контролирате и не испивајте сè што има на маса. Нека ви е среќна Новата 2018 година!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе