Оваа традиционална руска салата има мошне интересна и необична историја, затоа што нема руско потекло, туку доаѓа од странство, иако историчарите не се сигурни кога точно се случило тоа. Најверојатните периоди се владеењето на Екатерина Велика (1762-1796) или Александар I (1801-1825). Независно од тоа, потеклото на салатата „Винегрет“ останува обвиткано во мистерија.
Без сомнение, името на салатата доаѓа од францускиот сос винегрет, кој се користи како сос за салати во многу земји на Европа. Се разбира, двете состојки - оцетот и растителното масло се дел од рецептот за салатата „Винегрет“ - и покрај фактот дека во Русија оцетот обично се заменува со сок од лимон. Самиот винегрет е мошне рафиниран сос, но не соодветствува на супер едноставниот рецепт за салатата.
За советските граѓани салатата „Винегрет“ е навистина храна како од рајот – вкусна, евтина и здрава храна. Голем број на ретки и деликатесни состојки за други јадења не беа достапни за граѓани на Советскиот Сојуз, но оваа салата никогаш не ја загуби својата популарност и стана составен дел од рускиот живот и кујна. Всушност, дури има и една фраза на руско – дека секоја мешавина може да се нарече „Винегрет“.
Рецептите за „Винегрет“ се различни - некои од нив се мошне егзотични со своите алги, филе од харинга или јаболка. Но, цвеклото, морковот, компирот, сокот од лимон (или оцетот) и растителното масло се главните состојки. Ние ви предлагаме еден од најпознатите традиционални рецепти за „Винегрет“ со која советските домаќинки обично ги пречекувале гостите.
Состојки:
- 300 г цвекло
- 150 г моркови
- 150 г компир
- 150 г кисели краставички
- 200 г конзервиран или замрзнат грашок
- 100 г лук
- 4-5 чајни лажички сок од лимон
- ⅟₄ чајна лажичка сол
- 4-5 супени лажици растително масло
Како се приготвува:
- Сварете ги цвеклото, компирите и морковите, без да ги лупите. Оладете ги, излупете ги и исечете ги на коцки. Исечете ги на коцки и киселите краставички.
- Ако решите да употребите замрзнат грашок, ставете го во врела вода и варете го 2-3 минути.
- Исечете го лукот. Измешајте ги сите состојки и додадете ги сокот од лимон (или оцетот), солта и растителното масло и потоа добро промешајте.