Овие советски војници Германците ги погребаa како херои

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Добро познато е дека нацистите за време на Втората светска војна го доживуваа советското население како „црвени луѓе од втор ред“. Затоа заробените црвеноармејци беа мачени или едноставно убивани. Меѓутоа, имаше примери кога дури и најфанатичните поддржувачи на Хитлер не можеа да не ја признаат храброста и пожртвуваноста на советските војници и војсководци и да им оддадат почит.

5000 германски војници против еден советски тенк

На 24 јуни 1941 година, во заднината на германските единици недалеку од литванскиот град Расејњај, советски тенк КВ-1 запре на средината на патот со кој беа поврзани две германски единици.

Тенкот парализираше речиси 5000 германски војници. „Беше невозможно да се заобиколи поради мочуриштата. Не можевме ни да добиеме муниција, ни да ги евакуираме ранетите - тие умираа“, рапортираа Германците.

Пред Германците да ги соберат своите сили, советската машина уништи 12 германски камиони за снабдување. Борбата траеше ден и ноќ.

Единственото оружје што можеше да се излезе на крај со овој тенк беше противавионскиот 88-милиметарски топ. Педесет германски тенкови го одвлекуваа вниманието на советскиот екипаж додека се приближуваше ПВО топот. КВ-1 беше уништен дури со тринаесеттиот директен погодок.

Од тенкот извадија шест тела: петмината членови на екипажот и едно неидентификувано лице. Потресени од храброста на советските војници, непријателите ги погребаа со сите почести.

„Борете се за Германија како што Ефремов се бореше за Русија“

Во февруари 1942 година советската 33-та армија на генерал-полковник Михаил Ефремов се најде опколена во Смоленската област. Командантот одби евакуација со авион велејќи: „Дојдов со војници, ќе заминам со војници“.

На 19 април штабот на Ефремов се најде во заседа. Генералот беше тешко ранет и, не сакајќи да се предаде, пукаше во себе.

Германците го погребаа со почести како храбар војсководец. Германски офицер тогаш им порача на своите војници: „Борете се за Германија како што Ефремов се бореше за Русија“.