Како најстариот руски партизан ги измами Германците и ги одведе во сигурна смрт

Public domain
За разлика од Иван Сусанин, чиј подвиг се прераскажувал усно, подвигот на Матвеј Кузмин е документиран.

На станицата „Партизанскаја“ на московското метро има споменик на селанец во кожув од овчо крзно и со јазлест стап во раката. Тоа е партизанот Матвеј Кузмин, најстариот херој на Советскиот Сојуз според датумот на раѓање. Ова звање го доби постхумно, и еве зошто!

Споменикот на Херојот на Советскиот Сојуз Матвеј Кузмин на метро станицата „Партизанскаја“ во Москва.

Матвеј Кузмич Кузмин од селото Куракино (округ Великие Луки, Псковска област) веќе имаше над 80 години кога започна војната. Бидејќи не сакаше да стапи во колхоз, живееше како индивидуален земјоделец, се занимаваше со лов и риболов и одлично ги познаваше околните шуми. Луѓето во селото поради неговата недружељубивост го нарекоа волк-самотник.

Херој на Советскиот Сојуз Матвеј Кузмич Кузмин

Кога неговото родно село во август 1941 година беше заземено од Германците, Матвеј остана во селото, немајќи сила да избега. Во февруари 1942 година командантот на германскиот баталјон го повика 83-годишниот Кузмин и му понуди спогодба. Во замена за брашно, петролеј и ловечка пушка, старецот имаше задача да ги одведе Германците на позициите на советската војска кај селото Першино. Како што за весникот „Великолукскаја Правда“ во 1965 година изјави еден од очевидците на настанот, германската единица од околу 35 луѓе била „претходник на скијачкиот баталјон, чија задача беше да ја елиминира нашата воена стража и да им овозможи на Германците да извршат ненадеен напад“.

Кузмин се согласи, но пред тоа успеа да го предупреди својот внук дека ноќта на 13 февруари 1942 година ќе тргне на пат како водич на германскиот одред. И додека Матвеј ги водеше Германците низ шумата, неговиот внук Василиј стигна до позициите на советските трупи и ги извести за опасноста што им се заканува.

Последните денови на Матвеј Кузмич

Кога во 7 часот наутро Матвеј ги изведе Германците од шумата, советските војници ги пречекаа со митралески оган. Како што беше соопштено, командирот на германскиот одред на лице место го застрелал Матвеј Кузмич, а од Германците никој не извлече жива глава. „Великолукскаја правда“ тврди дека загинале 250 германски војници, но според податоците од архивата на Министерството за одбрана, германскиот одред броел 22 извидници и сите биле ликвидирани од митралески оган.

Последните денови на Матвеј Кузмич

На погребот на Матвеј присуствуваше писателот Борис Полевај, а веќе на 26 февруари „Правда“ ја објави статијата „Подвигот на Матвеј Кузмин“, така што цел СССР дозна за „новиот Сусанин“.

Споменот на Матвеј Кузмин е овековечен многу пати. На пример, во 1944 година му беше подигнат споменик на метро станицата „Партизанскаја“ (тогаш „Измајловски парк на културата и одморот „Сталин“). Скулпторот беше имењакот на Кузмин, познатиот Матвеј Манизер, автор на скулптурите на станицата „Плоштад на револуцијата“.

Посмртните останки на Матвеј Кузмин беа свечено пренесени и повторно погребани во 1953 година на градските гробишта во населбата Великие Луки. Звањето Херој на Советскиот Сојуз постхумно му беше доделено на Матвеј Кузмин на 8 мај 1965 година, по повод 20-годишнината од победата над нацистичка Германија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња