- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Ефим Никонов работел на бродоградилиштето како столар без никакво техничко образование, но повеќе пати му се обраќал на царот со предлози за изградба на подводно пловило (писмата ги пишувале други луѓе, бидејќи Ефим бил неписмен). Петар I знаел дека пред сто години (1620) холандскиот инженер Корнелиус Дребел прв во светот тестирал подморница во Темза, па затоа му обрнал внимание на проектот на рускиот мајстор, му обезбедил работилница во Санкт Петербург и му дал право да ги избира помошниците.
На почетокот на изградбата писарот по грешка напишал „Морел“ наместо „Модел“, па бродот влегол во историјата под тоа име.
Првата руска подморница по изгледот потсетувала на големо дрвено буре преслечено со кожа, долго шест метри и високо два метри.
Во трупот биле вградени десет калаисани плочи со отвори со минимален пречник. Низ нив водата однадвор влегувала во кожените вреќи и делувајќи како воден баласт овозможувала бродот да нурка во водата. При изнурнувањето водата се испумпувала со помош на бакарна клипна пумпа. Подморницата со екипаж од пет лица се движела со помош на весла.
Пролетта 1724 година „тајниот брод“ на Никонов бил тестиран на Нева во присуство на царот и офицери на флотата. Бродот успешно се спуштил на длабочина од три-четири метри и наеднаш удрил во дното. Екипажот морал итно да се спасува.
Меѓутоа, без оглед на неуспехот, ниту подморницата ниту мајсторот не го разочарале Петар Велики, така што тој наредил никој да не му ја споменува непријатната ситуација.
Но, по смртта на императорот, Никонов останал без мецената, добивал многу помалку средства, материјали и луѓе.
Последните тестирања на „тајниот брод“ ги извршил во 1727 година. Бидејќи и тие биле неуспешни, Никонов останал без звањето мајстор. Деградиран во обичен „адмиралитетски работник“ бил испратен од престолнината во далечниот Астрахан. А Русија морала да чека на својата подводна флота уште неколку века.