Со указ на императорот Александар III, на 5 мај 1882 година во градот Кронштат на островот Котлин во Финскиот залив е основано првото нуркачко училиште во Руската империја. Неговата задача била да обучува „офицери искусни во нуркање, како и пониски чинови за бродски потреби и работа со подводни мини“.
Нуркачите и претходно служеле на воените бродови на руската флота и биле избирани меѓу морнарите кои знаеле добро да пливаат. Меѓутоа, бројот на такви експерти бил мошне ограничен, а и нивната обука не била многу добра.
Со основањето на Нуркачкото училиште, Русија планирала да добие цели одреди со професионалци способни брзо да креваат артилериски орудија од потонат брод или да отстрануваат мини од правецот на пловидба.
Во училиштето биле примани само цврсти морнари, не постари од 26 години, со силни и добро развиени гради, здрави бели дробови и здраво срце. Биле одбивани кандидатите со флегматичен или импулсивен карактер, луѓе со краток врат и љубители на чашка. „Нуркачот кој сака безбедно и успешно да се занимава со својата работа мора да води правилен живот и затоа човекот навикнат на пиење треба да биде исклучен од списоците на нуркачи“, пишувало во „Правилата на нуркачката служба“.
Обуката траела 12 месеци. За тоа време, офицерите учеле правилно да ги прегледуваат потонатите бродови, да ги цртаат нивните шеми и да прават планови како да ги подигнат на површина. Пониските чинови се обучувале пред сè за ефикасно извршување на подводни работи за подигање и пренесување товар.
Курсистите се запознавале со подводната опрема и уредите, учеле како да се однесуваат под вода за да ја минимизираат опасноста по животот и здравјето. Морално-психолошката обука во училиштето била на толку високо ниво што неговите предавачи често биле консултирани од водечките цивилни и воени експерти од областа на педагогијата и психологијата.
Во Нуркачкото училиште не се вршела само обука. Оваа институција станала своевиден научен центар каде што детално се проучувале сите аспекти на нуркањето и се појавувале проекти кои често не биле полоши од сличните западни идеи, а понекогаш биле дури и подобри: нуркачката пумпа на Колбасјев, подводниот трагач по мини на Шулц, фото-апаратот за подводно снимање на Есипов и Родионов, и многу повеќе.
Училиштето за нуркање се прочуло во странство. Учествувало во неколку индустриски изложби во САД и Франција. Таму неговите пронајдоци биле наградени со почесни дипломи, како и со бронзени и сребрени медали.
Странците биле фасцинирани и од самите руски нуркачи. Тие секојдневно можеле по 3-4 часа да работат под вода без да се жалат на здравствената состојба, додека нивните колеги често се жалеле на главоболка, болка во ушите и гадење.
Во 1909 година, дипломците на ова училиште од длабочина од 58 метри успешно ја подигнале подморницата „Камбала“, која потонала во близина на Севастопол по судирот со оклопниот брод „Ростислав“. Тоа бил вистински рекорд, бидејќи во тоа време не биле кревани бродови од длабочина поголема од 30 метри.
Подводни работи за изградба на мост преку Енисеј, Краснојарск, 1896-1899.
Public domainДо падот на Руската империја во 1917 година Училиштето за нуркање дало над 2500 експерти. Многумина од нив учествувале и загинале во тешките војни против Јапонија и Германија. По револуцијата, училиштето било преместено на Крим и го добило името Балаклавски воено-поморски нуркачки техникум. Познатата образовна институција продолжила да обучува професионални нуркачи за потребите на Воената морнарица на СССР.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче