Морнари на бродот „Петропавловск“, 1917.
Јавен домен„Проклет да е омразениот јарем на комунистите! Да живеат слободно избраните Совети!“ - вакви пароли одекнуваа во март 1921 година во базата на советската Балтичка флота во градот Кронштат.
Таму, на островот Котлин, на само 30 километри од Петроград (Санкт Петербург), против болшевиците се побунија нивните најсигурни борци, Лениновата преторијанска гарда, „славата и гордоста на руската револуција“- припадниците на морнарицата.
Во тоа време низ цела Русија се појавуваа жаришта на народното незадоволство. Економската состојба на обичните луѓе во земјата разорена од Граѓанската војна беше катастрофална: индустријата пропадна, земјоделството се најде во длабока криза, што брзо доведе до глад.
Војната беше практично завршена, но советската влада сè уште спроведуваше сурова политика на „воен комунизам“ со забрана на приватната сопственост и „прераспределба на намирниците“, односно насилно одземање на производи од селаните за потребите на државата.
Припадниците на морнарицата, од кои многумина беа со потекло од село, добро ја знаеја целокупната ситуација.
„Знаевме дека нашите семејства се наоѓаат под притисок на „прераспределбата на намирниците“, дека „прехранбените одреди“ ги тероризираат, дека се дотерани до глад и дека не можат да видат никаква светлина во иднина, никаква надеж дека работите ќе бидат подобри“, се присетува Иван Ермолаев. „Честопати во разговорите за ситуацијата во земјата избиваше незадоволство, а на собирите можеше да се слушнат идеи дека треба да се обратиме до владата со барање да се олесни положбата на селанството, да се укине „прераспределбата на намирниците“, да се стопираат позадинските одреди кои насилно ги одземаат намирниците, а слободната трговија да се дозволи“.
На 23 февруари во Петроград започна штрајкот на работниците од Фабриката за цевки, на кој брзо се приклучија работници од целиот град. Во базата на Балтичката флота во Кронштат војниците внимателно го следеа развојот на настаните.
Властите делумно им излегоа во пресрет на барањата на бунтовниците, зголемувајќи им го следувањето со намирници. Во исто време главните активисти беа уапсени, додека на другите им се заканија со употреба на сила доколку продолжат немирите.
На крајот на февруари ситуацијата во Петроград почна да се нормализира, додека во Кронштат бунтот допрва почна да се разгорува.
На 28 февруари командантите на бојните бродови „Севастопол“ и „Петропавловск“ донесоа резолуција во која фактички бараа од болшевиците да им го олеснат животот на селаните, давајќи им право да располагаат со својата земја и добиток без ограничување.
Документот содржеше и политички барања: одржување повторни избори за органите на народната власт - Советите, дозволување слобода на говорот и печатот на анархистите и левичарските социјалистички партии, ослободување на сите левичарски политички затвореници, ограничување на комунистичката пропаганда и намалување на бројот на комунисти во армијата.
Резолуцијата беше јавно објавена на 1 март на Јакорниот плоштад во Кронштат, каде што се одржа митинг на кој учествуваа 15 илјади луѓе под слоганот „Власт на Советите, а не на партиите!“. Наредниот ден бунтовниците (припадниците на морнарицата, војниците од тврдината и дел од локалните жители) го објавија основањето на Привремениот револуционерен комитет на чело со писарот од бродот „Петропавловск“ Степан Петриченко.
Степан Петриченко
Јавен доменЛокалниот весник „Известија“ отворено пишуваше за почетокот на третата руска револуција (по Февруарската и Октомвриската), за немилосрдната борба против „комесародржавието“ до конечната победа. „Наместо слободен развој на личноста, слободен работен век настана необично, невидено ропство“, пишуваше весникот за актуелната политичка ситуација.
Барањата на припадниците на морнарицата беа третирани во Кремљ како обид за државен удар и секоја форма на дијалог беше отфрлена. Кронштат беше опколен од единици на Црвената армија, со што бунтовниците беа отсечени од жителите на Петроград кои ги поддржуваа.
Болшевиците се обидоа да го решат проблемот на Кронштат што е можно поскоро, додека пристапот до градот сè уште беше возможен преку мразот. Покрај тоа, бунтот почна да привлекува сè поголемо внимание во странство.
На 4 март властите побараа „неодложна и безусловна капитулација“ од припадниците на морнарицата. Откако тие одбија, градот беше бомбардиран од воздух, а војската почна да се подготвува за јуриш.
„Петропавловск“ и „Севастопол“, 1921.
Јавен доменКомандантот на 7-та армија Михаил Тухачевски имаше на располагање над 17000 војници. Ним им се спротивставија 13 илјади припадници на морнарицата и војници на тврдината, како и две илјади вооружени граѓани.
Јуришот на 7 март доживеа целосен неуспех. Причината беше избрзаната подготовка, немањето сили и слабиот борбен дух на војниците. Имено, многу црвеноармејци одбиваа да се борат против „браќата од Кронштат“, а некои дури преминаа на нивна страна.
Следниот обид беше повнимателно подготвен. Јачината на војската достигна 45 илјади луѓе, меѓу кои имаше многу сигурни и убедени комунисти. Силите кои го бранеа градот достигнаа 18 илјади, бидејќи им се придружи одреден број војници, како и доброволци од редовите на населението на градот.
Вториот јуриш започна на 17 март со масивен артилериски оган. После тоа, одредите црвеноармејци тргнаа во напад на утврдувањата преку мразот на Финскиот залив.
„Тоа беше повеќекатна низа од бетонски блокови со вградени митралески гнезда, заштитени од сите страни со електрични кабли и бодликава жица“, се сеќава на одбранбените позиции Елисавета Драбкина, учесничка во јуришот. „Колку повеќе се приближувавме до Кронштат, толку повеќе убиени и ранети остануваа на мразот. На околу двесте метри од ѕидот мртвите, покосени од митралези, лежеа во три рамни реда, со редовни интервали“.
Црвеноармејците заземаа едно по едно утврдување. Советската авијација биеше по бојните бродови „Петропавловск“ и „Севастопол“, а Тухачевски нареди бунтовниците да се бомбардираат со „задушливи гасови и отровни средства“.
На крај борбата се пресели на улиците на Кронштат. Жестокиот отпор што го понудија бранителите на градот им овозможи на осум илјади бунтовници од морнарицата, војници и локални жители заедно со раководителот на Привремениот револуционерен комитет Степан Петриченко да избегаат во Финска.
До пладнето на 18 март Црвената армија целосно го зазеде градот. Во јуришот загинаа речиси две илјади војници на Црвената армија, додека бранителите на Кронштат изгубија околу три илјади луѓе.
Болшевиците не можеа да остават вакво предавство да помине неказнето. Како што рече Ленин во разговор со францускиот социјалист Жак Садул, коментирајќи го овој бунт: „Тоа е Термидор. Но, нема да дозволиме да нé гилотинираат. Сами ќе изведеме Термидор“.
Над две илјади бунтовници беа стрелани, шест и пол илјади беа осудени на затворска казна. Со указ на претседателот на Русија Борис Елцин од 10 јануари 1994 година, сите учесници на Кронштатското востание беа постхумно рехабилитирани.
Бунтот на најдоверливите борци и поддршката што ја стекнаа меѓу другите воени единици го шокираа и исплашија советското раководство. Овој настан, заедно со масовното востание во Тамбовската губернија, го натера Ленин што поскоро да се откаже од „воениот комунизам“.
Веќе на 21 март 1921 година, „прераспределбата на намирниците“ беше заменета со данок во натура, кој беше двојно помал. За да ја заживее економијата, власта одлучи привремено да се откаже од своите принципи и да спроведе ограничено „враќање на капитализмот“ во земјата со делумна денационализација на индустријата, воведување на слободна трговија, наемна работа и слично.
Таканаречената Нова економска политика раководството на СССР ја спроведуваше сé до крајот на дваесеттите години, кога беше заменета со колективизација и индустријализација.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче