Кога болшевиците биле сојузници со своите најлути непријатели

Војниците на Првата коњичка армија во 1920 година за време на Граѓанската војна.

Војниците на Првата коњичка армија во 1920 година за време на Граѓанската војна.

TASS
„Црвените“ и „белите“ се мразеле од дното на душата, но во текот на заедничката операција во Кина станале сојузници, па дури и пријатели.

Смртни непријатели

Болшевичката револуција од 1917 година го поделила руското општество и во земјата започнал еден од најкрвавите конфликти во историјата на Русија. Граѓанската војна помеѓу црвените и белите, односно помеѓу поддржувачите и противниците на новата власт, однесе над 10 милиони човечки животи.

Граѓанската војна во Русија 1917-1922. Коњица на Црвената армија влегува во Казањ. 1918.

Нивната меѓусебна омраза не престанала со поразот на Белото движење во Русија. Белогардејците по целиот свет основале антикомунистички организации и со задоволство се бореле против СССР во граѓанската војна во Шпанија, во Зимската војна или во походот на Хитлер на исток.

Од друга страна, ниту советската разузнавачка служба не седела со скрстени раце. Таа будно ги следела активностите на белата емиграција, а нејзините најважни и најопасни претставници ги фаќала и ги ликвидирала.

И покрај сето тоа, во една историска епизода постојаните непријатели нашле заеднички јазик, и згора на тоа станале сојузници, па дури и пријатели. Тоа се случило во далечната Кина.

Рускиот фактор

Кога на почетокот од дваесеттите години на минатиот век било разбиено Белото движење на истокот од Русија, десетици илјади војници и офицери заедно со своите семејства преминале на кинеската територија кадешто нашле постојано засолниште. Меѓутоа, фактички од една војна влегле во друга

Пешадиска чета на Доброволната армија формирана од гардиски непријатели. Јануари 1918 година.

Имено, Кина во 1916 година влегла во таканаречениот Период на господар на војната. Била поделена на военополитички групи кои непрекинато се напаѓале.

На раскараните страни им одговарало што дошле белогардејците. Кинеските војници не биле особени воини, а Русите имале извонредна воена обука, висок морал и големо воено искуство. Во суштина, тие станале елитна гарда во вооружените сили на различни кинески владетели.

Како што истакнал раководителот на советската воена разузнавачка служба Јан Берзин, „благодарение на добрата обука и на дисциплината тие биле ударната сила која можела да го порази далеку помоќниот непријател“.

Заеднички непријател

Ѓин Шужен

Кон крајот на дваесеттите години од минатиот век Куомингтан на чело со Чанг Кеј Шек успева некако да ја обедини земјата под своја команда и од различни кланови да добие признавање на својата врховна власт. Меѓутоа, владата во Нанѓинг имала премногу ограничени можности за ефикасно да може да го контролира однесувањето на владејачката елита во далечните провинции.

Поради тоа Нанѓинг бил немоќен да направи што и да е кога непромислената принудна синизација и кусовидната финансиска политика на Ѓин Шужен, губернатор на Синкјанг, во 1931 година довела до големо востание на муслиманите Ујгури. Чанг Кај Шек дури и го поддржал востанието кога дознал дека Шужен побарал воена помош од советскиот сосед. Во провинцијата била испратена 36 коњичка дивизија на Народнореволуционерната армија која била составена од муслимани Дунгани. Со армијата командувал Ма Џунг Јинг кому за симнувањето од власт на Ѓин Шужен му е ветено местото губернатор.

Ѓин Шужен

Руските војници се користеле како „појас за спасување“ во Синкјанг, како и во други делови на Кина. Биле формирани четири полка на повик на очајниот губернатор, чии единици трпеле тешки порази. Иако немале доволно сила за да ги победат востаниците, Русите сепак го спасиле режимот на Шужен од неминовна пропаст.

Советскиот Сојуз бил заинтересиран за тоа Синкјанг да биде послаб, па тежнеел да го спречи зајакнувањето на позицијата на партијата на Куомингтанг во регионот. Затоа излегол во пресрет на молбата на провинциската влада поврзана со испорака на воена опрема, па дури и го спонзорирал издржувањето на белогардејските единици. Во тоа време Москва сè уште се воздржувала од непосредна интервенција.

Рамо до рамо

Колку што повеќе напредувале востаниците и 36 дивизија на територијата на Синкјанг, сè повеќе тамошни муслимани ги пополнувале востаничките редови. Покрај Ујгурите, против власта војувале Киргизите, Дунганите, Казаците, Џунгарите и другите народности. Кон средината на 1932 година околу 70% од муслиманското население во регионот се фатиле за оружје, а веќе назима се обиделе да го освојат град Урумчи. За волја на вистината, неуспешно.

Шенг Ши Цаи

Востаниците го пресекле главниот пат од СССР во Синкјанг по кој стасувала воената опрема за армијата на Шужен, така што било само прашање на време кога ќе падне неговиот режим. Претприемливиот генерал Шенг Ши Цаи на 12 април 1933 година со помош на белогардиската војска го тргнал од власта губернаторот и, заземајќи го неговото место, ги вложил сите напори за да издејствува непосредна интервенција на Москва. Поради тоа неколку пати дури и лично заминувал во советската престолнина.

Шенг Ши Цаи на крајот ја добил помошта што ја барал. Во ноември 1933 година во Синкјанг влегла таканаречената Алтајска армија на доброволци. За да не се истакнува непосредното учество на Советскиот Сојуз во конфликтот, советските војници биле облечени во белогардиска униформа, но по навика и понатаму на командирите им велеле „другар“, а не „господине“.

Црвеноармејците најпрво воспоставиле контрола на главните патишта од СССР, заземајќи го пограничниот град Чугучак (Таченг). Притоа дејствувале заедно со белогардискиот Втор козачки полк. Тоа била прва заедничка операција на некогашните непримирливи непријатели во текот на оваа воена кампања.
Следната задача на црвено-белите единици била да ја потиснат војска Ма Џунг Јинг од главниот град, и тие успешно ја извршија власта. Востанието конечно било задушено во февруари 1934 година. За оваа ситуација повеќе да не се повтори Шенг Ши Цаи на Ујгурите им дал исти права како Кинезите.

Необично соседство

Кон крајот на април 1934 година главнината на советските единици го напуштила Синкјанг. Во Урумчија останале воените советници, коњичкиот полк со над илјада луѓе, артилеријата и оклопните возила. Повлечен е поголемиот дел од белогардејците кои биле сместени таму – од четири нивни полка останал само еден.

Странска воена интервенција и граѓанска војна во Русија. (1918-1922). Борци на првиот Сучански револуционерен одред кој под раководство на комунистичкиот интернационалист Емил Либкнехт им давал отпор на странските интервенти.

Излегло дека поранешните непријатели можат и да војуваат заедно, и да коегзистираат мирољубиво. Во советскиот извештај кој на 26 март 1935 година бил испратен од главниот град на провинцијата во Москва пишува: „И црвените и белите не само што живеат мирно, ами и сложно... Емигрантите не ја чувствуваат некогашната омраза кон црвените“.

Советскиот Сојуз зазел цврсти позиции во Синкјанг. Интензивно во овој регион испраќал вооружување, ја обучувал неговата армија, воспоставувал трговски врски и ја ширел разузнавачката мрежа. Сето тоа воопшто не им пречело на тамошните белогардејци. Напротив, тие со задоволство и самите им излегувале во пресрет на советските разузнавачки служби. Неколку илјади од нив дури и постигнале договор со Советите да им се даде можност за нов почеток и за враќање во татковината.

Шенг Ши Цаи му бил лојален на Советскиот Сојуз сè до почетокот на операцијата „Барбароса“ кога одлучил да ја искористи тешката ситуација на својот сојузник и да се ослободи од неговото старателство. Сталин тоа не го заборавил. Кога во 1944 година партијата Куомингтанг повторно воспоставила контрола на својата некогаш изгубена провинција и го тргнала од власт превртливиот губернатор, Јосиф Висарионович не му дал никаква поддршка.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња