- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Наредната 1935 година Сталин го одобри генералниот план за реконструкција на Москва, но промените во главниот град веќе беа започнати. Се прошируваат патиштата и немилосрдно се уриваат сите стари згради кои „пречат“.
Урнати се речиси сите ѕидини на Китај-Город, утврдувањето околу Москва изградено уште во XVI век.
На фотографијата - поплочувањето на московските улици по уривањето на ѕидините.
Една година претходно во Москва почна да функционира тролејбускиот сообраќај.
А сепак, во тоа време главниот град сè уште не беше голема метропола, а местата што денес се речиси во самиот центар на градот беа тогаш на периферијата. Вака изгледаше живописната зелена површина Лужники.
Московското метро ќе проработи наредната година, но оваа 1934 година ќе биде запаметена по епохалниот настан - пробното возење на првиот воз.
Процесот на подземната изградба го надгледуваше Лазар Каганович (во средината), соборецот на Сталин кој беше одговорен за изградбата на метрото. Во почетокот, сé до 1955 година, метрото во главниот град го носеше неговото име.
Во првата половина на 1930-тите во СССР започна моќна индустријализација. „Стахановското движење“ ќе ја зафати земјата дури една година подоцна, а засега сé е вложено во промовирање на трудбеничките подвизи и високите достигнувања. На фотографијата се гледа копач од рудник во Донбас.
Електрификацијата на земјата се одвива со забрзано темпо, па далноводите и нивните носачи станаа нов детал на пејзажот, кој ги инспирираше фотографите.
Денешната позната фабрика за автомобили „Москвич“ во 1930-тите го носеше името Московска фабрика за склопување автомобили „КИМ“ („Коммунистический интернационал молодёжи“, т.е. „Комунистичка младинска интернационала“) и ги составуваше автомобилите ГАЗ од компоненти од советско производство.
Вака помпезно на Црвениот плоштад во Москва беше одбележуван 1 мај, Празникот на трудот.
На почетокот на 1934 година, 17-тиот конгрес на Сесојузната комунистичка партија (болшевици) го доби официјалното име „Конгрес на победниците“. На него беа објавени успешните резултати од првиот петгодишен план за индустријализација. Подоцна ќе се нарекува „Конгрес на стреланите“, бидејќи повеќе од половина од делегатите беа репресирани за време на Големиот терор. На фотографијата е президиумот на конгресот.
Во 1934 година ГУЛАГ веќе постоеше и неговите затвореници за рекорден рок го изградија Беломорско-Балтичкиот канал, кој беше пуштен во употреба во 1933 година. Во тек беа и други обемни градежни проекти. Сè уште немаше масовни репресии. На фотографијата е прикажан казнено-поправен логор во близина на Чељабинск.
На 1 декември 1934 година во Ленинград беше убиен Сергеј Киров, шеф на градскиот огранок на партијата и соборец на Сталин. Се смета дека неговата смрт била причина за почетокот на Големиот терор, т.е. масовните репресии во СССР. На фотографијата: Сталин и Андреј Жданов на погребот на Сергеј Киров.
Важен настан од 1934 година беше и Првиот Сесојузен конгрес на советските писатели. Претседавач на конгресот беше Максим Горки, познат руски пролетерски писател, вистинска ѕвезда и култна личност. Многу паркови, улици, па дури и градови (Нижни Новгород беше преименуван во Горки) го носеа неговото име уште додека беше жив писателот.
Во 1934 година исто така беше популарен и Михаил Шолохов. Веќе беа објавени три тома од „Тихиот Дон“, неговиот култен роман за Граѓанската војна. Целата земја со нетрпение го чекаше завршетокот на романот (ќе излезе во 1940 година). Се зборува дека Сталин лично го прочитал и го одобрил романот, иако главниот лик до самиот крај не им се придружи на болшевиците.
Во 1934 година Советскиот Сојуз по трет пат го пречека својот почесен гостин - англискиот писател Херберт Велс.
Во советска Москва доаѓаа многу странци кои беа симпатизери на градењето на социјализмот и лично на другарот Сталин. Актерите на филмското студио „Мосфиљм“ (Љубов Орлова во центар) со францускиот комунистички писател Анри Барбис.
Во текот на 1930-тите СССР интензивно го истражуваше и го освојуваше Арктикот. Уште летото 1933 година парабродот „Чељускин“ тргна на експедиција по Северниот морски пат, но во Чукотското море беше заробен меѓу санти мраз и со целиот екипаж плуташе речиси пет месеци.
Бродот потона на 13 февруари 1934 година, но патниците успеаја да се спасат. Два месеци живееја на санта мраз додека се одвиваше спасувачката операција. Пилотите изведоа 23 летови и префрлија на копното повеќе од 100 патници.
Во Москва патниците од бродот „Чељускин“ беа пречекани со цвеќе уште на железничката станица, а на Црвениот плоштад беше организиран и свечен дочек. Пилотите кои учествуваа во спасувачката операција првпат во историјата на земјата го добија звањето Херој на Советскиот Сојуз.
Многу советски деца сонуваа да станат пилоти и секаде се организираа секции за авио-моделарство.
Патем, во 1934 година Советскиот Сојуз сè уште не беше станат пуританска држава, па разголеното тело беше вообичаено (особено ако беше убаво градено). Затоа не беше невообичаено што оваа комсомолка е на плажа во проѕирен костим за капење.
Впрочем, жените во Советскиот Сојуз стануваа сé повеќе и повеќе рамноправни членови на општеството и презедоа многу професии кои претходно беа третирани како „машки“. Се појавија новинарки и фотографки кои правеа извештаи за градежни и спортски настани. Познатиот фотограф Александар Родченко ја нарече оваа снимка „Три репортерки: Красњавскаја, Елизавета Игнатович, Евгенија Лемберг“.
Посебно внимание беше посветено на физичкото здравје на советскиот народ, бидејќи градителот на комунизмот мораше да биде силен и издржлив. На фотографијата е прикажана физичка обука во летен камп на Црвената армија.
Познатата фотографија на Александар Родченко „Скок во вода“ е направена 1934 година на стадионот „Динамо“.
И децата имаа физички активности уште од мали нозе. Лете тие се состоеја од вежби, пливање и активни игри, а зиме од скијање и лизгање.
Да погледнеме уште неколку фотографии од обичниот живот во СССР. Ова се студенти на МГУ на предавање.
А ова е дресура на службени кучиња во Црвената армија.
Во текот на 1930-тите беше спроведувана интензивна колективизација на земјоделството. Стана популарен новиот збор - „колхозник“. На фотографијата – колхозници на косидба.
Многу фотографи почнаа да фотографираат сцени од животот во колхозот. Оваа фотографија се вика „Од колхозот дома“, а на неа се гледа враќањето на селаните во своите домови по завршувањето на работата на колективните фарми.
Пиење чај во селска куќа. Чудно е, но и покрај упорните борби против религијата, иконите сè уште висат на ѕидовите.
„Прва во селото“. Хармоникашка од Кабардино-Балкарија.