Како над 100 луѓе минаа два месеци на санта мраз

Russia Beyond (Sputnik)
Освојувањето на Северниот морски пат беше опасна задача поради тешките климатски услови и непредвидливите арктички ледници. И покрај добрата подготвеност, секој, дури и навидум безначаен фактор, можеше да ја загрози целата експедиција. Тоа всушност и се случи кога бродот „Чељускин“ потона, оставајќи ги патниците да плутаат на огромна санта мраз.

Паробродот „Чељускин“ исплови од Мурманск кон островот Врангељ на 10 август 1933 година за да провери дали обични бродови можат да минат низ арктичкиот мраз. Бродот требаше да однесе товар на островот со што би се покажало дека Северниот морски пат може да се користи за пловидби од ваков тип. Овој опасен пат дотогаш можеа да го минат само мразокршачи и затоа никој не се дрзнуваше таму да испрати обичен брод. „Чељускин“ требаше да го изведе овој пионерски потфат.

На бродот се наоѓаа 104 луѓе, вклучувајќи ги и учесниците на експедицијата и членовите на нивните семејства, зимските жители на островот Врангељ. Тие со себе понесоа резерви храна за шест месеци и снабдување за островот Врангељ за три години.

Ото Шмит

Учесниците беа уверени дека сѐ ќе оди според планот. Со експедицијата командуваше искусниот арктички истражувач Ото Шмит, кој повеќе пати ги покажа своите способности на пространствата на Северниот леден океан. А, на почетокот на патувањето „Чељускин“ имаше значително поповолни услови одошто за време на пловидбата низ опасните води. Имено, на брегот се наоѓаше извидувачки авион, функционираше радиоврската. Веројатноста за неуспех се чинеше минимална, но не сѐ се одвиваше според планот...

Пат низ ледниците

На почетокот пловидбата се одвиваше успешно, но за време на впловувањето во Карското Море на 15 август, бродот доби тешки оштетувања на трупот, а три дена подоцна почна да продира вода. Потоа поради тешките ледници „Чељускин“ беше вдлабнат на уште две места. Но, и покрај опасноста, беше решено експедицијата да продолжи. Целото патување требаше да трае околу еден месец и во септември бродот веќе се наоѓаше во Источносибирското Море, точно по распоредот на патувањето.

Меѓутоа, во Источносибирското Море бродот наиде на друга природна непогода: густата магла и бурата го оневозможија извидувањето од воздух. Затоа бродот практично на слепо се пробиваше низ повеќегодишните арктички ледници.

Кон крајот на септември бродот беше опфатен во замка од мраз во Чукотското Море. Мразот со дебелина од шест метри сосема го опколи.

Заробеништво во мраз

Парабродот се најде заробен среде море, без сила да се придвижи од местото. На почетокот екипажот на експедицијата се обиде да ги разбие сантите со експлозив, но таква дебелина не можеа да пробијат дури ни амоналните бомби, кои обично се користеа за дупчење рудници и кратери. „На „Чељускин“ не му остана ништо друго, освен да плута во мразот, очекувајќи поповолни услови.

„Денес мразот е немирен. Брзината на плутањето достигнува седум метри во минута. Не знам што нѐ очекува оваа ноќ. Живееме како на вулкан или на незаштитени положби“, има запишано во својот дневник Ибрахим Факидов, еден од инженерите на екипата.

Во ваква ситуација бродот минал цели пет месеци. И покрај релативното затишје, капетанот Шмит знаел дека мразот што го опколил бродот од сите страни можел во секој момент да тргне и едноставно да потопи сѐ. Кон бродот се движел огромен ѕид од мраз. Затоа екипажот одлучил да ги истовари сите патници и намирниците на сантата.

Претчувството не го излажало капетанот. На 13 февруари 1934 година беше последниот ден на „Чељускин“ – мразот го сомле моќниот труп на парабродот како лист хартија. За само два часа беше потопен, а луѓето останаа само да плутаат на сантата среде бескрајот на северното море.

Живот во изолација

Животот на санта што плови не беше едноставен: температурата често се спушташе под -30 степени, резервите од намирници исто така не беа бесконечни. Затоа мораа да се штедат. До брегот имаше 130 километри, но беше невозможно да се стаса до него, потпирајќи се на стихијата на природата.

За некако да си го олеснат себеси животот, членовите на експедицијата изградија еден вид бараки на самата санта мраз – од материјалите што со себе ги понесоа на островот Врангељ, како и од она што остана од уништениот и потопен „Чељускин“. Шест километри од импровизираниот табор расчистена е писта за слетување авиони, кои требаше да стасаат порано или подоцна. Еве како на првата ноќ се сеќава еден од преживеаните: „Се зборуваше за скученоста на шаторите. Се зборуваше за пропаста на Чељускин. Се зборуваше за крајната опасност, за морничавата глетка на потопениот брод. Сите бевме страшно изморени“.

Како што минуваше времето, така животот во „ледениот табор“ стануваше сѐ поуреден. Во определен момент дури и се појави импровизирана новинска редакција под називот „Нема да се предадеме!“ чија задача беше да се бодрат заробените на сантата. А, во вечерните часови капетанот Ото Шмит држеше предавања по филозофија.

Од првите денови на сантата се одвиваше и научна активност. Хидролозите и геодетите секој ден ја определуваа точната положба на таборот. Тоа мораа да го прават зашто мразот постојано се движеше и локацијата на таборот непрекинато се менуваше.

Спасување

Во времето кога бродоломците организираа табор на мразот, властите веќе знаеја дека „Чељускин“ е потонат. Се подготвуваше спасувачка операција. Изгубениот екипаж од воздух требаше да го бараат 17 авиони. Но, дури и од височина не беше лесно да се најде таборот. Имено, јаката бура ја намалуваше видливоста. Освен тоа, сантата се движеше и беше тешко да се утврди точната положба на членовите на експедицијата.

Првиот авион слета на расчистениот мраз дури на 5 март. Тоа беше тешкиот АНТ-4. Прво беа евакуирани жените и децата, а следниот авион стаса на островот дури еден месец подоцна. Пилотите изведоа вкупно над 20 летови во рамките на спасувачката операција, а последната група преживеани беше префрлена на копното на 13 април 1934 година. Патниците на „Чељускин“ поминаа на мразот два месеци, чекајќи да бидат спасени.

На копното беа дочекани како херои, нивното спасување со внимание го следеше целата земја. Седумтемина пилоти коишто учествуваа во евакуацијата на луѓето од сантата за првпат во историјата на земјата го добија звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Тоа беа Михаил Водопјанов, Иван Доронин, Николај Каманин, Сигизмунд Леваневски, Анатолиј Љапидевски, Василиј Молоков и Маврикој Слепњов. Додека членовите на екипажот добија Орден Црвена ѕвезда за покажана храброст во соочувањето со природната стихија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња