Необичните пасии на членовите на династијата Романови

Јавен домен
Мажите од руското царско семејство обично граделе воена кариера, а жените се занимавале со добротворна работа. Меѓутоа, покрај тоа, тие имале и многу необични хобија, интереси и пасии кои претставувале важни сегменти во нивниот живот.

Автомобилски трки

Последниот руски цар Николај II беше меѓу првите во царското семејство што купи автомобил. Откако го тестираше „Делоне-Белвил“ на кнезот Владимир Орлов во 1904 година, тој ги сфати можностите што ги нуди автомобилот и наложи купување на две или три возила. Набрзо во царската гаража се најдоа четири возила „Делоне-Белвил“, како и „Мерцедес“, „Рено“, „Пежо“ и „Ролс-Ројс“.

Николај II до еден од своите автомобили „Делоне-Белвил“, летото 1908 година.

Љубовта кон брзината се покажа како заразна, а некои членови на династијата Романови ја претворија својата пасија во спортски натпревар. Великиот кнез Кирил Владимирович ја крстосуваше цела Европа со автомобил. Беше покровител на Балтичкиот автомобилски и аероклуб и учествуваше во трки. На руско-шведската автомобилска трка „Викторија Фахрт“ која траеше една недела и вклучуваше натпревар во трка по угорнина и вештина на управување со автомобил, велики кнез тргна во својот „Панхард-Левасор“ заедно со сопругата. И победи.

И великиот кнез Сергеј Михајлович, покровител на Санктпетербуршкиот автомобилски клуб, беше еден од страсните вљубеници во автомобили. Најмладиот возач во Русија беше принцот Алексеј, кој во Александровскиот парк се возеше „Бебе Пежо“.

Принцот Алексеј во „Бебе Пежо“

Уште еден припадник на лозата на Романови, великиот кнез Михаил Александрович сакаше да се вози. Вистина, тој претпочиташе трицикли, велосипеди на три тркала и бензин. Првиот „Де Дион-Бутон“ му го подарија за Нова година Николај II и императорката Александра Фјодоровна. После тоа, секоја година купуваше најнови модели и со нив ги возеше своите сестри и браќа, а од членовите на владата, на пример, министерот за финансии Сергеј Вите, како и императорот Николај II беше импресиониран од возењето со фасцинантна брзина од околу 64 километри на час.

Великиот кнез Михаил Александрович

Олимписки игри

Домаќин на Олимписките игри во 1912 година беше Стокхолм, а рускиот тим беше предводен од великиот кнез Дмитриј Павлович. Тој не беше само „заштитно лице“, туку и солиден спортист: како одличен јавач, внукот на Александар II отпатува во Шведска со амбиција да победи во коњичкиот спорт.

Великиот кнез Дмитриј Павлович (прв од лево)

Резултатот сепак беше повеќе од скромен, петто место во екипен пласман и деветто во поединечна конкуренција. Сепак, тоа беше исто така корисно искуство, великиот кнез дојде на идеја за Серуски Олимписки игри. Првото такво натпреварување се одржа во Киев во 1913 година, а една година подоцна во Рига.

Руските спортисти на отворањето на Олимпијадата 1912 година.

Архитектура

Внукот на Николај I, великиот кнез Петар Николаевич мораше да ја напушти воената служба поради туберкулоза. Но, принцот имаше и еден вид на релаксација, архитектурата. Проектираше споменици и храмови и го изгради својот дворец од соништата. Поради проблеми со белите дробови долго време живееше во Франција, а потоа реши да се пресели на Крим, каде климата била слична.

Така, во местото Кореиз го изгради маварскиот замок Дјулбер. Проектиран е од Николај Краснов според нацртите на великиот кнез. Романови, по револуцијата кои се населија на Крим, најдоа засолниште во него од заканите за егзекуција што доаѓаа од поддржувачите на Јалтинскиот совет.

Дворецот Дјулбер на великиот кнез Петар Николаевич

Авијација

Великиот кнез Александар Михајлович

Великиот кнез Александар Михајлович служеше во флотата, но беше опчинет од морето и од воздухот. Тој беше еден од пионерите на руската авијација. Во Севастопол основа установа во која се школуваа воени пилоти, со свои пари купуваше авиони во Франција и праќаше поморски офицери на едукативно службено патување за да се запознаат со летањето.

Поезија

Војник по должност, а поет и драматург во душа. Великиот кнзе Константин Константинович се дружел со писателите Афанасиј Фет и Иван Гончаров, ги преведувал Шекспировите „Хамлет“ и „Хенри VI“, како и „Ифигенија на Таврида“ од Гете. Чајковски и Рахманинов компонирале романси на неговите стихови, а песната „Кутриот умре во воена болница“ во тоа време била голем хит.

Константин Константинович во различни театарски улоги

Внукот на Николај I бил извонреден актер. Јосиф од Ариматеја од драмата на кнезот Константин Константинович „Царот јудејски“ за настаните од Страсната недела била една од неговите најдобри улоги. Додека работел на „Мајсторот и Маргарита“ и барал инспирација, Булгаков го консултирал и ова дело на кнезот.

Сликарство

Императорот Николај I бил солиден акварелист. Правел графики и ги боел. Не бил помалку успешен ни во жанровските сцени, внимателниот монарх ги пренесувал на хартија своите впечатоци и мизансценот од баловите и приемите на кои присуствувал. Дизајнирал и воена униформа.

Сликарството го сакал и Александар III. Учител на идниот цар бил зографот Алексеј Богољубов. Откако стапил на престолот, тој не го занемарил својот интерес, успевајќи да најде време за морски пејзажи. Богољубов имал уште една ученичка, царицата Марија Фјодоровна, која повеќе го сакала акварелот. Таа правела мали префинети студии со многу детали.

Дела на Марија Фјодоровна

Својата пасија Александар III и царицата Марија Федоровна ја пренесоа  на нивниот син Николај II. Два задолжителни часа по цртање неделно, благодарение на кои стана солиден пејзажист, беа составен дел од неговото образование.

Сестрата на Николај II, великата кнегиња Олга Александровна, учеше сликарство кај Карл Лемох, Владимир Маковски, Станислав Жуковски, Сергеј Виноградов. Во Данска, каде што емигрираше по револуцијата, посветуваше многу време на сликарството. Имаше изложби во Париз, Лондон и Берлин, а нејзината пасија се претвори во извор на приход за живот. Во својот живот таа наслика повеќе од две илјади дела, акварели, масла на платно. Изработуваше и икони, но никогаш не ги продаваше, туку ги подаруваше.

Дела на Олга Александровна

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња