На стари црно-бели фотографии луѓето изгледаат како да живееле во праисториско време и тешко е да се замисли какви биле во реалноста. Олга Ширнина, позната на интернет под прекарот Klimbim, им вдахна нов живот на старите снимки од царското семејство. Оваа уметница се занимава со многу сензитивна работа - бои црно-бели фотографии и се труди тие бои да бидат максимално веродостојни врз основа на историски извори.
Благодарение на ваквите фотографии во боја, може подобро да се замисли како навистина изгледала една историска личност. Од ателјето на Олга веќе излегоа неверојатни серии на херои од Втората светска војна, руски писатели и сцени од раниот советски период. Посебно е возбудливо да се видат на фотографии во боја децата на последниот руски цар, со оглед на нивната маченичка смрт.
Царот Николај II Романов со семејството, 1914.
Најстарата ќерка на царот Николај II и царицата Александра Фјодоровна беше великата кнегиња Олга. Таа дојде на свет во 1895 година, две години по свадбата. Според очевидци, царицата доживеала страшни маки на породувањето.
Дворската дама на царицата вака ја опишува малата Олга: „Имаше преубава светла коса, големи сини очи и прекрасен тен, малку прчесто носе, на татко ѝ“.
Олга на омилената јахта на царот Николај II „Штандарт“.
Олга беше единствената ќерка која можеше да им спротивстави на родителите.
Олга многу убаво се дружеше со помалата сестра Татјана (на фотографијата лево).
Татјана е родена 1897 година. Беше скромна по природа. Се зборува дека ќе се посрамела дури и кога некој би ѝ се обратил со зборовите „Ваше императорско величество“.
Татјана (на фотографијата десно) ги имаше сите шанси да се омажи за Александар, синот на српскиот крал Петар I, но Првата светска војна ги осуети плановите на рускиот и српскиот владетел да се ородат.
Од сите царски ќерки Татјана беше најприврзаната кон мајка ѝ.
Олга и Татјана (во средина) работеа како милосрдни сестри за Црвениот крст во текот на Првата светска војна. По наредба на царот, одаите на дворецот во Царско Село беа преуредени во болница за ранетите.
Царското семејство на летување во Гатчина, 1912.
Третата ќерка беше великата кнегиња Марија. Таа беше родена 1899 година.
Луѓето од опкружувањето на царот подоцна зборуваа дека Марија била едноставна и често се насмевнувала. На фотографијата Марија (лево) со Олга.
Царската дворска дама вака ја опишува Марија: „Слободно може да се каже дека таа е руска убавица. Висока, полничка, со густи и изразени веѓи, со руменило на отвореното руско лице, беше особена драга на руското срце“.
Великите кнегињи берат печурки во шума, 1912.
Олга, Татјана, Марија и натпоручникот на Царската гарда Николај Родионов.
Четвртата ќерка на царот Николај и царицата Александра беше Анастасија, родена 1901 година.
Анастасија е можеби и најпозната ќерка на царот Николај бидејќи имаше многу „самозвани принцези“ кои се претставуваа како „преживеаната Анастасија“. Легендата за тоа дека единствено таа го преживеа стрелањето на царското семејство остави голема трага во масовната култура. На таа тема се направени многу играни и цртани филмови. (На фотографијата Анастасија на јахтата „Штандарт“)
По четири ќерки брачниот пар конечно доби син – во 1904 година на свет дојде принцот Алексеј.
Меѓутоа, радоста беше помрачена од веста дека момчето боледува од хемофилија, т.е. пореметување во згрутчувањето на крвта. Таа дијагноза на почетокот на ХХ век беше исто како смртна пресуда.
Единствениот човек кој можеше да го запре крварењето на малиот принц (а истовремено и хистеричната возбуда на царицата-мајка) беше Григориј Распутин, сибирски селанец кој на општо незадоволство на високото општество стана пријател на царското семејство.
И покрај болеста, Алексеј сакаше сè што беше поврзано со армијата. Носеше мундир, јадеше едноставна храна, „шчи, каша и црн леб, кои ги јадат сите мои војници“. Дури се обидуваше да помине и некои делови од воената обука.
По возраст: Олга, Татјана, Марија, Анастасија и Алексеј.
Олга, Татјана, Марија и Анастасија 1916 година.
Великите кнегињи со мајката Александра Фјодоровна.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче