Со оглед на тоа што Руската православна црква го прогласи Николај Втори за светец, можеме да кажеме дека тој е „најбогатиот светител во историјата“.
Според законот од времето на руската империја, секој член на семејството Романови имал годишен „основен приход“. Почнувајќи од 1884 година, кога Николај станал принц (престолонаследник на рускиот трон), 16-годишниот иден владар добивал издршка од 100.000 рубли. Во 1894 година, кога станал цар, овој износ бил зголемен за двапати. Знаеме дека во 1896 година неговиот личен фонд изнесувал 2 милиони рубли и 355.000 франци.
Принцот Николај
Charles Bergamasco/WikipediaАнглиската фунта стерлинг во 1897 година вредела околу 10 рубли или 25 франци, што значи дека (според калкулаторот на инфлација на Банката на Англија) Николај Втори поседувал само скромни 215.000 фунти. Со оваа сума управувале службениците од Канцеларијата на Неговото Императорско Величество, државен орган кој се занимавал со работите на владејачкото семејство.
Парите на императорот главно биле инвестирани во обврзници, но неговиот приватен паричен фонд се намалувал како што се ближел крајот на неговото владеење. Најголемите трошоци биле направени во 1899 година кога царот и неговото семејство ги посетиле своите кралски роднини и на Николај му биле потребни пари за најдобра облека. Истата година тој приватно инвестирал изградба на православна црква во Дармаштат, во Германија. До 1917 година имотот на царот изнесувал само милион рубли.
Царот годишно примал по 200.000 рубли каде што влегувале и таканаречените „лични пари“ од околу 20.000 рубли (Николај секогаш трошел повеќе од оваа сума, а понекогаш и до 150.000 рубли). „Личните пари“ се користеле за лупување облека и лични работи како што се сапун, крем за бричење и тутун; исто така се користеле и за добротворни цели, подароци, награди што ги давал царот; како и за книги, списанија и уметнички дела.
Николај спремен за бал 1894
Николај со себе никогаш не носел готовина. Дури и златните рубли за прилог на литургија во црква царот најпрво ги барал од својата Канцеларија.
Николај многу трошел на воена униформа која ја обожавал. Во 1910 година сите 20.000 рубли ги потрошил на нови униформи за да се покаже пред своите германски роднини и пријатели.
Од своите приватни извори Николај исто така ги финансирал спортските организации (5.000 рубли во 1911 година отишле во друштвото за физичко образование „Богатир“). Исто така трошел пари на приватно занимавање со спортови како што се тенис и велосипедизам. Забележано е дека царот платил две илјади рубли на чевларот за дршката на тегот да ја преслече во кожа.
А, што е со неговите приходи? Митот за царевото „огромно богатство“ се засновува пред сѐ на вредноста на земјиштето кое било во сопственост на Министерството на императорскиот двор. Вистина е дека овие површини биле огромни (само на Алтај и околу Бајкалското езеро имало над 65 милиони хектари). Но, оваа земја не можело да се продава, така што таа не може да се проценува по пазарна вредност,
Но, Алтај и областа околу Бајкалското езеро се богати со злато, сребро, бакар, јаглен и олово. Рудниците во овие области носеле годишен приход од 6-7 милиони рубли. Освен тоа, Царскиот музеј Ермитаж, царските театри во Москва и во Санкт Петербург, како и многу други институции кои официјално му припаѓале на царското семејство, биле извор на приходи.
Царот Николај и принцот Алексеј
Global Look PressСите заработени пари оделе во Министерството на императорскиот двор кое ги покривало трошоците за одржување на дворот, за организирање официјални настани, како и за превоз и обезбедување на царското семејство, и многу други работи. Често Министерството морало да позајмува пари од државата за одржување на дворот. Во 1913 година Министерството на императорскиот двор потрошило над 17 милиони рубли.
Царското семејство определено количество пари чувало на сметки во европските банки. Овој имот се проценува на 7 до 14 милиони рубли (од 0.7 до 1.4 милиони фунти во денешни пари). Точниот износ на овие сметки сѐ уште не е познат. За време на Првата светска војна Николај ги затворил своите сметки во Англија и парите ги вратил во Русија. Но, не можел да ги затвори германските сметки кои биле замрзнати зашто двете земји биле во војна.
Николај II и британскиот крал Џорџ V, 1913
Во 1934 година Наталија Шереметјева, вдовицата на братот на Николај, великиот кнез Михаил Александрович Романов, ја тужела Германија за своето наследно право. Четири години подоцна судот ѝ одобрил да ги наследи парите од овие сметки, но износот не е објавен до денешен ден. Но, знаеме дека вкупната сума не била голема зашто хиперинфлација во Германија во дваесеттите години од минатиот век речиси ги обезвреднила сите пари,
Кога станува збор за парите што болшевиците ги национализирале по револуцијата, дури и упатените историчари не можат точно да кажат колку отишле во државниот буџет, а колку се украдени.
Царскиот накит спаѓал меѓу најскапите предмети што ги поседувало царското семејство. По абдикцијата на Николај, Романови го изгубиле правото на официјалните царски регалии и на крунските дијаманти.
Скапоцениот накит на семејството Романови, 1926
ВикипедијаПривремената влада исто така ги национализирала сите фондови под контрола на императорската Канцеларија, но на царското семејство му било дозволено да го задржи личниот накит. Царицата и нејзините ќерки ги сошиле во поставите на своите фустани кога семејството било протерано на Сибир, а по убиството накит е пронајден на нивните трупови. Многу подоцна царските дијаманти и накитот се појавиле на европскиот пазар каде ги купувале приватни колекционери.
На крајот можеме да видиме дека личниот имот на Николај Втори бил многу помал од имотот на најбогатите олигарси и бизнисмени на денешницата. Иако царот имал стабилен приход морал да бара и да правда поголем дел од средствата што ги трошел. Правото на овој имот е укинато по абдикцијата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче