1. Што е тоа „топење“?
„Топење“ (рус. „оттепель“) е период во историјата на Советскиот Сојуз за кој беше карактеристична делумната либерализација на политичкиот и на општествениот живот, сеопфатна десталинизација, рехабилитација на жртвите на режимот на Сталин, премин од тоталитаризам кон „мека диктатура“, ублажување на цензурата и појава на извесна слобода во творештвото.
„Топењето“ започна на 25 февруари 1956 година со настапот на Никита Хрушчов на седница на 20 конгрес на Комунистичката партија на СССР и неговото излагање „За култот на личноста и неговите последици“. Во овој говор Хрушчов остро го критикуваше култот на личноста на Сталин и многу аспекти на неговата политика.
Со ова Хрушчов сакаше да го обнови политичкиот систем и на народот да му ја врати довербата во Партијата. У покрај одобрените слободи, државата успеа да ја задржи контролата на сите процеси во советското општество.
„Топењето“ се карактеризираше со крајни контрадикторности. Од една страна постоеше отвореност кон светот и желба за нормализација на односите со Западот, а од друга страна имаше задушување на Унгарската револуција во 1956 година против советската власт. Од една страна постоеја разговори за духовната и за интелектуалната слобода, а од друга се стрелаа работниците што се побунија во Новочеркаск во 1962 година и антирелигиските кампањи со големи размери.
2. Како се појави терминот „топење“?
Политичкиот термин „топење“ настана во истоимениот роман на советскиот писател Иљја Еренбург во кој се зборува за животот на работничката и на креативната интелигенција во едно провинциско гратче. Авторот го објави во 1954 година, две години пред познатиот говор на Хрушчов на 20 Конгрес.
Еренбург започна да работи на својот роман набргу по смртта на „таткото на народите“ и во него внимателно ја изнесе идејата за претстојните промени во СССР. „Сакав да доловам како големите историски настани влијаат на животите на луѓето во малечкото гратче, и да го пренесам тоа чувство на одмрзнување и своите надежи...“, напиша тој во своите мемоари подоцна.
На Хрушчов не му се допаѓаше што тој период од неговото владеење го доби називот „топење“. Него тоа го асоцираше со топењето на снегот и на лизгавица.
Меѓутоа, по повлекувањето од власта, и веќе пред крајот на својот живот, Никита Сергеевич го смени своето мислење и се сложи дека овој термин во принцип бил добро избран.
3. Како „топењето“ се манифестираше во советското општество?
Процесите на десталинизација и на делумната либерализација коишто ги започнаа властите влијаеја на сите аспекти од животот на советското општество.
Ослаби цензурата во литературата. Луѓето добија можност да ги читаат претходно забранетите стихови на Осип Мандељштам, на Константин Баљмонт, на Марина Цветаева и романот на Михаил Булгаков „Мајсторот и Маргарита“. А, во 1962 година беше објавен романот на Александар Солженицин „Еден ден на Иван Денисович“, за секојдневието на еден осуденик во казнено-поправен логор.
Младите автори ги објавуваа своите дела во либералниот весник „Новиот мир“. Поезијата стана исклучително популарна. Поетите како Евгениј Евтушенко и Андреј Вознесенски, собираа полни стадиони љубители на поезијата кои сакаа да се запознаат со нивното творештво.
Во текот на периодот на „топење“ во Советскиот Сојуз луѓето почнаа сѐ повеќе да се запознаваат со романите на странските писатели (на пример на Ерих Марија Ремарк и на Ернест Хемингвеј), а исто така и со дела на странските музичари. Американскиот џез-оркестар на Бени Гудман во 1962 година со голем успех гостуваше во СССР.
Во кинематографијата големите водачи и огнените револуционери ги заменија обични луѓе со своите проблеми и копнежи. Така во филмот „Шетам низ Москва“ (1963) на Георгиј Данели, јунаците не прават никакви подвизи, туку едноставно шетаат по главниот град.
Во архитектурата луксузниот стил на „сталинскиот ампир“ со барелјефи и столбови им го отстапува местото за изградба на стандардните четирикатници. На разочараните архитекти Хрушчов им порача: „На луѓето им требаат станови. Не треба да се восхитуваат на силуетите, туку да живеат во свои домови!“.
4. Кои се тие „шестидесјатници“?
Кардиналните промени во општеството доведоа до појава на нова генерација советска интелигенција позната како „шестидесјатники“ (рус. „шестидесятники“). Овие луѓе веруваа во хуманизмот, во слободата на творештвото и на изразувањето, и во човековото право на приватност.
„Шестидесјатници“ имаше меѓу уметниците, глумците, поетите, писателите, музичарите итн. Тие организираа состаноци по станови на кои по цела ноќе можеа да разговараат за проблемите на културата, на државата или едноставно за смислата на животот.
Иако некои од нив станаа противници на советскиот режим и се приклучија на дисидентите, сепак мнозинството веруваа во идеалите на комунизмот кои имаа намера да ги остварат со умерени демократски реформи.
5. Кога и зошто заврши периодот на „топење“?
Власта никогаш не дозволи „топењето“ во целст да се развие и задржа определена контрола над процесите во општеството. Човек и тогаш за антисоветски виц можеше да заврши на суд.
„Решавајќи се на фазата на 'топење' и свесно свртувајќи се во таа насока раковдството на СССР, вклучувајќи ме и мене, воедно стравуваше со тоа да не се предизвика наплив којшто ќе нѐ преплави и со кој тешко ќе можеме да излеземе на крај“; има напишано Хрушчов. „Стравувавме дека ќе ги изгубиме претходните можности за управување со земјата, па го сузбувавме ширењето на расположението коешто според мислењето на раковоството не беше пожелно“.
Кога во 1964 година на власт дојде Леонид Брежњев започна интензивна борба против неистомислениците и се зајакна цензурата. Веќе следната година започнаа судски процеси против писателите Андреј Сињавски и Јулиј Даниел кои беа обвинети за ширење антисоветска пропаганда.
Организацијата на млади поети СМОГ („Смелост, Мисла, Образ, Длабочина“) основана е во 1965 година, но постоеше само една година. Беше распуштена по одбивањето на нејзините членови да се покорат на контрола на државните структури, а нејзиниот водач Леонид Губанов принудно беше упатен на лекување во психијатриска болница.
Конечниот крај на „топењето“ се поврзува со сузбивањето на процесот на либерализација во Чехословачка во 1968 година, познато како „Прашка пролет“. Многумина „шестидесјатници“ ја поддржаа Чехословачка поради што беа репресирани и принудени да се приклучат на дисиденсткото двжење. Во земјата започна таканаречената „епоха на застој“.